Победата на Макрон - шанса за Европа | Европа | DW | 25.04.2022

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Европа

Победата на Макрон - шанса за Европа

Реизборот на Емануел Макрон е уште еден одговор на демократијата на нападот на Русија врз Европа – и мандат за натамошен развој на проектот на европско обединување, оценува Франк Хофман.

EU-Gipfel in Brüssel | PK Scholz und Macron

Со заеднички напор за Европа - францускиот претседател Макрон и германскиот канцелар Шолц во Брисел, 17.12.2021

Резултатот е изненадувачки јасен – речиси 60% од Французите се решија за реизбор на Емануел Макрон, но пред сѐ се одлучија против неговата деснорадикална противничка Марин Ле Пен, која освои нешто повеќе од 40% гласови. Но, таа останува, а со неа остануваат и барањата за излегување на Франција од НАТО и разорување на Европската Унија.

Во јуни ќе се бира нов состав на францускиот парламент. Со оглед на тоа што една третина од гласовите уште во првиот круг од претседателските избори пред две недели отидоа на сметка на екстремната десница и добри 20% за левичарот популист Жан-Лук Меланшон, јасно е дека Французите сакаат нештата да се променат темелно. Париз, главниот град, а со него и тамошната политичка класа, веќе подолго време не се омилени во земјата. Но, сега чувството „ние ваму горе, вие таму долу“ сè повеќе се манифестира во критика на демократијата како таква. И ова е повеќе од предупредувачки сигнал.

ЕУ како заштита

Партијата „La République en Marche“ (Републиката напред), која Макрон ја основаше како движење на центарот, во изминатите пет години го продлабочи демократскиот дефицит, кој е засилен и поради потиснувањето на класичните политички табори на левичарските Социјалисти на една страна и десничарските конзервативци на друга. Макрон и неговите ќе мора да го променат ова доколку не сакаат Франција да се втурне во екстремен национализам.  

Frank Hofmann DW Korrespondent und Büroleiter in Kiew Ukraine Osteuropa

Франк Хофман

   

И тоа има многу врска со Европа како целина и пред сѐ со најважниот партнер - Германија. Во Франција, Европската унија често се перципира како клуб за големите концерни, а не како заедница која пружа заштита и на внатрешно и на надворешно ниво. Нападот на Русија врз Украина во изминатите два месеца покажа дека многумина се во право со оваа проценка. Затоа што руската војна е и напад на слободна и демократска Европа.

Макрон беше избран пред пет години со јасна европска политичка агенда - составена од младиот Клеман Бон, кој сега е државен секретар за европски прашања во француското Министерство за надворешни работи. Овој 40-годишен политичар, му напиша на само четири години постариот Макрон, што сè треба да се направи - подлабока интеграција на ЕУ и Унијата да се направи подемократска.

Но, во Брисел до ден-денес не постои ни носење мнозинска одлука во однос на надворешнополитички прашања на ЕУ. Па така, апсурдно е што пријателот на Путин и илиберален унгарски премиер Виктор Орбан може со вето да блокира важни одлуки, додека Русија ја напаѓа демократијата во Европа и со оружје, а даночните обврзници во Франција и Германија и понатаму мора да го субвенционираат најголемиот внатрешен непријател на ЕУ. Тоа е апсурдно и многу Французи се на мислење дека е апсурдно.

Сега топката е во Берлин

Токму затоа изборниот резултат во Франција е пред сè втора шанса за Европа. И пред сè за Германија. Макрон повеќе од пет години води кампања ЕУ да се стабилизира како балансирачка светска сила помеѓу САД и Кина, со силен француско-германски елемент.

За жал, поранешната германска канцеларка Ангела Меркел не сакаше да го следи во овие намери. Наследството на Меркел во европската политика се карактеризира со катастрофално ниво на интеграција во споредба со канцеларите како Хелмут Кол или Хелмут Шмит. Таа на барањето на Макрон за поголемо испреплетување на двете земји одговори со млако обновување на Елисејскиот договор, односно со француско-германскиот Договор од Ахен.

Актуелната влада на СПД, Зелените и ФДП во Берлин сега има шанса да ја исправи оваа грешка. Пред сѐ, преговарачите од таборот на Зелените беа мудри да го вклучат јакнењето на ЕУ како важен елемент во коалицискиот договор. Не како што правеше СПД - со едно театрално проевропско поглавје, туку со конкретни предлози во многу различни области на политиката, Европа треба да направи голем чекор во правец на станување Соединети европски држави. За тоа се работи сега. Од неделата вечер, топката е префрлена во Берлин.