1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Силјановска ќе игра „втор референдум“ за Договорот од Преспа

18 февруари 2019

На изборот на Силјановска може да се гледа и како на сведување на претседателската трка на гласање 'за или против' потврдувањето на поддршката на Преспанскиот договор, вели Александар Кржаловски од МЦМС

https://p.dw.com/p/3DYjB
Mazedonien Gordana Siljanovska-Davkova Uni Professorin
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Иако Гордана Силјановска Давкова беше избрана за претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ со големо мнозинство од 408 гласови од вкупно 519 делегати, реакциите на социјалните мрежи меѓу опозициското членство откриваат големо незадоволство од епилогот на завчерашната партиска Конвенција во Струга. Поранешниот градоначалник на Аеродром, Ивица Коневски, преку Фејсбук му порача на партискиот лидер Христијан Мицкоски дека за изборен успех е потребно обединување и посветеност на многубројното членство.

„Многу пати досега ти укажав дека мора да покажеш конструктивност и да го обединиш членството, затоа што тоа е неопходно за ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот успех на претстојните претседателски избори. А, доколку партијата загуби, ти како актуелен претседател ќе мораш да понесеш одговорност“, напиша Коневски, потсетувајќи го дека Груевски си поднел оставка од лидерската позиција по поразот на локалните избори во 2017 година.

Голем дел од незадоволството на членството е насочено кон фактот што Силјановска им се заблагодорила на професорите што ја мотивирале да се кандидира, но не и на партијата што ја поддржала. Сепак, најголемите критики се сведени на едно прашање: „Како може вмровски кандидат да биде поранешна министерка во Владата на Бранко Црвенковски?“ 

Повторен референдум“

Преку изборот на оваа кандидатка, и аналитичарите ја скицираат главната тема на изборната битка, а тоа без сомнение е Договорот од Преспа.

Mazedonien Skopje Partei VMRO-DPMNE
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

„Се чини дека делегатите го избраа најдобриот од деветте пријавени кандидати“, вели Александар Кржаловски, прв извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

Сепак, признава дека неговата прогноза била поинаква.

„Лично сметав дека фаворит на конвенцијата ќе биде единствениот друг сериозен кандидат - Влатко Ѓорчев, заради неговиот долг стаж во партијата и успех во сите досегашни избори кои ги предводел како носител на листата на ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, убедливата победа уште во првото гласање со 408 гласа од 519 присутни делегати, остава впечаток на гласање со насоки од раководството, а многу постови на Фејсбук го потврдуваат тоа. Ќе требаат уште неколку циклуси на 'зреење на демократијата' за вистинска партиска трка за кандидатури за високи функции“, оценува тој.  

Повеќе:

-Рецептот за Иванов се тестира и за Силјановска

-Трка само за претседател - истече рокот за пржинска влада

Професорката Силјановска ја смета за високо респектирана за нејзината стручност, со јасни ставови по најбитните прашања, особено за Преспанскиот договор.

„Изборот на Гордана Силјановска може да се гледа и како 'повторен референдум', односно на сведување на претседателската трка на гласање 'за или против' потврдувањето на поддршката на Преспанскиот договор, со оглед на тоа што професорката беше жесток критичар на Договорот, а на другата страна секако ќе има некој од најголемите поддржувачи на Договорот или негови креатори, како сегашните фаворити - Никола Димитров или Стево Пендаровски“, смета Кржаловски.

Вториот Иванов“ на прошетка со првиот

Но, нездоволството во опозицијата од номинирањето на Силјановска, ги отвора стравувањата за неуспешен изборен процес, со оглед дека голем дел од членството зборува за бојкот. 

Mazedonien Hristijan Mickovski Parteichef der oppositionellen VMRO DPMNE
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

„За жал, сега и јас мислам дека се зголемуваат шансите за неуспешен процес, односно дека се загрозува можноста за постигнување на цензусот од 40% во вториот круг. Иако поддршката на конвенцијата се покажа како голема, а ВМРО-ДПМНЕ е позната по својата силна партиска изборна машинерија што може да се преточи во многу гласови на изборите, сепак тоа нема да е толку едноставно да се постигне кај поширокото членство, а веќе повторно има најави и за бојкот од новите редови и за овие избори“, констатира Кржаловски. 

Во СДСМ изборот на претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ го оценија како „официјализирање на личниот избор на Мицкоски“ и кандидирање на „втор Иванов“.

Силјановска вчера го завери таквиот став. Прошета низ Охрид токму во друштво на претседателот Иванов и членови на најтесното раководство на ВМРО ДПМНЕ.

„Што може да се каже за кандидат којшто го гледаме како се шета со Ѓорге Иванов. Знаеме дека граѓаните не сакаат, и нема да дозволат нов Иванов, и послушник на Мицкоски. Силјановска имаше шанса да покаже дека се разликува. Таа не се огради ниту од криминалните политики на Груевски, ниту од деструктивните активности на Мицкоски против напредокот на нашата земја, против Договорот од Преспа, против НАТО и ЕУ“, реагираа од СДСМ.

Разговори Заев-Ахмети

Но, сега токму социјалдемократите и владејачка коалиција се пред тест: каков претседателски кандидат ќе изберат. Синоќа на лидерско ниво била постигната начелна согласност на партиите во Коалицијата предводена од СДСМ (што ја сочинуваат над 20 партии) да застанат зад заеднички кандидат за претседател и заеднички да настапат на претседателските избори уште во првиот круг. 

Treffen zwischen Zoran Zaev und Ali Ahmeti
Фотографија: DW/V.Kalinski

„Договорено е да продолжат пошироки консултации во рамки на партиите кои се дел од Коалицијата, за избор на најсоодветен заеднички кандидат за претседател на државата, во интерес на граѓаните“, беше соопштено по средбата.

На истата тема премиерот Заев денеска во Клубот на пратениците ќе разговара и со коалицискиот партнер, лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Во интервју за косовската телевизија, Ахмети не ја исклучи можноста за договор за консензуален кандидат на власта, бидејќи партиите во албанската опозиција го одбиле предлогот за заеднички кандидат Албанец.

„Јас пружив рака, но албанските опозициски партии излегоа со многу навредувачки ставови и не ја прифатија пружената рака. Мене ми е жал за тоа. Ние стоиме на нашиот принцип за претседател на државата со договор помеѓу страните кои имаат легитимитет, значи на албанската и македонската страна. Има волја за да се постигне договор“, изјави Ахмети.