Признавањето на Косово дојде на маса? | Свет | DW | 03.02.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Признавањето на Косово дојде на маса?

Дијалогот Белград-Приштина пропадна, или барем е на пат кон тотална пропаст. Во секој случај, неизвесно е како воопшто ќе се одвива натаму. Дали тоа се случува биејќи на маса е ставено прашањето за независност на Косово?

Ако се анализираат изјавите на официјалните претставници на Србија по последната рунда преговори во Брисел, тие за пропаѓањето на преговорите подеднакво ги обвинуваат и ЕУ и албанската страна. Истотака, извесна доза на вина упатуваат и на сметката на одделни странски амбасадори во Белград, кои не се именувани.

Премиерот на Србија, Александар Вучиќ, по состанокот со претставниците на Србија и на Косово, рече дека никој не може да замисли на какви притисоци биле изложени, и оти целиот разговор изгледал како обид да се пронајде што било на што српската страна не би се согласила, за да биде обвинета за пропаѓање на преговорите. Премиерот Вучиќ, истотака, наведе оти Србите на Косово со причина се загрижени и истакна дека одделни албански лидери се закануваат со вооружени напади на северот на Косово.

Забрзан тајминг на преговорите

„Мислам дека пред сѐ е занимливо да се пронајде одговор на прашањето зошто вака забрзана динамика на преговорите во Брисел“, вели за ДВ Душан Пророковиќ од Центарот за стратешки алтернативи. „ Сега сето тоа одеднаш се крева на највисоко можно ниво и очигледно се прави обид да се воспостави една нова политичка рамка или да се направи еден нов политички договор. Единствен логичен одговор  според мене е дека на маса е вратено прашањето за признавање на Косово од страна на Белград. Друга причина за ваквата форма на разговори не гледам“.

Можеби една од причините за ваквото брзање во рамките на ЕУ е неизвесноста околу идната политика на Вашингтон кон Балканот, наведува Пророковиќ. „Сосема е возможно ветерот да дува од таа насока, иако ние не знаеме каква ќе биде новата американска политика на овие простори. Од друга страна, ЕУ е благо речено шокирана од првите потези на Доналд Трамп и, доколку се сака на брзина да се извлече некое приизнавање на Косово од страна на Србија, тогаш можеби е ова последен момент. Можеби и тука би требало да се бара објаснување за ваквиот забрзан тајминг на бриселските преговори“.

Привремен прекин на разговорите

Драган Ѓукановиќ, потпретседател на Центарот за надворешна политика, смета оти ова е само привремен прекин на дијалогот и дека тој сигурно ќе биде продолжен. Ѓукановиќ потсетува оти такви прекини веќе имало и истакнува дека не гледа никаква алтернатива за дијалогот. А што се однесува на капацитетот на ЕУ да го води тој дијалог, Ѓукановиќ вели: „ЕУ е соочена со сопствени проблеми и мислам дека таа нема капацитет да реши одредени регионални прашања. Така што мислам оти некое дополнително вклучување, пред сѐ на Америка, што не е веројатно, единствено би можело да ги забрза преговорите меѓу Белград и Приштина.“

„Клучен проблем за српската страна во овој момент е како да дојде до Заедницата на српски општини (ЗСО). Тој договор од Бриселскиот договор веќе речиси 4 години не се исполнува, и тоа беше причина претседателот на Србија Томислав Николиќ да каже оти Србија тоа на дело може да го спроведе и без Приштина.“ Драган Ѓукановиќ смета дека тоа не е реално: „Во Бриселскиот договор јасно стои дека ЗСО е врзана за уставниот поредок на Косово, односно за политичкиот систем на Косово.“

Две решенија- двете невозможни

Двете страни кои се цврсти во нивните позиции, со мали шанси некој да попушти, оставаат простор за дилема дали продолжување на дијалогот е воопшто можно. Белград вели дека веќе нема простор за попуштање и отстапки, а албанската страна очигледно е незаинтересирана што било да спроведе во дело, сѐ додека за таквиот однос има поддршка од поголемиот дел од меѓународната заедница. Душан Пророковиќ затоа вели дека има две решенија: „Првото е Приштина да исполни сѐ што пишува во Бриселскиот договор, а второто е Србија да го признае Косово. Што се однесува до примената на Бриселскиот договор, Белград на тоа може да инсистира, но не гледам како може да изврши притисок врз Приштина: НАТО тоа нема да го направи, САД губат интерес за Балканот, а ЕУ тоа воопшто нема да го стори. А признавање на Косово, истотака, не е извесно, бидејќи не гледам која српска власт може тоа да го изведе без големи последици.“

Враќање на дијалогот во ОН

Решение можеби би можел да биде обидот Белград процесот да го врати во ОН, оценува Пророковиќ. „ЕУ се покажа како политички слаба и од почетокот зазеде став дека некако ќе ја убеди Србија да го признае Косово, а за возврат да не добие ништо. Мислам дека ЕУ целосно го загуби кредибилитетот и затоа ќе мора да се бара нов медијатор, како што мора да се бараат и нови гаранти за некоја нова безбедносна архитектура на Балканот. Бидејќи, ако САД постепено се повлекуваат од тука нам ни се потребни некои нови играчи кои можат да гарантираат како ќе се одвиваат односите меѓу балканските народи.“

Договор на Вучиќ и Тачи?

Пропаѓањето на последната рунда дијалог повторно беше проследено со драматични обраќања на премиерот Александар Вучиќ. Повторно веќе никој не е сигурен дали ситуацијата е навистина толку сериозна или ова е уште едно политичко драматизирање како безбројните државни удари наменети во предизборни цели. Душан Пророковиќ смета дека ситуацијата е навистина сериозна, но оти „власта толку многу пати викаше ’доаѓа волк’, што сега е прашање колку јавноста ќе поверува во тоа. Власта во изминатиот период го потроши целиот свој легитимитет на тие лажни тревоги за политички цели.“ А за претседателскиот кандидат Вук Јеремиќ ситуацијата е јасна. Тој тврди дека сето ова е во „директна координација на Вучиќ и Тачи“- и тоа поради претстојните избори во Србија.

 

DW.COM

Реклама