САД разочарани од позициите на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски | Македонија | DW | 16.10.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Македонија

САД разочарани од позициите на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски

Американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел му испрати писмо на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во кое му порачува да ги тргне настрана партиските интереси

Во досега најдиректната порака до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, американскиот помошник државен секретар Вес Мичел му порачува да создаде услови за слободно одлучување на пратениците од неговата партија во Собранието за уставните измени. 
Мичел во писмото директно го отфрла ставот на Мицкоски дека можел да се постигне подобар договор од Преспанскиот, и оценува дека актуелната шанса нема да се повтори со години „ако не и со децении“. 
„Нема да Ве изненади што ние сме разочарани од позициите на челниците на ВМРО-ДПМНЕ како во однос на референдумот, така и во врска со чекорите во Собранието за промена на Уставот. Уште од осамостојувањето на Македонија, граѓаните од сите заедници и партии, вклучувајќи ја и Вашата, силно го поддржуваат пристапувањето на земјата кон НАТО и кон ЕУ. Сега Собранието е на ред да го преземе следниот, одлучувачки чекор. Ве поттикнуваме да создадете простор, во јавноста и приватно, за пратениците од Вашата коалиција да одлучат како ќе гласаат за уставните промени, ослободени од закани од насилство, одмазда, или друг облик на принуда“, се наведува во писмото од Мичел. 
Писмото му било испратено на Мицкоски денеска, како што објави американската амбасада во Скопје. Потсетувајќи го Мицкоски на нивните претходни разговори, Мичел му порачува на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека се работи за историски важен момент за Македонија, „што бара храбро лидерство и зрелост“. 
„Како вистински пријатели и поддржувачи на Македонија, Ве поттикнуваме да ги тргнете настрана партиските интереси со цел унапредување на заедничките стратешки интереси и обезбедување на посветла иднина за вашите граѓани во европското семејство на народи“, пишува Мичел. 

Вес Мичел се сретна со Мицкоски за време на неговата посета на Скопје на 13 септември. Неколку дена подоцна во посета на Македонија престојуваше и американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис. 
 

DW.COM

Реклама