Прва Европејка обвинета за злосторства против човештвото во Сирија | Свет | DW | 12.11.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Прва Европејка обвинета за злосторства против човештвото во Сирија

Станува збор за Германка, мајка на неколку деца, која извршила злосторства во Сирија како дел од џихадистичката група Исламска држава.

Германското сојузно обвинителство соопшти дека обвинило Германка за злосторства против човештвото, наводно, сторени додека живеела во Сирија како член на џихадистичката група Исламска држава (ИД).

Осомничената, идентификувана како Нуртен J., мајка на неколку деца, е обвинета за злосторства поврзани со прогон на малцинството Јазиди на територијата контролирана од ИД. Се верува дека Нуртен Ј. е првата европска жена обвинета за злосторства против човештвото извршени во Сирија како дел од џихадистичката група.

Робување

Во изјавата, обвинителството соопшти дека жената отпатувала во Сирија со нејзината, тогаш тригодишна ќерка, во 2015 година за да се приклучи на ИД и да се омажи за борец на ИД, исто така од Германија, со кого имала други деца. Во текот на 2016 и 2017 година, таа имала чести посети од пријател кој поседувал Јазиди „роб“, исто така принуден да работи во домот на осомничената.

„Нуртен Ј. ја следеше идеологијата на ИД според која робувањето на Јазидите е оправдано“, рекоа обвинителите во Карлсруе.

Гледај видео 02:28

Мисија - ослободување на језидските заробеници на ИД

Таа е обвинета и за воени злосторства од имотна природа, бидејќи живеела во дом којшто бил одземен од сопствениците од страна на припадниците на ИД, но исто така го загрозила и животот на нејзината ќерка со тоа што ја однела во воена зона. Покрај тоа, таа се соочува со обвиненија за кршење на законите за оружје.

Откако ИД ги изгуби своите територии во Сирија, жената била држена во курдско заробеништво пред да биде пренесена во притвор во Турција и потоа да биде испорачана назад во Германија.

Случаи

Германија обвини неколку германски и странски државјани за воени злосторства и злосторства против човештвото извршени во странство, користејќи го правниот принцип на универзална надлежност што дозволува кривични дела да бидат гонети, дури и ако биле сторени во странска земја. Малку од обвиненијата досега се однесуваа на жени. Германката Џенифер В. минатата година се најде на судење во Минхен, обвинета за воено злосторство, бидејќи дозволила петгодишно девојче Јазиди да умре од жед во Ирак. И детето и нејзината мајка биле заробени како куќни помошнички од страна на Џенифер В. и нејзиниот сопруг од ИД, ирачки државјанин. На него му се суди во Германија за геноцид и убиство.

Минатиот месец, друг германски суд ја осуди германско-туниската сопруга на рапер кој станал џихадист на три и пол години затвор, поради тоа што помагала да се држи во ропство девојче од малцинството Јазиди во Сирија.

Групата Исламска држава изврши злосторства врз Јазидите во 2014 година, кои се испитуваат од ООН за да се утврди дали тие можат да се квалификуваат како геноцид.

 

DW.COM