1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Џихадистичка романтична пропаганда за жени

Јулија Вергин
29 јули 2017

Исламска држава маестрално го користи интернетот за врбување приврзеници. Во мрежата на романтичарските ветувања се „уловила“ и 16-годишната Линда В од Германија. Ирачката војска ја уапсила при борбата за Мосул.

https://p.dw.com/p/2hBVF
Symbolbild Deutsche Frauen beim IS
Фотографија: picture-alliance/dpa

Што ги тера младите девојки како Линда В. во рацете на Исламска држава? Изгледа дека многу девојки, кои „паѓаат“ на пропагандата на оваа терористичка милиција, веруваат дека во светот на ИД им се предодредени улоги на хероини, кои треба да им бидат верни сопруги на брадести џихадисти, послушни и тивки, пожртвувани мајки кои идеологијата мора да им ја пренесат на младите поколенија. Не звучи многу приммаливо? Но, рекламата има всушност поинакво пакување.

Љубовни приказни, мачиња и Исламска држава

„Постои посебна кампања креирана само за жени и девојки“, вели Сузане Шретер, етнолог од Универзитетот Франкфурт, која научно го истражува исламското општество. При врбувањето жени-членки, ИД ја рекламира својата „романтична страна“.

Џихадистите користат блогови на кои ги претставуваат љубовните приказни на девојките пристигнати во „калифатот“ и херојските божји воини. „Посебно успешни се видео-приказните во кои борците на ИД се галат со мачиња,“ вели Шретер. Пораката е: џихадистите не се само јаки и храбри, туку и заштитници полни со љубов и нежност. Голема е веројатноста една од пронајдените германски девојки во Мосул, Линда В., да била привлечена токму од вакво видео.

„ИД има огромно и исклучително успешно одделение за социјалните мрежи“, вели Шретер. Тајната на успехот не е само масивната присутност на Фејсбук, Твитер, Јутјуб, Инстаграм или Снепчет, туку и во директен контакт со целната публика.

Шеснаесетгодишната Линда В. од саксонското гратче Пулсниц е типична припадничка на оваа целна група, за која е наменета симпатичната и романтична содржина. „Тоа е контраст во однос на  бруталните видео-содржини преку кои се регрутираат млади мажи“, објаснува Сузане Шретер.

Dschihad-Kämpfer im Irak
Фатални момински соништа за храбри заштитнициФотографија: picture-alliance/AP Photo

На интернет се кријат мамки

Кон страниците на Исламска држава може да води и прашањето за смислата на животот. „Разговорот може да почне со едноставно интересирање за исламот, но некој често се надева да го открие одговорот за смислата на животот“, вели социологот Штефан Хумер, кој се занимава со изучување на тероризмот и екстремизмот на интернет.  

На самите почетоци на популарноста на ИД, кога присутноста на ИД на интернет уште не била истражувана, Хумер и неговите колеги констатирале дека пребарувањето на посебни поими како „џихад“ или „шеријат“ многу брзо доведува до интернет-страници поврзани со Исламска држава.

„Притоа фокусирањето на случајно пребарување не е без намера“, вели Хумер. Токму така Исламска држава доаѓала до сите оние кои биле барем малку заинтересирани, па тогаш им ја претставувала својата идеологија. „Оној кој сака да дознае повеќе, го усмерувале на форумите, каде првпат се среќавал со луѓе“, вели Хумер. 

Заедништво, потпора и семејство

„Тоа е класична психологија“, дополнува социологот: било да е во супермаркет, џамија или онлајн, ако некого директно го прашате дали му е потребна помош, дали бара нешто или сака нешто да дознае, тој најчесто ќе ја прифати понудата. „Исламска држава нуди заедништво и потпора, а младите луѓе по тоа најчесто и копнеат“, објаснува Хумер. Ветувањето гласи: Дојди кај нас, ние ги исполнуваме сите желби.

Младите луѓе на почетокот не насетуваат дека желбите се „исполнуваат“ со заминување во воено подрачје. Кога еднаш ќе загазат во процесот на радикализација, враќањето назад е тешко. Дали престојот во Мосул кај младата Линда В. и останатите уапсени девојки, од кои четири се од Германија, ги развеал илузиите за „чудесниот свет“ на Исламска држава, кој егзистира само на интернет? Тоа засега не го знаеме.