Пенс ја опомена Северна Кореја: „Сите опции се на маса“ | Свет | DW | 17.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Пенс ја опомена Северна Кореја: „Сите опции се на маса“

Американскиот потпретседател Мајк Пенс ја предупреди Северна Кореја дека во игра се сите опции и ѝ препорача да не ја тестира решителноста на претседателот Трамп и силата на американската армија.

Во конфликтот со Северна Кореја околу атомската и ракетната програма на оваа земја, Вашингтон настојува да биде постигната максимална безбедност „со мирнодопски средства преку преговори“, изјави американскиот потпретседател Мајк Пенс. Меѓутоа, тој упати и јасно предупредување до Пјонгјанг да не се обидува да ја тестира решителноста на американскиот претседател Трамп и на американските воени сили, затоа што не се исклучува напад. САД и сојузниците ќе возвратат „ефективно“ на секаков напад со употреба на „конвенционално или нуклеарно оружје“, изјави Пенс во Сеул, по средбата со вршителот на должност претседател на Јужна Кореја, Хванг Кио Ан.

Целта на посетата на американскиот потпретседател Пенс на Јужна Кореја е да се изрази солидарност на САД со сојузникот со оглед на заострените тензии околу севернокорејската нуклеарна и ракетна програма. Пенс изутринава беше во посета на американска воена база во демилитаризираната зона во пограничниот регион кон Северна Кореја. Тој таму нагласи дека „сите опции се на маса“ и дека „политиката на стратешко трпение“ е на крај.

Südkorea Besuch US Vizepräsident Mike Pence (Reuters/K. Hong-Ji)

Пенс на набљудувачко место во демилитаризираната зона меѓу двете Кореи

И покрај предупредувањата од страна на САД, Северна Кореја вчера испали ракета која, според наводи од Вашингтон и Сеул, експлодирала непосредно по полетувањето. Тестот следува по големата воена парада во Пјонгјанг по повод 105-годишнината од раѓањето на основачот на државата Ким Ил Сунг. Германската влада го осуди ракетниот тест како прекршување на меѓународното право. „Независно од тоа дали тестот успеал или не, тоа претставува јасно прекршување на меѓународното право“, изјави портпарол на Министерството за надворешни работи во Берлин.

За време на посетата на Азиско-пацифичкиот регион, американскиот потпретседател Мајк Пенс во наредните денови треба да ги посети и Јапонија, Индонезија и Австралија.

 

DW.COM

Реклама