1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Зоонози - колку се опасни?

Гудрун Хајзе
20 јули 2020

Многу болести се пренесуваат од животно на човек. Некои се безопасни, други се смртоносни. До сега има околу 200 зоонози, а бројот се зголемува. Една причина: ние навлегуваме во животен простор кој нам ни е несвојствен.

https://p.dw.com/p/3faps
Indischer Falscher Vampir Ghost False Vampire bat
Фотографија: picture-alliance/Mary Evans Picture Library

Меѓу 60 и 70 проценти на сите заразни болести кај луѓето потекнуваат од животни. „И сипаниците се во таа група”, вели Изабела Екерле. На универзитетската клиника во Женева таа го води центарот за нови вирусни болести. „Претпоставуваме дека со вдомувањето на животни пред илјадници години вирусот на сипаници се префрлил на луѓето”. Такво минато, смета Екерле, имаат многу вируси. Вируси, бактерии, паразити се предизвикувачи на зоонози.

Беснило, туберкулоза, но и ХИВ и токсоплазмоза која се пренесува преку мачки, а исто и чумата. Таа е една од светски познатите најстрашни зоонози. Во 14-ти век убила преку 50 милиони луѓе.

Чумата во Европа е искоренета, а во некои региони во Африка, Азија, Јужна-, Средна и Северна Америка сѐ уште има случаи од оваа смртоносна болест. Во Мадагаскар на пример во 2017 имаше 120 смртни случаи од чума.

Pestarzt Doktor Schnabel von Rom 1656
Фотографија: Imago/Imagebroker

Многу начини на пренесување

Една зооноза не се пренесува само преку директен контакт од животно на човек, туку може да се пренесе и преку воздух или контаминирани прехранбени производи. Такви патогени може да се најдат во производи од животинско потекло како млеко, месо или јајца. Ако не се загреваат доволно или се приготвуваат во нехигиенски услови може да станат опасен извор на зарази. Салмонелите на пример може брзо да се шират.

Повеќе:

-Нов вирус на свински грип со потенцијал да прерасне во пандемија

-Кинеската традиција на јадење диви животни и коронавирусот

-Дали САРС-КоВ-2 е произведен во лабораторија?

Друга варијанта се векторите. Тие трансмитираат патогени од домаќинот на човекот, ама самите не заболуваат. Таков пример се крлежите. Ако се закачат може да се случи патогенот на менингоенцефалитис или борелиоза да го пренесат на човекот. Некои видови комарци се исто така вектори. Некои пренесуваат маларија и други болести.

Диви животни

Најдоцна по појавата на САРС во 2003 година научниците се занимаваат со диви животни ка ко можен извор за разни болести. Тука предничат глодари и лилјаци во фокусот на научниците.

„Има многу лилјаци и илјадници глодари кои во себе носат патогени. Секако има и такви кои остануваат во својот домаќин, но има и такви кои инфицираат луѓе”, вели Екерле.

Вештачки создадени

Глобализацијата, светската трговија и желбата за патување ги приближија луѓето од различни култури и континенти. Исто така се повеќе ни се потребни суровини и простор. Безмилосно ги сечеме дождовните шуми, ги уништуваме екосистемите и со тоа им одземаме доста животен простор на дивите животни. „Природните граници меѓу луѓето и егзотичните животни кои ги имаше порано, веќе не постојат,“ вели Екерле.

Многу нови зоонози настануваат поради тоа што е нарушен балансот во екосистемот. „Ако има недопрен екосистем со различни животински видови, тогаш еден вирус има помали шанси да го промени својот домаќин и директно да ‘скокне’ кај луѓето,“ појаснува Екерле.

Добиток или домашни миленичиња

Но, и во нашата околина не сме имуни на опасни патогени. Добитокот на пример е исто така домаќин. Кога патогените ќе навлезат кај продуктивните животни, веројатно е дека следниот чекор е тој да стаса во телата на луѓето по што е можен пренос на зараза од човек на човек.

Но, не само продуктивните животни туку и домашните миленичиња – на пример, кучиња и мачиња,  може да бидат извор на зоонози. Пример за тоа е опасната токсоплазмна која се пренесува од мачки. „Има различни бактерии и паразити со кои човек може да се зарази од домашни миленичиња. Но овие зоонози добро ги познаваме бидејќи подолго време ги истражуваме домашните миленичиња,“ вели Екерле.

Ризикот кај нив е предвидлив, нагласува вирологот - човек може на пример да се заштити ако не ги пушта миленичињата во сопствениот кревет и често да се мијат рацете.

Посебна опасност

„Сметам дека најчести зоонози се оние, за кои не слушаме многу бидејќи не се пренесува од човек на човек. Обично е трагично или опасно за лицата кои се заразени, но за целата популација не е голем ризик,“ објаснува Екерле.

Голем број патогени имаат мал потенцијал да се пренесат од еден човек на друг. Овие зоонози може лесно да се ограничат, бидејќи докторите можат релативно лесно да тестираат поединци. Поинаку е кога ќе се развие пандемија како со коронавирусот. „Сега е коронавирус, за неколку години ќе биде некој друг вирус. Проблемот е повеќе во тоа што ќе научиме од ова,“ резимира Екерле.

Сламка за спас на панголините

Треба јасно да се објасни како луѓето треба да се држат настрана од диви животни или патогени. „Мора да се погрижиме за тоа да се зачува екосистемот,“ бара Екерле. „Ситуацијата е слична како кај климатските промени. Се знае дека вака понатаму не се може и дека се потребни итни чекори. Но, некако како ова да не се сфаќа сериозно сѐ додека не биде предоцна.“