Пасош за вакцинации на ЕУ: што ќе содржи?
18 март 2021Кој ќе може да биде носител на пасошот?
Секое лице кое живее во ЕУ или на легален начин смее да влезе во Унијата, ќе добие таков сертификат ако ги исполнува условите. Националноста не игра никаква улога. Сите држави од ЕУ, Швајцарија, Лихтенштајн, Исланд и Норвешка се обврзуваат на меѓусебно признавање на сертификатите.
Што се потврдува со пасошот?
Вакцинација со вакцина која е одобрена во ЕУ, прележана зараза со корона и антитела како последица на неа. Негативен корона тест, или со ПЦР методата или со брз тест за антигени, ќе стојат во пасошот. Т.н. домашни тестови не се прифаќаат. Пасошот ќе се издава или електронски во форма на QR-код, или ќе биде испечатен на хартија од националните здравствени власти. Земјите членки може да прифатат и кинеска и руска вакцина.
Какви права се стекнуваат со сертификатот?
Кој поседува сертификат од ЕУ не мора веќе да приложува ковид тест, не мора да оди во карантин и може и без посебна причина да патува. Земјите членки може да направат исклучоци од оцие правила, ако тоа го пријават во Европската комисијаи соодветно ја образложат потребата.
Дали сертификатот е замена за патна исправа?
Сертификатот не може да замени важечки пасош или лична карта. За граѓани на ЕУ и без таквиот сертификат во принцип важи правилото на слободно движење, во рамки на Шенген зоната дури и без гранични контроли. Но, во тој случај може да бидат потребни корона тестови или да биде наметнат карантин.
Кои се предностите од поседување на сертификатот?
Секоја земја членка самата решава какви предности ќе имаат лицата кои поседуваат „пасош за вакцинација”. Во Австрија со него треба да биде регулирано кој ќе има пристап до ресторани, во Грција ноќевањето во хотели. Други земји како Германија се уште не одлучиле. Авиокомпании, организатори на концерти или пак театрите можат да бараат таков сертификат и без да биде тоа регулирано од страна на државата.
Што е со патувањата надвор од Европа или патници кои доаѓаат од таму?
Европската комисија ќе работи на признавање на сертификатот во светски рамки и на признавање на сертификатите од Израел или други земји. Ќе бидат поддржани и такви проекти на СЗО. На тој начин треба да се олеснат трансконтинентални патувања.
Кога ќе се почне?
Пасошот е планиран за јуни 2021. До тогаш треба да биде подготвена техничката платформа на ЕУ. Паралелно мораат и 27-те земји членки и четирите поврзани држави да ги развијат своите национални сертификати и да ги направат компатибилни. Со оглед на тоа дека „проектот за пасош за вакцинации” ќе ужива карактер на закон кој е обврзувачки за земјите членки, мора да мине и низ соодветниот законодавен процес. Земјите членки ќе мора да дадат своја согласност во Европскиот совет и Европскиот парламент мора да го изгласа. Од таму веќе сега има најава за барања за одредени промени. Обичните закони и нивната имплементација во 27-те земји членки знае да трае и со години. Овојпат се треба да функционира за само неколку недели.
Како ќе се проверува „дигиталниот зелен сертификат"?
Во нацртот на ЕК се вели дека не се предвидени систематски контроли на границите, аеродромите или железничките станици. Членките самите треба да смислат како ќе спроведуваат контроли. Едно од можните решенија е да има штихпроби. Организатори на поголеми настани, авиокомпании или сопственици на кафеани би можеле да бараат да им се покаже за да биде одобрен влез.
Колку време важи сертификатот?
По излекување од Ковид-19 важи 180 дена, но по вакцинација може да биде продолжено траењето. Важноста по вакцинација сеуште не е дефинирана. Важноста по направен корона тест е неколку часа или денови. Оние лица кои веќе се вакцинирани може отпосле да бараат издавање на сертификат. Штом СЗО ја декларира пандемијата за завршена, истекува и важноста на сертификатот.