Самит на ЕУ: Сите прашања се отворени, компромисот неизвесен | Свет | DW | 17.10.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Самит на ЕУ: Сите прашања се отворени, компромисот неизвесен

Брегзит не е единствената тема за која ќе се водат жешки дискусии на денешниот самит на лидерите на ЕУ во Брисел. Распределбата на функции во ЕК, на парите, како и прашањето за проширувањето на Унијата.

Дури и без драмата околу Брегзит, Самитот на лидерите на ЕУ денеска и утре во Брисел, ќе биде многу необичен.
„Ова е многу необичен самит затоа што бројни важни прашања се нерешени во моментов. Единствено сигурно е дека самитот ќе започне во четврток попладне“, вели еден ЕУ дипломат.
Францускиот претседател Емануел Макрон пристигнува во навреден модус. Неговиот кандидат за ЕУ комесарка, Софи Гулар беше одбиена во Европскиот парламент- за што тој ја обвинува идната претседателка на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Во пресрет на состанокот, Макрон и Фон дер Лајен планираат средба на која треба да утврдат кој француски кандидат би можел да го помине ветингот во парламентот.
Многумина веруваат дека одбивањето на Гулар е одмазда на Манфред Вебер, предводникот на конзервативната фракција во парламентот, и човек кој поради Макрон не стана претседател на Европската комисија.
Макрон е осамен и кога се работи за проширувањето на ЕУ. Меркел денеска во Бундестагот повтори дека ќе продолжи да инсистира да се одобри почеток на преговори со Албанија и Северна Македонија, иако призна дека шансите за успех се мали.

Макрон одбива да попушти, иако Европската комисија, парламентот и речиси сите членки на ЕУ чувствуваат дека условите за почеток на преговори се исполнети. Не се работи само за конфликт меѓу Макрон и Меркел, туку за судир меѓу Франција и остатокот на ЕУ. Германскиот државен министер Михаел Рот по министерските состаноци неделава изјави дека е многу разочаран од францускиот став.

Пријателството завршува кај парите

Но, кога станува збор и за парите, нема никаков консензус. Лидерите на ЕУ жестоко ќе се борат за следниот седумгодишен буџет на ЕУ за периодот 2021-2027 година. Германија и припаѓа на големата група на нето-плаќачи, и сака да го ограничи својот удел на 1 отсто од БДП на Унијата, Франција бара 1,03 проценти, додека Европската комисија очекува учество од 1,13 отсто.
Заминувањето на Британија од ЕУ ќе остави голема дупка во буџетот, која ќе мора да се пополни со заштедини зголемено учество од другите членки. Франција досега одбиваше да прифати намалување на земјоделските субвенции, додека Германија бара повеќе инвестиции во иновации, миграции и инвестиции. Компромис околу буџетот може да се очекува дури следната година откако Германија, која е далеку најголем нето-плаќач во буџетот на ЕУ, ќе го преземе претседателството со Унијата.
Турската воена операција во Сирија, како и проблемот со бегалците исто така ќе се најде на дневниот ред, со неизвесен исход. Со оглед на состојбата околу Брегзит, не е исклучено наскоро, до крајот на месецов, да се одржи и уште еден вонреден самит на лидерите на ЕУ.

 

DW.COM

Реклама