Референдум за уставни промени: Стрес-тест во Италија | Свет | DW | 03.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Референдум за уставни промени: Стрес-тест во Италија

Загриженоста пред референдумот во Италија е голема. Ако премиерот Матео Ренци не успее, се заканува криза во земјата.

„Но“ стои на плакатите во италијанските градови. „Но“ извикуваат илјадниците граѓани на собирите кои со недели се одржуваат во целата земја. Широк политички спектар е против промена на Уставот, за која треба да се гласа на утрешниот референдум: различни неофашистички групи, конзервативни католици, движењето Пет ѕвезди, кое е насочено против естаблишментот, деснопопулистичката Лега Норд, Форца Италија на Силвио Берлускони, па дури и членови на Демократската партија на премиерот Матео Ренци.

Владата на Ренци сака да измени 46 од 139 членови на Уставот. На тој начин, тврди Ренци, во земјата ќе може подобро да се владее. Доколку Италијанците се согласат, ќе биде ограничена моќта на Сенатот - бројот на сенаторите од 315 ќе се намали на 100. Тие веќе нема да бидат избирани, туку ќе бидат назначувани од страна на регионите. Освен тоа, најсилната партија со измените треба да добие повеќе места во парламентот и со тоа и поголема моќ во свои раце.

Поделена земја

Уставната реформа ја подели земјата на „Си“-табор и „Но“-табор. На страната „Си“ се либералните политичари од центарот. Тие имаат поддршка од економски лидери и познати јавни личности, како Андреа Бочели, Паоло Сорентино или Масимо Ботура, кои отворено се залагаат за реформа во земјата која во последните 70 години имаше 63 влади.

На другата страна е таборот „Но“ - низа од дезилузионализирани граѓани, чиј животен стандард во изминатите 10 години постојано се намалуваше. Невработеноста, и покрај реформите на пазарот на работна сила на владата на Ренци, изнесува околу 40%. Многумина стравуваат дека промените на Уставот ќе ја поремети структурата на поделба на власта во италијанската демократија и ќе го подготви патот за авторитарност.

Како и во други земји во Европа и САД, и во Италија чукна часот на популистите. Тие постојано го напаѓаат некогаш надежниот млад премиер со зборови полни со омраза. „Ренци ги наполни гаќите од страв пред 4 декември. Тој се однесува како ранета свиња која го напаѓа секого што ќе го види“, рече Бепе Грило од движењето Пет ѕвезди, пред да ги нарече застапниците за реформа на Уставот - сериски убијци.

Italien Premierminister Matteo Renzi bei der Leopolda 7 'and now the future' (picture-alliance/dpa/T. Barchielli/Chigi's Palace)

Премиерот Ренци ја врза својата политичка судбина со исходот од референдумот, па се премисли

Лоша обработка на добра идеја?

Предлозите за реформа на Уставот би требало да го направат законодавниот процес потранспарентен. Она што звучи добро, според мислењето на многумина, е лошо обработено. Тоа води до општа несигурност во земјата.

„На земјата ѝ е неопходна промена, но тешко е да се разбере што всушност се предлага. Едноставно сѐ е направено премногу детално. Како просечниот граѓанин да сфати за што гласа?“, вели Брунела Бускичио од Рим додека чека автобус.

Противниците на реформата се загрижени поради тоа што граѓаните веќе не би го избирале Сенатот, а и поради тоа што најсилната партија би добила поголема моќ.

„Добиваме промена која со себе би донесла сериозни ограничувања на демократското учество во оваа земја“, објаснува Масимо Велони, експерт по уставно право на универзитетот Неапел Федерико II. Тој ја разбира потребата на луѓето од промена, но промените на досега стабилниот Устав нема да ѝ помогнат на Италија, уверен е Велони.

„Тогаш луѓето ќе имаат помалку што да кажат, а не повеќе. Идејата која стои зад предлогот на Ренци е граѓаните да избираат влада за период од 5 години и потоа да ја реизберат или да ја симнат од власт. Во периодот помеѓу треба да си ја затворат устата. Е, токму тоа не оди“, нагласува експертот.

 

DW.COM

Реклама