1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Nord-Mazedonien Skopje Gerichtsprozess im Fall "Reket"
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Закон и правосудство

Случај „Рекет“: Добивме пресуда, но дали добивме правда?

Натали Петровска
19 јуни 2020

Натали Петровска од Коалицијата сите за правично судење прави пресек на клучните точки од судскиот процес за случајот „Рекет“. Што е спорно во квалификацијата на делата, финансиската истрага и конфискацијата на имотот?

https://p.dw.com/p/3e1ou

Еден од можеби најконтроверзните предмети во македонската правосудна историја-случајот „Рекет” во четвртокот на 18 јуни ја доби првичната судска разврска. Контроверзен од повеќе аспекти, но клучниот е оној кој ја отвора вратата за сомнеж за постоење на евентуални влијанија врз „институцијата” Специјално јавно обвинителство, имајќи предвид дека истото претставуваше монократски орган, без класично предвидената нишка на хиерархија и субординираност како и останатите обвинителства во државава. 
Токму низ призмата на овој предмет, Обвинителството надлежно за гонење на организиран криминал и корупција креираше сликата за едно лошо функционално ad hoc тело кое предизвика големо разочарување и пад на „моралот” кај граѓаните во очекувањето на очигледно недостижната правда. Се чини дека оваа ситуација во некоја мера беше и природен акцелератор за апсолутно „демонтирање” на оваа институција и нејзино испраќање во историјата со донесување на новиот закон за јавното обвинителство. Но, повеќе од сигурно е дека истата од повеќе аспекти ги реактуелизираше прашањата поврзани со влијанијата врз обвинителствата, како и неказнивоста на корупцијата за кои токму СЈО требаше да понуди решение. 

Квалификација на делата 

Она што првично дава малку нејасна слика по однос на целата кривична постапка е фактот што квалификацијата на кривичното дело кое му е ставено на товар на првообвинетиот – перење пари и други приноси од казниво дело согласно член 273 став 1 од ЗКП, е збунувачка од аспект на самото исполнување на битието на кривичното дело. Имено, перењето пари е илегален процес на стекнување на голема сума пари генерирани од криминална активност, кои навидум изгледаат дека потекнуваат од легитимен извор. Парите од криминалната активност се сметаат за „ валкани“, а процесот „ги пере парите“ за да можат да изгледаат „чисто“, односно легално заработени. Перењето пари најчесто е процес кој поминува низ три фази: фаза на пласман, фаза на прикривање и фаза на интеграција. Во првата фаза парите се внесуваат во системот на финансиски институции или во стопанството, во втората фаза се врши прикривање на изворот на средствата по пат на креирање на цел систем финансиски трансакции коишто имаат за цел да го оневозможат следењето на трагата на сомнителните пари, додека пак интеграцијата претставува последна фаза во процесот на перење пари. Во оваа фаза парите се интегрирани во легитимниот економски и финансиски систем и претставуваат составен дел од вкупните средства во тој систем. 
Директивата на Европската заедница 2005/60/ЕЗ за спречување на користење на финансискиот систем со цел перење пари и финансирање на тероризам, перењето на пари го дефинира како „прикривање на вистинската природа, изворот на парите, претворање и пренос на имотот (средства) во смисла на прикривање на незаконско потекло, односно здобивање, поседување или употреба на средства стекнати од казниво дело. Сепак, треба да се има предвид дека пуштањето во оптек се однесува на последната фаза од процесот на перење пари, погоре опишана како фаза на интеграција каде парите се интегрираат во легалниот економски систем и се пуштаат во оптек. 
Врз основа на вака детално детерминираниот поим на „перење на пари”, ние се соочуваме со ситуација во обвинението, во која првообвинетиот е обвинет токму за ова, а начинот на кој наводно го сторил делото е со пуштање во оптек на паричните средства што ги прибавил со кривичното дело – Примање награда за противзаконито влијание, имено со купување на луксузен мебел, облека и обувки од модни дизајнери. Врз основа на ова се изведува заклучокот дека првообвинетиот не сторил дејствија на прикривање на вистинската природа на илегално стекнатиот имот, туку едноставно ги трошел илегално стекнатите пари на материјални добра.   Дополнително, како прашање се наметнува ставот на обвинителството зошто само едно лице е обвинето за ова? Во услови на постоење на три лица посочени во обвинителниот акт кои наводно земале пари, навистина е нејасно зошто само еден од нив се товари за ова конкретно кривично дело.

Доколку пак, евентуално првообвинетиот е тој за кој обвинителството смета дека ги „перел“ парите и на останатите обвинети, тогаш се поставува прашањето- Дали можеби обвинетите сториле кривично дело - Злосторничко здружување казниво по чл. 394 од КЗ.? Токму овие прашања, низ текот на целокупната постапка, ниту еднаш не беа ниту  коментирани, ниту образложени, а дополнително само фрлаат сомнеж врз целосната правна квалификација на кривичните дела кои се ставаат на товар на обвинетите. 

Nordmazedonien | Natali Petrovska,
Натали Петровска, извршен директор на „Коалицијата сите за правично судење“Фотографија: privat

Законот за кривична постапка во земјава, помеѓу другото предвидува и предлагање на мерки за обезбедување на присуство на лица во постапките, на мерки за претпазливост, давање мислења на судот за продолжување на веќе изречените мерки итн. Е ова последново, се чини навидум клучно за тоа дали едно обвинето лице ќе остане, да речеме, да издржува мерка притвор во одредена институција или својот дом, или пак можеби таа мерка воопшто нема да биде понатаму апликативна. Но сепак, законот предвидел последниот збор да го има судот. Па така, искажувањето на позитивно или негативно мислење на обвинителот во конкретен предмет не е обврзувачко за судот и истиот може по сопствено убедување односно оцена, да одлучи поинаку од она што обвинителот го дал како сугестија. 

Токму оваа надлежност која се вбројува во „работната листа” на активности на јавните обвинители, во конкретниов случај ја чинеше “слобода” поранешната специјална јавна обвинителка. Имено, како што веќе наведовме се работи за дејствија кои таа ги презела, а се однесуваат на давање позитивно мислење за укинување на потешка мерка и нејзина замена со полесна. Барем ова е она што е познато и е факт базиран на целокупната документација која е дел од списите на предметот “Империја”. Понатамошните дејствија кои се претпоставува дека истата ги преземала односно требало да ги преземе, а се однесуваат на олеснување на целокупниот статус на тамошниот осомничен, се поткрепени токму и единствено на исказот од осомничениот, а сега веќе сведок во оваа постапка. 

Имајќи го ова предвид, а особено можноста за практично влијание на одлуката за тоа дали едно лице ќе остане во притвор или не, го става секој еден јавен обвинител во државава во по малку неблагодарна положба. Аналогијата од исходот за овој јавен обвинител (завршување на самиот тој како обвинет) упатува еден вид на предупредувачка порака за останатите при нивното постапување. Или пак, ако се покачи дебатата за едно ниво повисоко, судот како последна инстанца која одлучува по однос на овие прашања идентично може да биде повикан очигледно на одговорност за некоја своја одлука, што е во апсолутна спротивност на начелото на слободно судиско убедување. 

Но, дури и сите овие прашања поврзани со надлежноста да добијат третман на хипотетички и да се префрли фокусот на нецелосно докажаниот факт на обвинителството дека второобвинетата за овие дејствија земала одреден паричен надомест, дури и во овој случај обвинителството не пласираше соодветни и суфициентни докази да ја поткрепи тезата дека истата земала износ од 50.000 евра како противвредност на „услугата” за осомничениот.  

Финансиска истрага 

Она што е навистина невообичаено во предметот е што во рамки на истиот се предложени исклучително мал број на докази кои се однесуваат на имотната корист стекната со кривичното дело, нејзината распределба помеѓу обвинетите, како и евентуалното понатамошно префрлање, трансформирање, умножување или било какво друго располагање со имотната корист. Иако во кривичната постапка јавниот обвинител е должен да прибира и предлага докази во однос на нелегално стекнатиот имот, во конкретниот случај не беа изведени докази кои се однесуваа на следење на незаконски стекнатиот имот и неговото располагање од страна на обвинетите лица. Ваквите докази се исклучително битни, како од аспект на докажување на постоењето на кривичните дела, така и во поглед на лоцирање и одземање на нелегално стекнатиот имот. Отсуството на докази за нелегално стекнатиот имот е дотолку повеќе невообичаено доколку се земе предвид дека обвинетите лица примиле награда од исклучително висока сума од 1.500.000 евра, имот кој не е пронајден од страна на обвинителството, ниту пак е пронајден имот кој одговара на соодветната вредност. Во оваа насока, обвинителството нема прибрано докази кои се однесуваат на имотот на обвинетите лица, па дури ни вештачење за утврдување на вредноста на привремено одземените предмети од обвинетите. Ситуацијата дополнително се усложнува доколку се земе предвид дека привремено одземените предмети според обвинителството се воедно и предметите со кои е сторено кривичното дело перење на пари, односно предмети во кои е претворена нелегално стекнатата имотна корист. Поради ова е и особено важно да се докаже поврзаноста на овие предмети со кривичното дело, како и да се утврди нивната точна вредност, но за жал поради недостигот на вакви докази, вредноста на предметите не беше определена ниту со пресудата на судот со која утврди вина за сторување на кривично дело перење на пари, ниту со одлуката за конфискување на привремено одземените предмети. 
Имајќи го ова предвид, во конкретниот случај било повеќе од неопходно кривичната истрага да биде придружена со финансиска истрага, преку која би се прибрале доволно докази со кои обвинителството би ја докажало надвор од разумно сомневање вредноста на имотот која секое од обвинетите лица ја стекнало незаконски. Преку ваква финансиска истрага би се поткрепиле доказите во прилог на сторување на кривичното дело примање награда за противзаконито влијание, бидејќи ќе покаже дали навистина обвинетите примиле одредена имотна корист (награда), а особено би придонела надвор од разумно сомневање да се докаже, првенствено дали е сторено кривично дело перење на пари, а потоа и кој го сторил делото. 
Од друга страна, потребата од финансиска истрага е уште поголема доколку се земе предвид можноста за конфискација на нелегално стекнатиот имот. На овој начин, би се овозможило да биде прецизирано со точно колкава вредност на имотот се стекнало секое од обвинетите лица, како и дали тој имот е понатаму префрлен на трети лица, умножуван или манипулиран на било каков начин, што за крајна цел ќе има да оневозможи било кое лице да се стекне со незаконска имотна корист преку конфискување на истата. Воедно, преку соодветно идентификување на приносите од кривичното дело би се овозможила максимална заштита на правото на сопственост и правото на фер и правично судење при евентуалната постапка за конфискација на нелегалните приходи. Во контекст на ова, изјавата на Јавниот обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, која воедно го водеше овој предмет, дадена по изрекувањето на пресудата, во која вели дека по нејзина проценка имотот се наоѓа „најверојатно кај обвинетите”, делува навистина непрофесионално и сериозно ги подгрева шпекулациите во јавноста во врска со прашањата кои настануваат токму поради недостигот на финансиска и соодветна кривична истрага.

Проширена конфискација

Овие прашања во крајна линија водат и до мерката конфискација на имот и имотна корист. Во овој предмет обвинителството со самиот обвинителниот акт поднесе и предлог за одземање на предметите со кои е сторено кривичното дело од сите обвинети во предметот, а стануваше збор за предмети од техничка природа (компјутери, таблети, мобилни телефони, хард дискови и слично), иако не беше точно прецизирано дали станува збор за предметите со кои е сторено кривичното дело. Одземањето на средства за комуникација како предмети со кои е сторено конкретното кривично дело, без притоа да постои квалификација на злосторничко здружување е во секој случај посебна тема за дебата, но, она што е особено интересно е што обвинителството имаше и посебен предлог за одземање на облеки, накит и уметнички слики од првообвинетиот како доказ за стореното кривично дело перење пари, односно имот во кој е претворена вредноста и на тој начин е сторено делото. Во отсуство на конкретни докази за движењето на незаконски стекнатиот имот, слично како и кај кривичното дело перење пари, така и тука може да се постави прашањето - Зошто вакви предмети, во кои е претворена имотната корист е побарано да се одземат само од еден од обвинетите? 
Независно од ова, откако во текот на главната расправа одбраната презентираше докази кои укажуваат на можноста дел од одземениот имот од овој обвинет да бил набавен пред сторување на кривичното дело, јавниот обвинител во завршните зборови побара мерка проширена конфискација, но повторно без конкретно прецизирање на износот кој бара да се конфискува. Ова претставуваше нов момент во предметот, кој дополнително предизвика дилема- зошто проширена конфискација и зошто на самиот крај од предметот? Проширената конфискација во принцип овозможува одземање на определен имот од сторителот (на некое од посебно предвидените кривични дела), кој е стекнат во определен временски период пред сторување на кривичното дело. Ова претставува еден вид на механизам со кој во голема мера се олеснува работата на обвинителот во поглед на степенот до кој истиот треба да докаже дека имотот (за кој е побарана проширена конфискација) е незаконски стекнат. Во овој случај, обвинителот треба да приложи само докази со кои ќе се внесе сомнеж за незаконски стекнат имот, додека пак товарот на докажување е поголем на страната на обвинетото лице треба да ја докаже легалната природа на истиот.
Сепак, судот во пресудата одлучи дека предметите ќе се конфискуваат, но не како што тоа беше предлог на обвинителството туку на начин што ќе се одземе имотната корист во која е претворена користа стекната со кривичното дело. Иако мерката конфискација на нелегалните приходи стекнати со кривичното дело кај нас се изрекува доста ретко,а особено во случаи поврзани со корупција, она што сепак остави посебен впечаток во ваквата одлука е што судот не го објави износот на имотот кој ќе биде конфискуван. Имајќи предвид дека одземените предмети се облека, накит и уметнички слики, се јавува објективен сомнеж дека со одземањето на овие предмети се одзема целата незаконски стекната корист од 1.5 милиони евра. Од друга страна, останува да се види образложението на судската одлука во поглед на основаната увереност дека конкретните предмети се навистина имотот во кој е претворена незаконски стекнатата имотна корист. 
Имајќи ги предвид сите овие прашања, се чини дека конкретниот предмет нуди помалку одговори отколку што отвара прашања во поглед на начинот на кој е сторено кривичното дело кое практично го забрза распаѓањето на СЈО, институција која требаше да се избори со високата корупција и со влијанијата врз обвинителството и судовите. Во контекст на ова, особено е важно да се види финализирањето на овој, како и на останатите предмети поврзани со конретниот настан (Рекет 2, Империја и други евентуално поврзани постапки). Поради тоа, од исклучително значење е професионалното и темелно постапување на јавните обвинители во секој  индивидуален случај,а сособено во оние од оваа природа, како би се обезбедиле детални и прецизни истраги,а понатаму и целосно транспарентни постапки, кои би придонеле во идејата за зајакнување на ниската довербата која граѓаните ја имаат во обвинителствата, но и во судовите. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Поврзани теми
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Фатмир Бесими, министер за финансии

Бесими: Борбата со сивата економија ќе биде бескомпромисна

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница