1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Подршка на мировниот процеси или обид за поправање на имиџот?

9 јануари 2008

Американскиот претседател Џорџ Буш напладне пристигнува во Израел. Цел на 9-дневната блискоисточна турнеја е да изнајде нови чекори за решение на конфликтот, што Буш, според критичарите, досега целосно го запостави.

https://p.dw.com/p/CmtI
Блискиот исток - последна шанса за позитивни поени за Џорџ Буш?

„Ова е тешка работа. Ќе бидат потребни јасни решенија за комплексни прашања. Но, оптимист сум во однос на изгледите. Јасно ќе покажам дека Америка се чувствува обврзана да им помогне на обете страни за остварување на нашата заеднича визија: две демократски држави, Израел и Палестина, кои живеат една крај друга во мир и безбедност“ - изјави американскиот претседател три дена пред да оди во посета на средиштето на конфликтот.

Нови тонови од Џорџ Буш. По изборот за претседател во 2000-та година, тој јасно стави на знаење дека нема да ја повтори наводната грешка на својот претходник и оти не сака да се ангажира на Блискиот исток. Вложувајќи го целиот свој престиж, Бил Клинтон постојано се обидуваше да посредува меѓу Израелците и Палестинците - и сепак не постигна ништо. Напротив, по неговиот последен посреднички обид во Кемп Дејвид, есента 2000-та изби интифадата што однесе илјадници човечки животи и за повеќе години ги закопа надежите за мир.

Сегашната посета на Буш на Израелците и Палестинците е доцнежна коректура на курсот, иако помош на Блискиот исток не може да биде ни задоцнета, ниту преуранета. Сепак, има место за сериозни сомнежи дека Буш ќе може нешто да придвижи. Или, ова едноставно е само обид во последен момент тој да си го поправи имиџот на Блискиот исток, досега обележан од војната во Ирак и борбата против тероризмот, која според силните најави требаше на регионот да му донесе слобода и демократија. Ништо од тоа не беше постигнато.

Буш мора еднаш да искаже цврсти зборови и спрема Израел

Досега изостана конкретен напредок и во израелско-палестинскиот конфликт. Дури, на слободните избори на палестинските територии пред две години победи исламистичкото движење „Хамас“, кое сега го контролира појасот на Газа, а движењето „Фатах“ на претседателот на Палестинците Махмуд Абас има контрола врз Западниот брег. Буш е беспомошен – за него е само сигурно дека „Хамас“ не е партнер за разговори: „Тие мора да се откажат од целта за уништување на Израел, инаку нема да имаме никакви контакти со нив“, вели тој.

Буш полага врз претседателот Абас и премиерот Фајад, кои учествуваа на конференцијата во Анаполис и искажаа подготвеност за мир со Израел. Тој полага и врз Израел. Буш се покажа како поверен пријател на Израел повеќе од било кој од неговите претходници на претседателската функција. Со поранешниот израелски премиер Ариел Шарон беа согласни во оценката дека е против нив секој, кој не е со нив.

Од пред две години Шарон е во кома, но и со наследникот Ехуд Олмерт Буш има слично добри односи, ненарушени ни со израелските воени операции во појасот на Газа, ниту со војната во Либан, за која Олмерт дома беше остро критикуван - но не и од страна на Белата куќа во Вашингтон. Речиси не игра никаква улога ни што Олмерт, како и Шарон, шири натамошни населби на Западниот брег и подигнува пречки на патот кон мирот. Ако Буш сака да го смени тоа и да поентира во арапскиот свет, тогаш конечно мора еднаш да искаже цврсти зборови и спрема Израел. Но, токму тоа не спаѓа во концептот на неговата блискоисточна политика.

Петер Филип