„Платформата“ ја премина македонската граница | Македонија | DW | 19.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Платформата“ ја премина македонската граница

Изјава на албанскиот премиер го регионализира стравот од „сеалбанско сценарио“ во регионот. Таа предизвика реакции во Белград, а според аналитичари, може да биде искористена и за нови блокади во македонскиот парламент.

По тензиите што се кренаа во Скопје околу „тиранската платформа“ со обвинувања дека зад неа стои албанскиот премиер Еди Рама, македонската топка снег се претвори во лавина во Србија. Стравот од наводна федерализација на Македонија сега е „унапреден“ во страв од обединување на Албанија и Косово, односно загрозување на Србија и целиот регион. Повод за вакви стравувања е интервју на Еди Рама за бриселски „Политико“, во кое изјавил дека обединувањето на Албанија и Косово не е негова желба, туку желба на некои албански националисти, но дека е можна алтернатива ако вратата на ЕУ остане затворена.

„Никој не сака да бара мали сојузи, сите сакаат во големата Унија. Но, ако нема надеж, ако нема перспектива, ако нема место, тогаш мали сојузи можат да се случат“, изјавил Рама.

Edi Rama (Getty Images/AFP/D. Dilkoff)

Еди Рама, премиер на Албанија

Како што пренесуваат српските медиуми, министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ изјавил дека изјавата на Рама е уште една потврда дека создавањето на Голема Албанија е заедничка платформа на сите Албанци, што претставува најголема закана за мирот и стабилноста на Балканот и Европа.

„Ја прашувам меѓународната заедница, што би било ако Вучиќ изјавеше дека е можно обединување на Србија и Република Српска, ако не влеземе во ЕУ? Сигурен сум дека сите ќе ја обвинеа Србија дека го загрозува мирот. Затоа ги прашувам ЕУ, САД, Велика Британија и другите, до кога ќе молчат кога некој ја загрозува Србија? Или молчењето е знак на одобрувања?“, реагирал Дачиќ.

И ЕУ чека резултати

Во Македонија без сомнение ваквите изјави ќе бидат дочекани како „пријатна музика“ за сите кои Декларацијата на албанските партии ја претворија во „државна причина“ мнозинството да не го добие мандатот за состав на влада, оценувајќи дека е насочена против унитарноста на државата. Денеска е 110-иот ден откако заврши верификацијата на пратеничките мандати, а сѐ уште трае конститутивната седница и не е избран претседател на парламентот. Аналитичари сметаат дека регионализирањето на стравот од „сеалбанско сценарио“ може дополнително да ги закочи демократските процеси.

„Од некои балкански политики и политичари боли глава“, вели професорката Мирјана Малеска, посочувајќи дека за ЕУ да ги отвори вратите и земјите аспиранти за членство треба да покажат конкретни резултати.

„Еди Рама за 'Политико', изјавува дека обединувањето со Косово не е негова желба, но дека е алтернатива (a little union) доколку вратите на ЕУ се затворени. Значи, ЕУ треба ширум да ги отвори своите врати, а Еди Рама и сличните на него политичари во Србија, Косово, БиХ или Македонија ништо да не направат од нивна страна! Напротив, корупцијата и слабиот квалитет на демократијата не ги засега премногу; изборите никогаш не ги водат чесно до крај; не се подготвени мирно да ја предадат власта откако изгубиле на избори... Од друга страна, во нивната немоќ или несакање да ги променат работите на подобро, подгреваат национализам, ги одржуваат во живот опасните идеи за обединување на народи и територии и се закануваат дека ќе ѝ направат на Европа 'ноќен кошмар', ако Балканот 'полуди'! Национализмите се како врзани садови: доволно е едно бранче, за да се крене непријателството кај другите. На крај, некој огромен бран ќе нѐ потопи сите заедно“, предупредува професорката.

Во ЕУ или во сива зона?

Некои од аналитичарите во Албанија сметаат дека изјавите треба да се читаат во целост, а не издвоени од контекстот на елаборираната теза. Тие не гледаат основа за „правење регионална драма со изјавите на Рама“, бидејќи станува збор за негов повик ЕУ да ги отвори вратите за земјите од регионот. Албанскиот премиер во интервјуто оценува дека има несфаќање дека на регионот му е потребна Европа, но и дека на Европа ѝ е потребен регионот.

„Како Унијата може да биде сигурна, ако Балканот полуди? Како ЕУ може да дозволи нејзиното срце да биде сива зона? Тоа е бесмислица кога зборуваме за безбедноста и сигурноста“, изјавил Рама.

Притоа предупредил дека откажувањето од натмошно проширување би значело дестабилизација на цела Европа.

„Регионот би станал сива зона во која други актери би имале посилна улога од Европската унија“, потенцирал албанскиот премиер.

И покрај тензиите во регионот, тој оценил дека не гледа опасност „нова војна да биде прво сценарио“ и дека постои инцијатива регионалните лидери да работат заедно, што е и заслуга на ЕУ.

„Вие во Европа имате генерација која не видела војна. Ние на Балканот - да. Сме виделе војни и знаеме што значи тоа. Го посетив Белград 68 години по последната посета од албански премиер. Мојот колега (Александар Вучиќ) овде дојде за првпат. Тоа е показател колку работите се поместуваат во добра насока, и тоа поради Европа. Но, ако таа европска магија избледне, верувајте ми, работите би можеле да станат многу лоши“, изјавил Рама за „Политико“.

Рама: Груевски ја прифати платформата!

Но, ова не е единствена изјава што може да ја крене политичката темература. Рама во интервју за албанската телевизија „Визион Плус“, потенцирал дека Тирана ништо не им диктира на албанските партии во Македонија, дека нивната Декларација не е „тиранска платформа“, но и дека таа била прифатена токму од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и неговата партија.

„Сѐ е шпекулација, лага и лоша политика, бидејќи ова креира целосно незаслужена етничка поделба меѓу Македонците и Албанците основана на лага. Вистина е дека поради платформата, таканаречената Тиранска, сѐ уште нема мандат за влада. Вистина е дека Груевски и неговата партија ја прифатија без никакви услови. Кога не постигнаа договор, од причини кои Груевски многу добро ги знае, тогаш ја нападна платформата која не е направена во Тирана, креирајќи поделба со Албанците. Не може да поттикнувате конфликт едноставно поради моќ“, изјавил Рама.

Schweden Ex-Ministerpräsident Karl Bildt (picture-alliance/dpa/A. Bat)

​Карл Билт порача: „Демократија. Устав. Европа. Почитувањето на овие три работи ќе ја однесат Македонија напред“

Таа платформа и натаму останува пречка за трансфер на власта. Поранешниот шведски премиер Карл Билт, сега копретседавач на аналитичкиот институт Европски совет за надворешни работи (ЕЦФР) со неговите соработници вчера заминаа од Скопје за Белград, по средбите со лидерите на поголемите политички партии во Македонија, по што ќе предложат препораки за излез од кризата.

„Демократија. Устав. Европа. Почитувањето на овие три работи ќе ја однесат Македонија напред“, напиша Билт на неговиот твитер-профил.

Како што изјавија од ВМРО-ДПМНЕ, на средбата со Билт „Груевски ги соопштил приоритетите на Република Македонија и на ВМРО-ДПМНЕ, кои ѝ се добро познати на јавноста“. Како што ѝ е познато на јавноста, еден од нив е „проверка на платформата“ на нови парламентарни избори во пакет со локалните. Од парламентарното мнозинство енергично ја отфрлаат идејата за нови избори и најавуваат дека согласно со Уставот и деловникот брзо ќе биде избран претседател на Собранието. Но, досега тоа не се случи. Според Малеска, и без платформата, процесите би биле закочени од оние кои не сакаат да заминат од власта.  

„Вистина е дека 'албанската платформа' ја држи подотворена вратата на идните прекројувања на балканските граници, со оживување на старата идеја за државотворен народ. Но и да не беше така, македонските националисти, кои не ги испуштаат лостовите на власта, за да не бидат обвинети за тешка корупција и кршење на човековите права, ќе најдеа друг изговор да ја продолжат кризата и да предизвикаат меѓуетнички конфликт. Живееме во опасно време. Извесна надеж лежи во тоа што се зголемува опозицијата потив корумпираната власт, која останува сѐ повеќе меѓународно изолирана и нелегитимна“, оценува Малеска.

DW.COM

Реклама