Самит на ЕУ за координација на анти-корона мерките | Свет | DW | 15.10.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Самит на ЕУ за координација на анти-корона мерките

Растечкиот број на новозаразени низ цела Европа покрена дебата во Брисел: како може да се спечи нов „локдаун“ кој би имал тешки последици врз економијата? И „вечната“ тема Брегзит е сѐуште нерешена.

„Се среќаваме во тешки околности, бидејќи Ковид-инфекциите растат (...) а на дневен ред е и идниот однос со Обединетото кралство.“ Со овие не баш оптимистички зборови претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, го започнува своето писмо за покана на 27-те шефови на држави или влади кои се среќаваат лично во денеска и утре во Брисел. Пандемијата и одолговлекуваниот спор околу договорот со кој треба да се уреди излегувањето на Велика Британија од ЕУ ќе бидат во фокусот на дискусиите. Од Брисел нема да излезе идеално решение ниту за двата проблема.

Во борбата против епидемијата која зема замав во втор бран низ Европа, секоја земја се справува со различни мерки. Франција најави исто како и Холандија и Италија ограничување на приватни прослави и во ресторани. Поради галопирачкиот број на новозаразени, Чешка воведува своевиден втор целосен карантин. Во Германија жестоко се дебатира за ограничувања за внатрешните патувања меѓу покраините. Германската канцеларка Ангела Меркел  во онлајн обраќање пред европските регионални претседатели и градоначалници во Брисел рече дека со голема загриженост го гледа растот на заразени во сите делови од Европа. „Ситуацијата останува многу сериозна", рече Меркел.

Границите да останат отворени, да се избегне локдаун“

Како и претходно бројот на спроведени тестови во ЕУ- земјите е многу различен. Додека во Луксембург се прават 6000 теста на 100.000 жители, во Бугарија само 380. Поради тоа речиси не може да се споредат статистиките за бројот на заразени. Ервропскиот центар за превенција и контрола на болести, ЕЦДЦ во Стокхолм пред Самитот истакна дека прекумерната смртност во поголемиот број земји е на нормално ниво – значи болеста е фатална кај помалку случаи споредено со пролетоска. Во некои земји како Шпанија или Франција, пополнетоста на болничките капацитети повторно се зголемува на регионално ниво. Шефовите на држави и влади сакаат да си ветат поголема меѓусебна координација. Во едно се секако сложни, границите меѓу ЕУ- државите остануваат отворени, што е различно од првиот бран во март, април и мај. Исто така трба да остане возможно и патувањето без контрола од една во друга земја во Шенген зоната.

Еконономијата не смее повторно да се угаси, изјави германската канцеларка Ангела Меркел пред средбата. „Мора да се осигураме дека нема да биде потребен нов целосен карантин.“

Корона-семафорот треба да помогне

На доброволна база ЕУ воведува „корона-семафор" за сите европски региони, во кој за првпат се оценуваат не само бројот на новозаразени, туку и бројот на спроведени тестови. Правилото во Германија за инциденцата од 50 заразени на 100.000 жители на европско ниво се протега од 25 до 150. Шефовите на држави и влади го поздравуваат овој систем на предупредување за патување. Учеството е сепак доброволно. Земјите членки и понатаму индивидуално одлучуваат за понатамошни корона-мерки како карантин или задолжителен тест кои произлегуваат од корона-семафорот. Шефовите на држави или влади сакаат да разговараат и за тоа како да се осигура снабдувањето на ЕУ со вакцина кога таа ќе биде пронајдена. Европската комисија трба да изврши набавка за целата Унија.

Компликувани буџетски преговори

Германската канцеларка Меркел, која е претседавач со ЕУ до крајот на годинава, притиска Европскиот парламент што е можно поскоро да ги одобри Корона-фондовите за обнова и европскиот буџет за следните седум години во висина од 1,8 милијарди евра: „Сега е најважно Пакетот да стане функционален за да може средствата и практично да почнат да се користат на почетокот од 2021 година."

„Исто така се работи на договор со Европскиот парламент”, ветува Меркел чиј што амбасадор во Брисел актуелно ги води компликуваните преговори со парламентот. Пратениците бараат подобрување во контролните механизми за правната држава на земјите членки пред исплата на средства од ЕУ. Тоа пред сѐ Полска категорично го одбива. Полскиот вицепремиер Јарослав Качински се заканува со вето во буџетските преговори. ЕУ долго време ги критикува полските реформи на судството кои ја поткопуваат правната држава во Полска.

За Брегзит ЕУ чека на попуштање од Џонсон

Во однос на Брегзит за шефовите на држави и влади нема што да се преговара бидејќи британскиот премиер Борис Џонсон не е ни поканет. Разговорите на преговарачите за трговски договор со Велика Британија која по преодниот период на 01.јануари 2021 истапува од европскиот внатрешен пазар, тапкаат во место.

Двете страни си префрлаат дека не сакаат да прават отстапки на темите државни субвенции, риболов и правна контрола на евентуални договори. Шефовите на држави и влади на членките на ЕУ се заинтересирани да дојдат до фер договор, смета претседателот на Советот, Шарл Мишел, „но, не по секоја цена”. Ултиматумот поставен од премиерот Џонсон кој истекува во четврток, самитот во Брисел ќе го игнорира. Џонсон најави дека по самитот ќе излезе со став како од гледна точка на неговата влада треба да се продолжи.

Главниот преговарач на ЕУ, Мишел Барние, смета дека Брегзит преговорите ќе се „тегнат” до ноември. Јасно е само дека ЕУ нема прва да ја напушти преговарачката маса. „Преговараме онолку долго колку што може”, изјави висок германски службеник. 

Шефовите на држави или влади ќе разговараат и за климатските цели на ЕУ. Тука е спорно колкави треба да бидат заштедите на јаглерод диоксид до 2030. Одлуки ќе се носат дури во декември. На вториот ден од самитот на дневен ред е стратегијата за Африка и серија надворешнополитички кризни региони, од Белорусија до Турција.

 

Реклама