1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Zoran Zaev, Parteivorsitzdender der SDSM  Nord-Mazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Премиерот ќе раководи или „кораководи“?

Катерина Блажевска
20 август 2020

Различни објаснувања стигнуваат за надлежностите на идниот „прв вицепремиер“. Истовремено, кандидирањето на Артан Груби за оваа функција предизвикало незадоволство во ограноци на ДУИ.

https://p.dw.com/p/3hDm0

Кандидатурите за министри на Артан Груби и Бујар Османи, предизвикале бројни реакции во партиските структури на ДУИ во скопските ограноци, објавија медиуми на албански јазик (Алмакос, Лајм, Алсат-М...)

Тие се повикуваат на партиски извори, според кои, претставници на ограноците на ДУИ од Сарај и Чаир во знак на револт не учествувале на состанокот на Централниот совет на партијата, на кој се разговарало за кадровските решенија во новата влада. Според тие извори, во Чаир и Сарај имало големо незадоволство од кандидирањето на Груби и Османи, без консултација со ограноците на ДУИ во Скопје.

„Ако Артан Груби и Бујар Османи имаат политичка совест и морал и ако ги почитуваат гласачите на Скопје, треба да се повлечат. Незадоволството и реакциите се големи и бројни од структурата и од партиските активисти. Оваа акција сериозно и наштетува на ДУИ и ги демотивира политичките активисти од Скопје. Оние кои ги спроведоа изборните активности и кои беа избрани, не беа консултирани. ДУИ-Чаир и ДУИ-Сарај ги повикуваат Груби и Османи да ги почитуваат гласачите и да одбијат да ги прифатат овие функции“, изјавиле партиски извори.

Повеќе:СДСМ и ДУИ ги распределија кадрите во новата влада

Според Алсат-М, седницата ја бојкотирале пратениците Изет Меџити и Арбен Зибери, а незадоволство од поделбата на ресорите имало и во Струга. Поради тоа, некои од пратениците наводно најавиле дека можеби нема да учествуваат во гласањето на Талат Џафери за претседател на Собранието.

Но, незадоволството не се однесувало само на Груби и Османи. Во медиумите како „скандалозен“ се оценува и фактот дека кадри од исто семејство ќе седат и во законодавната и во извршната власт. Станува збор за предлогот на ДУИ Фатмир Бесими да биде министер за финансии, во време кога и неговиот брат Флорин Бесими е пратеник на ДУИ, што завршува со критика дека „иста непотистичка елита ја контролира ДУИ речиси 20 години“.

Nord-Mazedonien | Politische Führung der DUI | Skopje
Кандидатурите за министри на Артан Груби и Бујар Османи предизвикале бројни реакции во партиските структури на ДУИ во скопските ограноци, објавија медиуми на албански јазик Фотографија: DW/P. Stojanovski

Заев: Нема врзани потписи, ќе ме менува во отсуство

Артан Груби и неговата идна функција не е само во фокусот на незадоволните партиски ограноци на ДУИ. Засега е најасно какви ќе бидат неговите надлежности, поради разногласие меѓу коалициските партнери, но и медиумски шпекулации.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, вчера ги демантираше информациите објавени во некои медиуми, дека премиерот нема да може да донесе одлука без согласност од првиот вицепремиер.

„Нема да има врзани потписи меѓу премиерот и првиот вицепремиер“, рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање по состанокот на Централниот одбор на партијата.

„Прв вицепремиер значи оној што го менува Заев кога е отсутен за водење седница или прием на делегација и слично. Се знае дека премиерот потпишува, нема никакви врзани потписи или слично. Во идната Влада планирам да има четворица вицепремири, тројца се на предлог на СДСМ, а еден е од вториот партнер по големина - ДУИ. Ќе биде именуван како ‘прв вицепремиер’. Ова е за подобра координација меѓу двете политички партии во делот на преземањето на одговорноста и честа којашто се дава од граѓаните, а со цел ефикасни и ефективни одлуки. Именувањето ‘прв вицепремиер’ е за да дадеме важност на функцијата“, рече Заев.

Nord-Mazedonien Koalitionsverhandlungen
Какви ќе бидат надлежностите на првиот вицепремиер? Разногласие меѓу коалициските партнери Заев и АхметиФотографија: DW/P. Stojanovski

Ахмети: Владата ќе се кораководи од премиерот и првиот вицепремиер

Но, според изјавата на Ахмети што ја  пренесе ТВ „Телма“, кога коалицискиот партнер на Заев зборува за функцијата „прв вицепремиер“, не мисли на лице што ќе го заменува премиерот во отсуство, туку за функционер кој ќе „кораководи“ заедно со премиерот.  

„Ние воспоставивме партнерство и последователно оваа влада ќе се кораководи од премиерот и првиот вицепремиер, кој истовремено е и министер за политички систем, преку консензуално одлучување како начело на ковладеењето. За првпат во државата ќе се промовира и ќе се врши функцијата прв вицепремиер и оваа личност ќе биде еден од нас“, рекол Ахмети.

Од друга страна, како што пренесе „А1 он“, Ахмети по седницата на Централниот совет рекол „дека не е правник за да објасни како ќе се регулира носењето на одлуки на премирот и првиот вицепремиер“. Но, потенцирал дека исто како во минатото, така и во иднина сите одлуки ќе се носат со начелото на консезуална демократија.

„Консензуалноста се применува во носење на буџетот, како и сите одлуки. Таму каде што нема консензус, нема функционалност. Сите влади се политички и на прво место за нас е начелото на консезуална демократија. Тоа беше порано и сега нема да има никава промена. Како ќе се регулира во Владата носењето на одлука на премиерот и првиот вицепремиер, не сум правник за да дадам интерпретација“, изјавил Ахмети.

Заев во синоќешно обраќање на седница на ЦО, не даде повеќе објаснувања за надлежностите на првиот вицепремиер, а градењето „консензуална демократија“ го стави во контекст на духот во кој ќе функционира парламентарното мнозинство.

„Парламентарното мнозинство ќе го почитува духот на заедничкото работење кое подразбира конструктивна соработка, дијалог, почитување различно мислење базирано на аргументи и градење на консензуална демократија наместо паралелизам, етноцентризам и надгласување“, рече Заев.

Прескокни го блокот Поврзани теми
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Главниот град на Албанија, во вторник (06.12.2022) ќе биде домаќин на самитот ЕУ-Западен Балкан

Самит кој не смее да се пропушти

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница