Последниот ден на „Илинденска“ број 2 | Македонија | DW | 31.05.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Последниот ден на „Илинденска“ број 2

Денеска, кога техничкиот премиер Емил Димитриев ќе ги собере последните дребулии од работната маса, повеќе од јасно е дека од „Илинденска“ број 2 не заминува тој, туку неговиот партиски лидер, Никола Груевски

На 1 јуни Македонија ќе има нова Влада. За неупатените во „македонцките работи“ ова и не би било „вест“, ако не знаат дека цели 11 години една партија со исти коалициски партнери (во последните 9 години) имаше комплетна недемократска доминација во сите сфери и пори на општеството. Со тоа на современа Европа експлицитно ѝ покажа како за една деценија може да се изгради тотално „заробена држава“, во која дури и на опозицијата не ѝ е дозволено да биде опозиција. Последново беше манифестирано многу пати, јасно потврдено на 24.12. 2012, крваво заверено на 27.04.2017.

Денеска, кога техничкиот премиер Емил Димитриев ќе ги собере последните дребулии од работната маса, и пред заминување ќе фрли последен поглед во испразнетиот кабинет, повеќе од јасно е дека од „Илинденска“ број 2 не заминува тој, туку неговиот партиски лидер, Никола Груевски.

Груевски имаше 36 години кога за првпат застана на чело на македонската влада на 25 август 2006 година. Зад себе веќе имаше министерски стаж во владата на Љубчо Георгиевски, но и советнички стаж кај српскиот министер за финансии, Божидар Ѓелиќ.

Да биде иронијата поголема, по цела деценија крајот на владеењето потсетува токму на неговиот почеток. Тоа беше времето кога Груевски во Владата го внесе речиси целиот тим кој дотогаш работел во контроверзната фирма „Аналитико АИ“ (Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Елизабета Канческа-Милевска, Мартин Протоѓер, неговата секретарка Ленче Самарџиска, Оливер Шамбевски, портпаролот Александар Бичиклиски, Ален Зекиров), фирма, која меѓу другото имала договор со „Телеком“ за маркетинг-услуги и дистрибуција на сим-картички во вредност од 120.000 евра. Дел од тој тим, кој некогаш само продавал сим-картички за мобилни телефони, една деценија подоцна е фатен со „рацете во медот“ во други активности со телефоните на граѓани на Македонија: масовно незаконско прислушување. Едноставно кажано: на сим- картички дојдоа, на „сим-картички“ паднаа. „Бомбите“ најилустративно открија како работеле владите на Груевски, колку лесна рака имале кон парите од државната каса, како тендерирале, како фактурирале, како реформирале, како монтирале и криеле случаи, како победувале на избори и со колку динамит и шлаканици се пресметувале со полититичките опоненти.

Човек „од народот“

„Бомбите“ беа најголемиот удар врз пропагандната машинерија на Груевски, која цела деценија макотрпно го градеше неговиот имиџ на чесен и скромен политичар 24/7 посветен на Македонија, врвен патриот, неуморен работник.

И самиот Груевски вложи многу напор да докаже дека е човек од народот. Истиот тој, слушавме како планирал со највисоки ѕидови да се огради од погледите на народот, на приватните за „џабе купени“ плацови на Водно, за никој „таму горе“ да не го гледа, додека „долу“ меѓу народот шеташе во јакни и спортски маички и џемпери, кои требаше да содадат лажен архетип за скромно момче од соседството и народен лидер. Врз такви лажни конструкти, ја градеше својата допадливост, кредибилитет и рејтинг, како супститут за нешто што реално не постои.

Неговата политичката личност стана израз на психолошката состојба на политичкиот електорат во Македонија: ни особено харизматичен, ни особено елоквентен, ни особено образуван, ниту исклучителен по некоја основа. Освен по стравот од градење транспарентно и демократско општество, страв од кој се бранеше со жестоки напади и хајки против сите кои се сомневаа во исправноста на неговите политики и неговата негувана аура на чесност.

Секако, би било необјективно да се каже дека сѐ што е направено во неговиот мандат има белег на девијантно, лошо, неодговорно. Напротив, Груевски сосема добро и динамично го почна мандатот. Започна интензивна кампања за привлекување странски инвестиции, разбуди од длабок сон многу ресори, ја стегна администрација, па неговата „цврста рака“ во почетокот повеќе наликуваше на нужност за едно општество западнато во летаргија, отколку на авторитарен манир.

Моментот на пресврт

Потребни се многу длабоки анализи за да се идентификува моментот на пресврт, односно точката на топење, што од надежен технократ ќе го претвори во „дил ориентед“, но не во интерес на држава, ниту на партијата, туку најмногу кон лукративните цели и потреби на нејзиното раководно јадро. Можеби е тоа 2009 година, кога првите фасцинации од власта го натераа да бара начини како засекогаш да ја зачува за себе. Таа есен го испрати фамозното писмо во кое ги повика партиските членови на последна пресметка со неистомислениците. Тогаш недвосмислено ја инаугурираше „цврстата рака“ како систем на владеење, испраќајќи недвосмислена порака дека партијата е Устав, партиската послушност закон, дека демократијата и слободата ги компликуваат работите и ако ги има премногу - се штетни. Тогаш го посеа првото семе на злото, чии реколти од тешки поларизации и поделби ги жнееме до денес.

Боксерот аматер од „мува категорија“ кој со авторитарни методи ја држеше опозицијата во нокдаун, по 11 години го доживеа својот нокаут. Не заминува од рингот, најавува камбек на мечот за локални избори, но митот за моќта на неговиот политички удар е урнат и демаскиран. Секако, битката со „груевизмот“, како систем на партиска узурпација на сите лостови на власта на штета на правдата, слободата и демократијата, допрва започнува. Во тоа најмногу ќе се уверат оние кои од утре ќе се вселат на „Илинденска“ број 2. Институциите се преполни со архетипски копии на главниот лик, по принципот на руски бабушки скриени една во друга. Таа демонтажа допрва треба да почне.

DW.COM

Реклама