Светот ужаснат од крвопролевањето во Лондон | Свет | DW | 04.06.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Светот ужаснат од крвопролевањето во Лондон

Нападот во Лондон извршен од тројца напаѓачи, во кој загинаа 7, а повредени се најмалку 48 лица, предизвика ужаснатост во светот.

Германската канцеларка Ангела Меркел, шокирана од нападот, им изрази солидарност на Велика Британија и Лондон. Германија е цврсто на страната на Велика Британија во борбата против секаква форма на тероризам, уверува канцеларката. Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер изрази ужаснатост и оцени: „Ладнокрвноста со која извршителите ги напаѓале минувачите е гнасна.“

„Длабоко сочувствуваме со Британците. Тие ја имаат целата наша солидарност“, реагираше шефот на германската дипломатија Зигмар Габриел.

Американскиот претседател Доналд Трамп остро го осуди терористичкиот напад и телефонски и` изрази сочувство на британската премиерка Тереза Меј. Францускиот претседател Емануел Макрон на Твитер напиша дека по „новата трагедија“ Франција е на страната на Велика Британија.

Во текот на ноќта реагираа и врвните ЕУ-политичари. Претседателот на Европската Комисија Жан-Клод Јункер на Твитер напиша дека „мислите и молитвите се со жртвите и нивните семејства“, а претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск, соопшти: „Европа стои на страна на Обединетото Кралство во борбата против тероризмот“.

Доцна вчеравечер тројца напаѓачи во Лондон убија седум лица, а најмалку 48 се повредени. Напаѓачите, како што се вели од полициски извори, се убиени. Според наводи на полицијата, вчеравечер транспортно возило на Лондон Бриџ влетало во група пешаци. Автомобилот потоа се упатил кон пазарот Бороу Маркет. Таму тројцата осомничени напаѓачи се симнале од возилото и напаѓале луѓе со ножеви. Притоа, според изјави на очевидци, извикувале: „Ова е за Алах“. Полицијата соопшти дека напаѓачите биле убиени од страна на безбедносните сили осум минути по добивањето на првиот повик за итна помош. 

Реклама