1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што се крие зад пожарот кај „Треска“

ДТЗ
14 април 2022

Скопската градоначалничка Данела Арсовска вели дека постојат индиции оти пожарот е подметнат. Густ чад, мирис на изгорена пластика и сомнежи надвиснаа над скопската населба Капиштец.

https://p.dw.com/p/49xbS
Nordmazedonien Feuer in der Fabrik Treska
Фотографија: P. Stojanovski/DW

Густ чад, мирис на изгорена пластика и пеплосан магацин сведочат за големиот пожар којшто попладнево ја зафати фабриката „Треска“ во скопската населба Капиштец. Огнот избувнал во магацин во кругот на поранешната фабрика, при што биле зафатени пластични материјали, лепак, сунѓери и друг отпад, којшто предизвика густ чад. Жителите од околните згради сведочеа дека се слушнала и експлозија.

Пожарот по два часа беше локализиран, но предизвика вознемиреност и лавина реакции на социјалните мрежи. Граѓаните се сомневаат дека на овој начин се создава простор на местото на „Треска“ да никнат нови згради. Овој простор последниве години е во фокусот на интересот на јавноста, токму поради битката кој да го добие и што да се гради на оваа атрактивна локација во центарот на градот.

Сомнеж дека пожарот е подметнат изрази и скопската градоначалничка Данела Арсовска. „Во текот на изминатите два часа сме тука и од индициите што ги имаме се работи за пожар што е отпочнат овде, со сомненија дека е подметнат“, објави таа на Фејсбук. Очевидци тврделе дека виделе лица на овој потег непосредно пред пожарот и дека тука во повеќе наврати се случувале пожари. 

Nordmazedonien Feuer in der Fabrik Treska
Огнот избувнал во магацин во кругот на поранешната фабрика, при што биле зафатени пластични материјали, лепак, сунѓери и друг отпад, којшто предизвика густ чадФотографија: P. Stojanovski/DW

Пожарот локализиран, сомнежите се разгореа

Шест противпожарни возила го гаснеа пожарот во кругот на фабриката „Треска“, а Општина Центар формираше кризен штаб за координација и поддршка на акцијата. Градоначалникот Горан Герасимовски на Фејсбук попладнето информираше дека пожарот е локализиран и речиси целосно изгаснат благодарение на брзата реакција на надлежните.

„Заедно со екипите на Општина Центар остануваме на терен, а кризниот штаб во состав од претставници на МВР, инспекциските служби на општината и противпожарна служби веднаш одржа состанок. Голема благодарост до сите за брзата и ефикасна реакција. Во оваа незгода за среќа нема повредени, а жителите и вработените во околните продавници беа навремено евакуирани“, информираше Герасимовски.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, беше во обиколка на локацијата каде избувна огнот. „Целата противпожарна бригада, 55 пожарникари работеа посветено цели два часа да го локализираат, да го изгаснат овој пожар“, објави Арсовска.

Таа ги повика институциите  да преземат сѐ што е во нивна надлежност, за да не се дозволи луѓето да бидат во опасност.

Спречено ширење на пожарот

Командирот на скопската противпожарна бригада, Ѕвонко Томески, во изјава за медиумите вели дека нема повредени граѓани, ниту пожарникари при гаснењето на огнената стихија.

„Приоритет ни беше да се спречи ширење на пожарот на соседните објекти за домување, како и објектите кои се во кругот на фабриката „Треска“. Благодарние на брзата интервенција не е дозволено проширување на пожарот“, изјави Томески.

Nordmazedonien
Шест противпожарни возила го гаснеа пожарот во кругот на фабриката „Треска“, а Општина Центар формираше кризен штаб за координација и поддршка на акцијатаФотографија: P. Stojanovski/DW

Во непосредна близина на погоните на фабриката имало остатоци на лепаци, иверици, сунѓери, а според него можно е да имало некоја боца. „Не можеме да кажеме од што е експлозијата затоа што поголем дел од покривот е урнат. Се работи на расчистување да не остане нешто за да не се повтори повторно“, информираше Томески.

-повеќе на темата: Дали е загубена битката за „Холидеј Ин“ и за „Треска“? Антикорупционерите велат „не“

Истражните органи ќе ги истражуваат причините за пожарот.

Според постојниот Детален урбанистички план, на овој потег во план е да се градат згради, што предизвика бројни реакции во јавноста. За време на мандатот на поранешниот градоначалник на Центар, Саша Богдановиќ, беше распишан конкурс за уредување на просторот. Но, битката за ова атрактивно парче земја сѐ уште трае.

„Станува збор за објект, кој е дел од стечајна постапка. Веруваме дека во најкраток можен рок надлежните институции треба да преземат мерки, да разговараат и да се превенира ова што се случува на оваа локација“, вели градоначалничката Арсовска. Според неа, важно е да се заштитат граѓаните, особено имајќи предвид дека се работи за исклучително голем број околни станбени куќи и деловни објекти што беа загрозени со пожарот.