1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Потврдено „да“ за визна либерализација

20 октомври 2009

Комисијата за граѓански слободи, правда и внатрешни работи на Европскиот парламент го поддржа укинувањето на визите за Македонија, Србија и Црна Гора од јануари 2010 година.

https://p.dw.com/p/KApY
Фотографија: picture-alliance/chromorange

Комисијата, доцна синоќа (19.10.2009), исто така се заложи за забрзување на процесот за либерализација на визниот режим за Босна и Херцеговина и Албанија, како и отворање на дијалог за визите со Косово.

Извештајот на Словенечката европратеничка Тања Фајон, беше усвоен со огромно мнозинство гласови во Комисијата за граѓански слободи, правда и внатрешни работи на Европскиот парламент. Против гласал само еден европратеник, додека двајца биле воздржани.

„Јас сум задоволна со вечерашново гласање во ЕП. Комисијата јасно го поддржа најголемиот дел од извештајот што го предложив, со што потврдивме дека граѓаните на Македонија, Србија и Црна Гора ќе можат слободно да патуваат во Европската унија од јануари, идната година“, изјави за Дојче веле веднаш по гласањето, известувачот, словенечката европратеничка Тања Фајон.

Забрзување на либерализацијата за Босна и Херцеговина и Албанија

Комисијата се заложи и за забрзување на процесот за либерализација на визниот режим за Босна и Херцеговина и Албанија, како и отворање дијалог за визите со Косово. Ова, сепак, не значи дека се намалуваат условите кои беа утврдени за визната либерализација.

Tanja Fajon, Mitglied des EU-Parlaments
Известувачот Тања ФајонФотографија: DW/Alen Legovic

Според предложеното, за што во втората половина на ноември на пленарна сесија ќе се изјасни Европскиот парламент, се бара визите за Албанија и Босна и Херцеговина да бидат укинати веднаш откако тие ќе ги исполнат условите утврдени од Европската комисија, без притоа да се менува европското законодавство, бидејќи двете земји ќе бидат ставени заедно со Македонија, Србија и Црна Гора на листата за визна либерализација.

Со ваквото вметнување, според Фајон, ќе се добие на време, бидејќи откако Комисијата ќе оцени дека тие ги исполниле условите, се‘ до конечното укинување, може да помине една година. Од друга страна, со условното укинување на визите, Тирана и Сараево ќе добијат поттик за побрзо исполнување на условите. Ваквото условно укинување на визите не е новина во ЕУ, бидејќи тоа веќе се применувало и во минатото, како на пример за Маурициус, Барбадос, Бахамите и.т.н.

Целта не беше забавување на едните, туку забрзување на другите

„Не очекувам нови пречки на патот за укинување на визите за граѓаните на Македонија, како што некои зборуваат. Македонија ги има исполнето условите веќе неколку месеци. Србија и Црна Гора треба да го направат тоа, за Европската комисија да го потврди укинувањето на визите на почетокот на идниот месец. Нашата цел, не беше да се задоцнува укинувањето на визите за овие три земји, туку напротив, сакавме да се забрза постапката за останатите две балкански држави за нивните граѓани, исто така, да можат слободно да патуваат во Европа“, нагласува европратеничката Тања Фајон.

Според Фајон, укинувањето на визите за сите граѓаните од земјите од Западен Балкан е еден од главните влогови за да се гарантира трајниот мир и да се избегнат нови поделби во регионот, што може да има негативни последици за регионалната соработка, но исто така и внатре во земјите.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска