САД и расизмот: Помалку пари за полицијата? | Свет | DW | 15.06.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

САД и расизмот: Помалку пари за полицијата?

Сѐ повеќе луѓе се залагаат за намалување на трошоците за полиција во САД. Тоа е важен чекор против полициското насилство и расизам, соопшти движењето „Скратете ги фондовите за полицијата“. Но има и силни противници.

Полицијата во Минеаполис по убиството на Џорџ Флојд веќе нема да биде иста како порано. Не се промени само расположението во полициските станици во однос на протестите ширум земјата. Градскиот совет на Минеаполис дури најави целосна реформа на полицијата.

„Ние сме решени работата на полицијата таква каква што ја знаевме досега, целосно да ја промениме и со заедницата да создадеме нов модел на јавна безбедност за луѓето и навистина да бидат безбедни”, изјави претседателката на советот, Лиза Бендер, за Си Ен Ен.

Помалку повици поради злосторства

Бендер и нејзини колеги ги анализирале повиците за помош од луѓето во Минеаполис и дошле до заклучок дека најголемиот дел од нив на универзалниот број за помош 911 не се јавуваат заради пријавување на злосторство, туку само за медицински итни случаи и противпожарни екипи.

Повеќе:

-Зошто полицијата во САД е толку моќна?

-Трамп е за употреба на задушувачки зафат во исклучителни случаи

-Амазон ѝ откажа соработка на полицијата - нема доставување на софтвер за препознавање ликови

Градскиот совет во согласност со заклучоците ќе дискутира за тоа како може да се реформираат полициските структури во градот и за кои мерки би можело да се пренасочат средства ослободени на тој начин. Но, тоа не значи дека градот во блиска иднина ќе ја укине полицијата, вели Бендер. 

Откако Афроамериканецот Џорџ Флојд почина на 25 мај кога полицаецот белец, Дерик Шовин речиси девет минути со колено го притискал на вратот, луѓето во цела Америка бараат коренити промени на полицијата и потсетуваат на други црнци жртви на полициско насилство. На пример на Ерик Гарнер кој во 2014 во Њујорк во тек на полициска акција исто така почина од гушење, или на Брион Тејлор која кон средината на март годинава среде ноќ ја застрелаа полицајци во нејзиниот стан, а кои при упадот не се претставиле како припадници на полицијата. Листата е бесконечна. 

Први градови со намалени буџети за полиција

„Расизмот во нашите затворски служби постои веќе со децении", изјави Чарлс П. Вилсон, претседавач со „Националната асоцијација на црни затворски стражари”, организација која е активна на цела територија на САД и брои околу 9 илјади членови. „Вакви случаи се страдање од епидемиски размери за црната заедница”, пишува Вилсон во мејл за ДВ.

Тоа е тој ‘систематски расизам’ на којшто мислат Американците кога скандираат на протестите „Скратете ги буџетите на полицијата!” - на полицијата да и се пресуши изворот. А, изгледа дека политиката слуша. Во најмала рака на поединечни места: градоначалниците на Лос Анџелес и Њујорк или веќе ги намалиле буџетите за полицијата за 2020, или планираат да ги намалат за 2021. Другите големи градови сакаат да го следат нивниот пример.

Пари за училишта наместо за пендреци

„Американска унија за граѓански слободи“ (АЦЛУ), е либерална невладина организација која се бори за граѓански права е деклариран поддржувал на движењето „Defund-the-police". Во САД има многу повеќе полицајци отколку што е логично или неопходно “ако е целта безбедност или правда“, а не угнетување, вели Лизи Бухен, експерт за кривично право од АЦЛУ во интервју за магазинот Форбс. Наместо масовно присуство на полицијата во латино или афроамериканските квартови, потребни се инвестиции во училишта, станови и здравствениот систем. Со штедење на парите наменети за полицијата, тие би можеле да се инвестираат токму во таа инфраструктура и на луѓето во запоставените заедници да им се отворат нови можности што ќе придонесе и кон помалку кривични дела и насилство. Ниту оваа организација не смета дека полицијата треба да се укине, туку да се намали.

Џо Бајден против штедење

Кандидатот на Демократската партија на претстојните американски избори за претседател, Џо Бајден има поинакво решение за проблемот. „Не, не поддржувам намалување на буџетот за полицијата,“ рече Бајден за телевиизјата Си Би Си. Наместо тоа државните издатоци на градските полициски служби треба да бидат одобрени само под услов полицајците да се „придржуваат до одредени стандарди на пристојност и коректност.“ Бајден сака повеќе, не помалку пари за подобрување на затворската полиција. 

Гледај видео 02:11

„Штом ќе ви ја видат бојата на кожата...“

Демократите во Претставничкиот дом неделава ќе го претстават нацрт законот со кој би требало да се поедностави кривично гонење на полицајци виновни за непримерно однесување.

Полицајците–црнци како „граѓани од втор ред“

Силни противници на ваквите реформи се полициските синдикати. Тие се побројни од било кој друг синдикат во земјата, се сметаат за многу влијателни во САД и во поголемиот број случаи одлучно стојат зад полицајците кои се цел на критика поради прекумерна употреба на сила. Нивните членови издејствуваа такви договори, поради кои е тешко полицајци да се отпуштат поради непримерно однесување. Освен тоа тие во голем стил на политичарите кои ќе им се посветат им донираат значителни суми за предизборните кампањи. „И после се чудиме дека не може ништо да промениме„, критикува некогашниот шеф на полицијата во Вашингтон за Си Ен Ен.

На другата страна е спектар на организации како „Национална асоцијација на полицајци црнци“ и „Националната асоцијација на црни затворски стражари” “ на Чарлс П.Вилсон.  Вилсон кој е од 1971 до пензионирањето 2016 бил активен во полициската служба, бара полицијата да осигура дека нејзините службеници ќе мора да се соочат и со последиците во случај да се однесуваат непримерно. „И ние мора да се дистанцираме од идеата дека имаме одредени обврски кон полициските синдикати“.

Расизмот кон Афроамериканците е проблем и внатре во полицијата. „Многу (црнци) службеници се чуствуваат како аутсајдери и нивните раководители ги третираат како граѓани од втор ред,“ вели Вилсон. „Тие имаат или помала или воопшто немаат поддршка и често се многу дискриминирани.“ При тоа афроамериканските полицајци се од непроценлива вредност кога станува збор за подобрување на односот меѓу полицијата и населението во населбите во кои работат. „Кога граѓаните ќе видат дека нивната полиција е одраз на сликата на луѓето во нивната заедница, тогаш имаат голема доверба дека полицајците ќе имаат разбирање за нивните грижи и проблеми.“

Реклама