Се ситнат болничките и кадровски капацитети за лекување на Ковид-19 | Северна Македонија | DW | 13.10.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Се ситнат болничките и кадровски капацитети за лекување на Ковид-19

Преку реорганизација може да се обезбедат дополнителни болнички легла. Владата во Скопје денеска на онлајн-седница ќе одлучува за предложените рестриктивни мерки.

Кон горната граница на исполнетост се приближуваат капацитетите на Клиниката за инфективни болести во Скопје. До вчера таму биле хоспитализирани 95 пациенти. Иако се очекува денеска дел од оздравените да заминат, поради зголемениот раст на нови случаи позитивни од Ковид-19, не може да се предвиди за колку време ќе се пополнат двесетината до триесет преостанати болнички легла. Кога тој капацитет ќе се исполни до максимум, новите случаи ќе се примаат во модуларната болница која е поврзана со Инфективната клиника, а во неа има 130 кревети за прием на тешко и средно-тешко болни пациенти.

Во почетокот на пандемијата властите декларираа дека македонскиот здравствен систем на располагање има повеќе од 1.000 болнички кревети за хоспитализирање на пациенти со коронавирус: во Клиниката за инфективни болести и модуларната болница, во ГОБ „8 Септември“, во инфективните одделенија во повеќе општини, во Институтот за белодробни заболувања во Козле, во депандансот на Министерството за труд и социјална политика во Демир Капија, како и понудените капацитети од приватните болници.

Позајмување на стручен кадар

Но, инфективните одделенија во Прилеп, Куманово, Струмица и Велес веќе се полни, а некои од нив се соочуваат и со недостиг од стручен кадар. Проблемот ќе се решава со ротација на лекари и медицински сестри од други, во моментов помалку оптоварени болници и клиники.

Поради зголемениот број на нови позитивни на Ковид-19, дополнителни болнички легла се очекува да се обезбедат и со реорганизација на болничките капацитети. Според здравствени експерти, важно е тоа што посокоро да се спроведе, со оглед дека бројката на заразени рапидно се зголемува.

Повеќе:

-Ковид-19: Седмичен биланс во април, колку дневен биланс во октомври

-Филипче: Се бара задолжително носење маски и на отворено

-Страв од судар на грипот со короната

Директорка на Клиниката за инфективни болести и фербилни состојби, д-р Милена Стевановиќ, вчера потенцираше дека тој раст е резултат на непочитувањето на мерките и несовесното однесување, а ако истото продолжи последиците ќе ги трпи здравствениот систем и пациентите.

„Ќе се одрази со недостиг од простор, со недостиг од сила на медицинскиот кадар. Седум месеци се бориме да го сочуваме системот за да може на секого да му пружиме здравствена нега. Нѐ очекува многу тежок период. Не ја искористивме приликата од летото да ги намалиме бројките, напротив драстично ги зголемивме. Никогаш не е доцна да почнеме да се штитиме, никогаш не е доцна да бидеме сите соодветно одговорни“, изјави Стевановиќ за ТВ „21“.

Нови мерки

Владата на денешната седница треба да донесе одлука за рестриктивните мерки што минатата недела ги предложи Комисијата за заразни болести: забрана за масовни семејни собирања, при што едно семејство ќе може да прими најмногу четворица гости; забрана за групирање на повеќе од четири лица на отворен и затворен простор по 22 часот; и носење заштитна маска или покривка на лицето и при престој на отворено, дури и кога лицето се движи само. Meрката не важи при спортување, за деца до шест години, при транспорт во приватно возило со членови на семејството, при седење во угостителски објекти со почитување на протоколите, и ако лицето е само во канцеларија.

Исто така, се очекува да биде ревидирана одлуката за влез на државјани на Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина во Северна Македонија, без ПЦР-тест. Причина за тоа е новонастанатата епидемиолошка состојба во регионот.

Но, во моментов процентот на заразени во Србија, како и процентот на хоспитализација е понизок во споредба со земјава. Не се преполнети болничките капацитети, а се зајакнуваат превентивните мерки, со оглед дека доаѓаат постудени денови, кога грѓаните почесто ќе престојуваат во затворени простории кадешто можноста од зараза е поголема. 

„Сакавме нашата граница да биде отворена, да има комуникација на луѓе и стоки од економски причини, бидејќи без економија нема ништо. Од друга страна, опкружени сме со многу лоша епидемиолошка состојба во сите држави околу нас, што е голем ризик“, изјави за српските медиуми професорот Бранислав Tиодоровиќ, епидемилог и член на српскиот кризен штаб.

Поради опасноста да колабираат здравствени системи по налетот на голем број заразени во октомврскиот бран, земјите од соседството и регионот преземат нови рестриктивни мерки: задолжително носење маски и на отворено, ограничување на собирања, зголемување на бројката на возила во јавниот транспорт.

Во регионот предничи Романија со повеќе oд 2.000 заразени дневно, во Унгарија се над 1.000, а билансот за последното деноноќие во Бугарија е 587 позитивни или 13.5% од 4.320 тестирани. Според истражувањето на бугарскиот професор Преслав Димитров, во следните месец-два бројката на новозаразени во Бугарија може да надмине 1.200 на ден, доколку не се преземат построги мерки.

Поврзана содржина

Реклама