Савески стапи на функција: вети дека ќе работи независно
19 март 2026
Новиот државен јавен обвинител Савески даде свечена изјава во Собранието, по што пред медиумите изјави дека неговата работа ќе ја темели врз Уставот, законите, ратификуваните меѓународни документи и меѓународните стандарди. Порача дека институцијата со којашто раководи ќе ги исполни очекувањата на граѓаните, согласно Уставот и законите.
„Ова е голема одговорност и сакам да ги повикам сите јавни обвинители кои и додека ја давам оваа изјава ја извршуваат својата работа. Нивната работа ниту почнува ниту завршува со мене. Секој јавен обвинител има законска обврска да постапува по тековните предмети. Го познавам обвинителскиот состав и верувам во нив. Убеден сум дека заедно ќе ги исполниме очекувањата на граѓаните, во чие име постапуваме согласно Уставот и законите“, изјави Савески.
Тој им се заблагодари и на своите довчерашни колеги – судиите од Основниот кривичен суд Скопје, како и на Владата што го предложи и на пратениците што го поддржаа.
Собранието во средата (18.03) го избра Савески за државен јавен обвинител со 66 гласа „за“, 2 „против“ и 8 „воздржани“. Тој ја доби поддршката на владејачките партии, но не и поширока политичка поддршка од опозициските пратеници.
Очекувања, поддршка и политички контекст околу изборот
Савески вели дека очекувал поширока поддршка.
„Но, интересите на политичките партии не се мој интерес, ниту вчера ниту денес, ниту во иднина. Секој кажан збор на вчерашната расправа, беше од големо значење. Товар не чувствувам, политиката е на политичките партии, никогаш не била мој интерес“, вели тој и додаде:
„Без оглед колку гласови сум добил, одговорноста моја зависи од тоа што како законска обврска е предвидено во делокругот на моето постапување. Пред себе секогаш сум го имал Уставот, законите и меѓународните стандарди и сите меѓународни документи кои се дел од нашиот правен поредок“.
Савески најави дека ќе се заложи за отчетност, транспарентност и дигитализација, бидејќи смета дека токму условите за работа се најголем проблем во обвинителството.
„За мене секој предмет има еднакво значење. Нема да правам приоритети на предмети, само според законски основ на оние предмети кои ќе имаат приоритет“, рече Савески.
СДСМ: Обвинителот го чека многу работа
Од опозициската СДСМ порачаа дека Савески го чека многу работа. Од партијата посочија дека веќе три месеци нема реакција од обвинителството за, како што велат, „криминалните тендери и скандалите на власта“ што ги објавил Антикорупцискиот тим на СДСМ.
„Милионски тендери добиваат едни исти фирми блиски до власта. Очекуваме Савески да работи и на бизнис-шемите на Мицкоски, без разлика што е претседател на Владата. Тоа ќе покаже независност“, велат од СДСМ. Од таму додаваат дека ќе следат дали Савески ќе постапува независно, професионално и непристрасно.
Савески е деветти републички обвинител од независноста во 1991 година, односно 19-ти од 1945 година. Неговиот избор следува по оставката на Љупчо Коцевски, а мандатот трае шест години со можност за повторен избор.