Пуџдемон им подели шлаканици на Шпанија и на ЕУ | Свет | DW | 08.11.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Пуџдемон им подели шлаканици на Шпанија и на ЕУ

Екс-лидерот на Каталонија, Карлес Пуџдемон од Брисел упати остри критики на адреса на Белгија, на Шпанија и на ЕУ. 200 каталонски градоначалници допатуваа во Брисел за да го охрабрат Пуџдемон.

200 каталонски градоначалници, вчера пристигнати во Брисел, го бодреа Карлес Пуџдемон, кој одржа говор во салата на Музејот за ликовни уметности. „Стигнавме овде за да ја манифестираме нашата солидарност и поддршка кон нашиот претседател и нашата влада во егзил“, објасни градоначалникот Жозе Марија Тост од малото место Риудеканис, дополнувајќи - оваа симболична посета има за цел да го свртиме вниманието на Европа на  каталонските случувања,  видени од наша перспектива и да ја замолиме за помош.

Пуџдемон подели шлаканици

Развластениот каталонски лидер Карлес Пуџдемон на самиот почеток на обраќањето ги поздрави своите „пријатели“ од фламанската националистичка партија на Белгија, што беше наградено со бурен аплауз од градоначалниците.

„Нашите граѓани се чудат зошто изостанува реакција од Европа, со глед што Шпанија развласти легитимен парламент и легитимна влада во Каталонија. Во оваа земја не може да се живее, зашто е присутен страв за изразување на своето мислење“, рече Пуџдемон. Единствен излезен пат, според него, е независност на Каталонија, зашто Шпанија е „фашистичка земја во денешно време, не чувствува никаков срам да се послужи со фашизам.“

На крајот, Пуџдемон се обрати кон ЕУ, од која најголем дел од каталонските градоначалници изразија длабока разочараност. „Господине Јункер, господине Тајани“, им се обрати Пуџдемон на првите луѓе на ЕК и на ЕП, „го прифаќате ли резултатот од каталонското изјаснување или не? Или и натаму ќе го поддржувате кршењето на законот и ограничувањето на слободите? Дали сакате да градите таква Европа? Со земја во која се апсат политичари?“

Belgien Brüssel Versammlung Bürgermeister aus Katalonien (DW/L. Albrecht)

Емотивна поддршка за Пуџдемон

Пристигнатите 200 градоначалници, некои со солзи во очите, громогласно го поздравија „својот претседател“. Градоначалниците претходно демонстрираа пред зградата на Европската комисија. Меѓу нив и Ана Марија Мартинез, млада жена, со беџ кој означува поддршка на каталонската независност, таа е градоначалник на Санта Колома де Хервељо, мало место западно од Барселона. „Дојдов овде за да барам ослободување на сите политички затвореници и слобода за мојата земја, зашто одлуката за нашата иднина веќе падна“, вели Ана Марија Мартинез на лош англиски јазик, приклучувајќи се на цел глас кон пеењето на каталонската химна.

Пристигнатите каталонски градоначалници во Брисел постојано го употребуваа терминот „политички затвореници“ за осумте пратеници од каталонскиот парламент, кои се наоѓаат во истражен затвор во Шпанија, под обвинени за организирање бунт.

Belgien- Brüssel Katalonien Bürgermeister (DW/L. Albrecht)

„Не“ за каталонска независност - транспаренти на контра-демонстрантите

Контра-гласови од Шпанија

Наспроти Каталонците, на другата страна на плоштадот пред ЕК се собра група од стотина луѓе, поддржувачи на шпанската целовитост, со шпански и знамиња на ЕУ во рацете и транспарент против каталонската независност. 

Еден од нив, Антонио Милан од Мадрид, кој одамна живее во Брисел, ја споредува каталонската независност со ампутација. Ако Каталонија се отцепи од Шпанија, тоа е исто како на еден човек да му биде отсечена една рака или една нога. За 200-те каталонски градоначалници тгој вели: „Како шпански даночен обврзник, јас имам рдна единствена желба - јавните пари да се трошат на нешто попозитивно и поприносно отколку на посета на Брисел со злогласни цели.“ 

Меѓу разочарувањето и надежта

Во таборот на каталонските градоначалници повторно одекна повикот „Слобода“, во обид да се надгласат прошпанските демонстранти од спротивната страна. Меѓу Каталонците е стигнат и еден во инвалидска количка - градоначалникот на Торефарера, Хорди Латоре. Во неговото гратче на референдумот за независност излегле 60 проценти од граѓаните, 92 насто од нив гласале со „да“.  Латоре всушност, како што вели, не дошол во Брисел за да разговара со европските политичари. „Нашата цел повеќе е на европското општество да му ја објасниме нашата ситуација, отколку да ги убедуваме европските политичари.  Не очекуваме  веќе многу од ЕУ,  се чувствуваме оставени на цедило од нејзина страна.“

Разочарувањето од ЕУ го делат поголем број од градоначалниците од Каталонија. А сепак, многу од нив сепак веруваат во независност, или барем сакаат да веруваат.

На 21. декември, денот на новите избори во Каталонија, ќе биде јасно како ќе се определи мнозинството Каталонци во врска со независноста. Хорди Латоре е убеден дека поддржувачите на независноста „повторно ќе ги добијат изборите, како и секогаш. А потоа, не знам што ќе биде“, вели тој замислено.

 

DW.COM

Реклама