Советник од Германија во кабинетот на Заев | Македонија | DW | 06.09.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Советник од Германија во кабинетот на Заев

Ќе се формира германско-македонски управувачки комитет кој ќе биде посветен на економски прашања, а посебен советник ќе биде ангажиран и во кабинетот на премиерот Заев.

Во пресрет на посетата на германската канцеларка Ангела Меркел на Македонија, стигнуваат најави за унапредување и зајакнување на економската соработка меѓу двете земји. Премиерот Зоран Заев најави германско-македонски управувачки комитет, кој ќе биде посветен на економски прашања.

„Новина е тоа што со канцеларката Ангела Меркел веќе потврдивме управувачки комитет за економија. Зошто? Знаете дека имаме најголема трговска поврзаност со Германија. Се очекува 2018. година да заврши со трговска размена од 4 милијарди евра. Во 2017. година таа беше 3,6 милијарди. Овој управувачки комитет меѓу Македонија и Германија ќе биде само за економијата, не за политиката“, најави премиерот.

Повеќе:

Меркел во историска посета на Скопје

Германските фирми во Македонија вработуваат над 20 илјади луѓе

Покрај ова, премиерот наскоро ќе има нов советник.

„И идниот советник кој ќе биде во мојот кабинет ќе биде предочен од економската заедница во Германија. Тој најмногу ќе биде посветен на дуалната едукација, односно подготовката на квалификувана работна сила“, најави премиерот.

Тој потенцира дека бизнис-заедницата смета дека тоа е добредојдено и дека оваа помош нема да се однесува само на кадарот во германските компании, туку ќе се однесува на севкупниот кадар и ќе биде сериозно олеснување и можност за домашното стопанство.

Heiko Maas mit mazedonischem Amtskollegen Nikola Dimitrov (DW/B. Georgievski )

Германија е најголем трговски партнер на Македонија, а од членството во ЕУ се очекуваат дополнителни поволности

Економијата во фокусот

Придобивките што би ги имала економијата од членство на Македонија во ЕУ и НАТО, добиваат централно место во кампањата за референдумот. Премиерот од граѓанска трибина во општината Карпош, порача дека светот со почести и огромна почит пружа поддршка за Македонија.

„Бев насекаде во светот во овој период. Треба да знаете дека имаме големи и силни пријатели и поддржувачи. Европа ни е искрен пријател и сака да ѝ помогне на Македонија да го дигне стандардот сѐ до ниво кое ќе биде еднакво на европските држави, на стандардот на граѓаните од ЕУ,“ рече премиерот.

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, пред вчерашната средба со граѓаните на Крива Паланка, присуствуваше на свечено потпишување Меморандум на соработка во насока на зајакнување на бизнис секторот и деловниот амбиент во градот, склучен меѓу Стопанската комора и општината.

„Ако сме одговорни како држава, треба да ја направиме Македонија европска и да има доволно работни места и во нашите градови, села. Ајде заедно на 30-ти септември да бидеме мудри и да го направиме македонскиот пасош доволно значаен и вреден, за да не ја бараме егзистенцијата во туѓите пасоши. Во тоа е суштината на историските прашања што ги затвораме: создавање на можности и подобри стандарди за граѓаните“, порача Димитров.

Фокусот на економијата го стави и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на средба со граѓаните во Велешко.

„Придобивките се огромни од членството во НАТО и ЕУ. Загарантирана е безбедноста, загарантирани се границите, а огромни се и бенефитите за економијата. Сега Македонија добива по 260.000 евра дневно како помош од ЕУ, а таа ќе расте со нашиот напредок на тој пат“, посочи Спасовски.

Членството во НАТО и ЕУ носи повисоки приходи за граѓаните, повеќе инвестиции, работни места и поголем пазар за фирмите“, рече Спасовски.

Како пример ги посочи земјите од регионот.

„Просечната плата во Бугарија е зголемена двојно во однос на 2007. година. Невработеноста од 17,2% во 2007., денес е 5,3%. Во Романија просечна плата од 1025 леи во 2007. година порасна на 4527 леи во 2018. година. Невработеноста од 15,6% во 2007., денес е 4,3%, компарираше Спасовски.

Deutschland Gerüstbauer (picture-alliance/dpa/C. Charisius)

Владата зборува за пораст на индустриското производство, опозицијата негира

Параметрите покажуваат раст

За перспективите на македонската економија говорат и податоците на кои укажа Стопанската Комора на Македонија: дека со членството на земјата во НАТО ќе се отвори можност за пласман на македонските производи и услуги за потребите на Алијансата, која добавува 32 милиони производи од 16 милиони добавувачи. Ваквиот податок беше искоментиран од премиерот Заев.

„Една од придобивките не е само тоа што НАТО ни ја гарантира безбедноста, мирот и стабилноста, кои се најважни предуслови за бизнисот. Има и една друга убава придобивка. Имаме право како членка да партиципираме во набавките што НАТО ги прави. Тоа се стотици милиони евра можности кои се отвораат за нашите компании“, посочи премиерот, најавувајќи дека таа можност ќе се отвори по завршувањето на скринингот и потпишувањето на протоколот од земјите членки за полноправно членство на Македонија во НАТО.

Повеќе:

Вилсон: НАТО е гаранција за иднината на Македонија

Заев изрази задоволство и од сегашните економски резултати, кои според владини проценки и анализи ќе бележат раст на БДП во вториот квартал помеѓу 2.5% и 4%.

„Индустриското производство во јули 2018. во споредба со јули 2017. пораснало за 8,4%. Од јануари до јули 2018. во споредба со истиот период 2017. е вкупно 5,5% раст на индустриското производство. Со контролата преку УЈП и инспекциите, меѓу 8 и 10% е зголемен приходот од даноците во државата во споредба со лани. Извозот е зголемен за 14,5%. Сите овие параметри во најава покажуваат раст“, рече премиерот.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ не ги признава ваквите податоци. Тврди дека по  речиси половина изминат мандат на Владата економијата тоне, а растат само задолжувањата.

 „Реализацијата на капиталните инвестиции оваа година е катастрофална и рекордно историски најлоша во последниве 30 години. Само 21,33 отсто од планираните капитални инвестиции се реализирани. Поразително.  Затоа нема 600 километри нови автопатишта, нема 100 илјади денари плата за лекарите, затоа нема нови училишта, нови болници, нови градинки, студентски домови, спортски сали, затоа нема пари за земјоделците. Затоа растот на економијата во Република Македонија е на ниво 0, убедливо најнизок не само во споредба со европските земји, туку и во споредба со земјите од регионот“, обвини ВМРО-ДПМНЕ.

DW.COM

Реклама