СЗО: Тешка потрага по потеклото на коронавирусот во Кина | Свет | DW | 21.12.2020

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

СЗО: Тешка потрага по потеклото на коронавирусот во Кина

По повеќемесечни одложувања, сега е дефинитивно – на почетокот на јануари група интернационални експерти по налог на Светската здравствена организација патува во Кина за да ги истражува почетоците на коронавирусот.

Тежок потфат, зашто кинеското раководство прави сѐ што може за да ја одбегне одговорноста за пандемијата. Ретко кога едно научно истражување имало толкав политички набој како оваа мисија на СЗО. Меѓу експертите е и еден Германец – епидемиологот Фабијан Лендерц од Институтот Роберт Кох во Берлин. Тој истакнува дека политизацијата минира бројни шанси.

Со недели кинеската државна пропаганда се обидува зачетокот на коронавирусот да го лоцира некаде надвор од земјата. „Ковид-19 не започна од Вухан", напиша неодамна „Народен весник", гласноговорник на Комунистичката партија на Кина. Но, за Фабијан Лендерц, епидемиологот од Институтот Роберт Кох, е јасно дека во истражувањето Кина не може да биде заобиколена:

„Најсолидните податоци со кои досега располагаме укажуваат на почеток на пандемијата од Вухан. Првите секвенци стигнаа оттаму, првите јасно опишани случаи на болеста кај луѓе, затоа за нас тоа сѐуште претставува почетен пункт."

Лендерц и девет други меѓународни стручњаци значи имаат намера да ги започнат испитувањата за почетоците на вирусот токму во Вухан, по налог на СЗО и во тесна координација со кинеските колеги - научници.

Повеќе на темата:

Истрага за потеклото на коронавирусот: Експерти на СЗО во Кина

Трамп тврди дека видел докази за потеклото на коронавирусот

Дали САРС-КоВ-2 е произведен во лабораторија?

Пропагандна војна помеѓу Кина и САД: Чиј е коронавирусот?

За точниот налог на мисијата се водеа долги преговори. Експертите сакаат уште еднаш да извршат увид во податоците за првите случаи и да се обидат колку што е можно да го реконструираат избувнувањето на пандемијата.

Тоа што мисијата доби политички набој, што кинеското раководство лансира сопствен наратив за потеклото на вирусот, а американскиот претседател Доналд Трамп упорно го употребува терминот „кинески вирус", на научниците не им ја олеснува работата.

„За мене лично ова е проблематика која досега не сум ја доживеал. Јас ги истражував и почетоците на големата епидемија на ебола во Западна Африка и слични болести, но досега сме немале работа со вакво ниво. Мислам дека тоа ни ускратува неверојатно многу шанси," вели Лендерц.

Ковид-19: Изолацијата на Пекинг функционира?

Зашто, работата на експертите не е едноставна, информациите за почетокот на Ковид-19 се сѐуште „тенки", истакнува Лендерц, кој во Институтот Роберт Кох врши истражувања на инфективни болести кои подеднакво се појавуваат кај животните и кај луѓето.

Научниците претпоставуваат дека вирусот потекнува од лилјаци, веројатно од јужна Кина, но преку некој „домаќин-посредник" е пренесен врз луѓето. Но, како и кога, и натаму е нејасно.

Повеќе на темата:

Кинеската традиција на јадење диви животни и коронавирусот

Зоонози - колку се опасни?

„Одиме без цврсти претпоставки, тоа значи дека ќе се раководиме од трагите на кои ќе наидеме, доколку тие нѐ водат низ Кина, тогаш ќе ги следиме, ако ‘жешки траги' водат во некоја соседна земја, тогаш таму ќе биде одредиштето кон кое ќе се упатиме, каде мора да се истражува", потенцира Лендерц.

Но, тој во секој случај сака да го погледне во меѓувреме озлогласениот пазар за риби и месо во Вухан. Тој е одамна затворен и темелно дезинфициран, но епидемиологот сака да стекне сопствена слика.

„Големо прашање е дали пренесувањето на вирусот од животно врз луѓе вистински се случило на овој пазар. Најверојатната хипотеза е дека пазарот бил контаминиран со симтоматски луѓе и дека тука било само едно од првите жаришта на експлозивно ширење на коронавирусот."

Лендерц и неговите колеги не очекуваат брзи резултати. Потрагата по потеклото на некој вирус може да трае со години, но сепак е исклучително важна, истакнува експертот на СЗО. Не за да се најде „виновник" за избувнувањето на пандемијата, туку за да се редуцира ризикот за слични зарази во иднина.