Ребусот за ЕУ отворен за решавање: март, мај или...? | Северна Македонија | DW | 13.11.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Ребусот за ЕУ отворен за решавање: март, мај или...?

Никој не знае дали и кога ќе има одлука за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ. Единствено српскиот претседател таа можност ја навести како можна уште во март.

За разлика од воздржаноста на македонскиот претседател, Стево Пендаровски, кој по средбата со францускиот претседател Емануел Макрон, не сакаше да прејудицира каква е можноста до мај да биде донесена одлука за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ, српскиот претседател Александар Вучиќ таа можност ја навести како можна - уште во март.  

Serbien Belgrad | Aleksandar Vucic, Präsident (picture-alliance/Anadolu Agency/M. Miskov)

Вучиќ: Тие ќе го сторат тоа во март, бидејќи се плашат од резултатите од изборите на 12-ти април во Скопје

„Очекувам преговорите за членство во ЕУ со Северна Македонија и Албанија да бидат отворени во март, освен ако не се чека Самитот во Загреб во мај“, изјави тој во Париз по средбата со Макрон, коментирајќи ги барањата на одредени земји за повторно ставање на гласање на одлуката за старт на пристапните преговорите со двете земји.

„Тие ќе го сторат тоа во март, бидејќи се плашат од резултатите од изборите на 12-ти април во Скопје. Тие не сакаат да бидат виновни за поразот на некој кому му ветиле нешто за нешто што тој направил“, изјави Вучиќ.

Повеќе:

Макрон доаѓа во Скопје да објасни дека не нуди алтернативи за ЕУБечев: Макрон ќе бара компромис кој ќе го претстави како победа

Мас за ДВ: Нема алтернатива за членството во ЕУ

Во домашната јавност засега нема многу коментари околу оваа изјава на Вучиќ. Тој во другите изјави што ги даде по средбата со Макрон, се пофали со негов повластен третман во Париз - од фактот дека тој прв имал средба со францускиот претседател, па сѐ до избраната сала за средбата.

„Макрон нѐ однесе во посебната сала 'Пикасо', каде што секогаш ги обавува билатералните разговори, а не некаде попатно на маргините, како што тоа го прави со други. Да се има еден час време за разговор со Макрон по вечерата, за нас е голема чест. Ќе разговаравме и подолго ако не се јавеше Трамп“, се пофали Вучиќ пред српските медиуми.

Настрана од овие детали кои би требало да го засилат впечатокот за посебноста на француско-српските односи, а Вучиќ да го претстават како многу упатен во плановите на Париз и ЕУ, неговата изјава предизвикува внимание.

„Видливо е дека Вучиќ настојува да се наметне како лидер на Западен Балкан и со патерналистички однос кон соседите. Но, без оглед на сите резерви околу неговата изјава, доколку е точно, тоа навестува дека можеби Макрон претходно недоволно се занимавал со состојбите во Северна Македонија“, вели професорот и поранешен амбасдор, Нано Ружин.

Frankreich l Macron empfängt Nord-Mazedonischen Präsidenten Pendarovski (Cabinet of the President of North Macedonia)

Македонскиот претседател Стево Пендаровски по средбата со францускиот претседател Емануел Макрон беше внимателен во проценките

„Со самиот чин што Заев реши да се повлече од функцијата во јануари, веројатно увидел дека работите овде стануваат сериозни, и дека може да биде индиректен виновник за пораз на оние кои мислат проевропски и кои вложија огромни напори за Преспанскиот договор, наспроти други кои најавуваат негово преиспитување. Мислам дека Макрон имал сериозни консултации со добри познавачи на состојбите во регионот и во нашата земја - Меркел, Борисов, Мицотакис... Затоа, не ме изненадува што настојува да направи сѐ за да опстои проевропската политика, дијлогот, толеренцијата и добрите односи со соседите. Ако дојде до преиспитување на Преспанскиот договор, тоа би било големо уништување на постигнатите резултати и ќе создаде неповолен домино-ефект во регионот“, вели Ружин.

Еден ден пред оваа изјава на Вучиќ, еврокомесарот Јоханес Хан беше воздржан околу информациите дека е можно да се постигне таква одлука во март, со оглед дека карактерот на Самитот во Загреб во мај не е да се носат одлуки.

Westbalkan Gipfel in London Johannes Hahn (Imago/A. Parsons)

Eврокомесарот Јоханес Хан е воздржан

„Се согласувам дека на овој самит (Загреб, н.з) работата веќе треба да биде јасна и да биде напредната, но не сакам да шпекулирам и да ги кревам очекувањата за тоа дали ќе биде во март или подоцна. Сметам дека она што денес можам да го кажам, е дека многу луѓе и во земјите-членки и во Брисел и во Европскиот парламент се желни и решени да работат на ова прашање и да ја исправат одлуката од октомври“, изјави Хан за емисијата „360 степени“.

Тој не сакаше да ги крева ни очекувањата од иницијативата на Италија за отворање вонредна дебата за прашањето за проширувањето на претстојниот состанок на Советот за општи работи на ЕУ, закажан за 19 ноември.

„Знам дека има одредени дипломатски обиди, но има и одредени земји-членки кои мислат дека ова би било преурането. Добро е што прашањето останува на агендата, што за него се дебатира, што има состаноци меѓу амбасадорите во Брисел, но и во Европскиот парламент и што оваа тема се ‘држи во живот', што значи дека треба да најдеме решение пред Самитот за Западен Балкан во Загреб“, изјави Хан.

 

DW.COM

Реклама