1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Belgien EU l EU eröffnet Beitrittsverfahren mit Nordmazedonien in Brüssel
Фотографија: Government of North Macedonia

ЕУ: Скринингот за Северна Македонија почнува веднаш

ДТЗ
19 јули 2022

Почетокот на пристапните преговори ќе бидат строги и ќе бараат голема посветеност. Скринингот почнува веднаш, а следната Меѓувладина конференција ќе се одржи откако земјата ќе ги изврши уставните промени.

https://p.dw.com/p/4EKsi

Почетокот на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ ќе бидат строги и ќе бараат голема посветеност. Скринингот почнува веднаш, а следната Меѓувладина конференција ќе се одржи без одлагање и други политички услови откако земјата ќе ги изврши уставните промени - односно внесувањето на Бугарите во Уставот. Ова се пораките кои што можеа да се слушнат на денешната Меѓувладина конференција со Северна Македонија којашто се одржа во Брисел. Европските лидери порачаа дека земјата нема да го изгуби идентитетот на патот кон ЕУ, туку напротив ќе ги надгради и промовира своите културни и историски вредности. 

Тешки и значајни одлуки

Почетокот на преговорите за членство во ЕУ е заслуга на сите граѓани и институции. Тоа е резултат на 17-годишно носење на тешки, важни, значајни, патриотски одлуки и оти во него се вградени работата и трудот на сите граѓани на државата без разлика на нивната етничка, верска или каква било друга припадност, порача македонскиот премиер, Димитар Ковачевски на денешната меѓувладина конференција во Брисел. 

„Вградени се трудот и работата на голем број лидер на државата од нејзиното осамостојување од првиот претседател Киро Глигоров, премиерот Кљусев, преку претседателот Борис Трајковски, Црвенковски и другите премиери, министри и лидери на државата, сите вработени во институциите коишто работеа на подготовки на Република Северна Македонија за отпочнување на преговорите“, рече Ковачевски. Тој им се заблагодари на францускиот претседател Емануел Макрон, на германскиот канцелар Олаф Шолц и на сите други претседатели и премиери на 27 земји членки на ЕУ што денес Република Северна Македонија ги започнува преговорите со ЕУ.   

Belgien EU l EU eröffnet Beitrittsverfahren mit Nordmazedonien in Brüssel
Фотографија: Government of North Macedonia

„Свесни сме дека времетраењето на преговорите ќе зависи првенствено од спроведувањето на неопходните реформи, како и од способноста на ЕУ да може да го поддржува и продлабочува својот сопствен развој, гарантирајќи го својот капацитет за интегрирање нови членови. Северна Македонија преку интензивна и посветена работа, има за цел да биде потполно подготвена да ги преземе обврските од членството во ЕУ до крајот на 2030 година за да може да стане земја членка на ЕУ до почетокот на следниот буџетскиот период на ЕУ“, истакна Ковачевски, кој на македонски јазик се обрати на меѓувладината конференција за Северна Македонија. 

Строги преговори кои бараат посветеност 

Министерот за надворешни работи на Чешка, Јан Липавски, како претставник на земјата која претседава со Европската Унија порача дека пристапните преговори што започнуваат со Северна Македонија ќе бидат строги и ќе бараат голема посветеност. Тој потенцираше дека следната Меѓувладина конференција ќе се одржи без одлагање и други политички услови откако Македонија ќе ги изврши уставните промени - односно внесувањето на Бугарите во Уставот

„Ве поддржуваме во вашите напори и се радуваме што ќе можеме да ве примиме како полноправна чкленка на ЕУ“, порача Липавски, потенцирајќи дека земјата ќе треба да продолжи со регионалната соработка и да ги зацврсти односите со соседните земји, да напредува со своите реформи и да ги исполни условите кои беа дефинирани за започнување на пристапните преговори со Унијата. 

Зачуван идентитет

„На патот кон ЕУ нема да го изгубите својот идентитет. Никој не го изгубил. Вам не ви треба заклучоци за да го знаете тоа“, порача високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел. Тој вели дека македонскиот идентитет ќе остане и ќе биде зголемен и надополнет со другите идентитети што не се алтернативни, туку се надополнуваат.

„Секое човечко битите има неколку идентитети кои секогаш се компатибилни и затоа сме тука денес. Ни треба Северна Македонија за да го надополни нашиот сложен идентитет, потребни сме си едни на други затоа што заедно сме посилни“, порача Борел во своето обраќање. 

Започнува скринингот 

„Ова е важен ден за Северна Македонија и за ЕУ, ова е момент кој го чекавме долго време“, порача  еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји. Тој порача дека Европската комисија е подготвена веднаш да започне со работа, па најави дека уште попладнево ќе започне скринингот за Северна Македонија, која веднаш ќе може да ги преземе обврските коишто ја чекаат на патот кон ЕУ

„Вашите напори за зајакнување на владеење на правото и борба против корупцијата се за честитки, вие сте успешен модел на едно разновидно мултиетничко општество, кое заслужува да го направи следниот чекор кон приклучувањето на ЕУ“, рече еврокомесарот, кој подоцна се обрати и на прес-конференција на која порача: „Ве сакаме во ЕУ, тука нема сомнежи„ ќе направиме се што можеме за да се забрза процесот на преговори со ЕУ“.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Поврзани теми
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Министерство за правда на Република Северна Македонија

За што служат законите?

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница