1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Премиерот на Киргистан даде оставка по протестите во земјата

Штефан Штикелман
7 октомври 2020

Демисијата на Кубаткбек Боронов сигурно беше се’ друго освен доброволна. Тој веќе има наследник, кого демонстрантите претходно го извлекоа од затвор.

https://p.dw.com/p/3jXT3
Kirgistan Proteste
Фотографија: Vladimir Voronin/AP/dpa/picture-alliance

Премиерот на Киргистан, Кубаткбек Боронов, поднесе оставка по немирите во земјата поради резултатите од парламентарните избори. Откако политичкиот табор на шефот на државата Соронбај Женбековпрогласи победа на изборите одржани во неделата, во земјата дојде до масовни протести и обвинувања за изборна измама. Според парламентарната прес-служба во Бишкек, за нов премиер е избран националистичкиот политичар Садир Шапаров, кој беше ослободен од затвор во понеделникот.

„Шапаров е избран за вршител на должноста премиер на Република Киргистан“, се вели во соопштението од прес-службата. Одлуката била донесена на вонредна седница на парламентот. Изборот на Шапаров се одвивал во хотел, поради тоа што парламентот е заземен од демонстранти. На противниците на претседателот Женбеков во текот на ноќта помеѓу понеделникот и вторникот им успеа од затвор да го ослободат и поранешниот претседател на државата Алсамбек Атамбајев, кој беше осуден на 11 години затвор поради корупција.

Kirgisistan l Prostest nach Parlamentswahl im Parlament
Демонстранти во зградата на парламентот во БишкекФотографија: Grafecristo/Twitter/REUTERS

Изборната комисија, по протестите, ги анулираше резултатите од изборите, кои претходно самата ги објави. Според тие резултати, влез во парламентот им успеал на четири партии, од кои три се блиски до претседателот Женбеков, додека најважните опозициски партии Бир Бол и Ата Мекен не успеале да го минат прагот за влез во парламентот од 7%.

Опозицијата го обвинува Претседателот за изборна измама и повика на протести. Таа бара оставка на Женбеков и нови избори. ОБСЕ зборува за „веродостојни“ извештаи за купување гласови.