1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во пандемијата повеќе доселени отколку отселени

ДТЗ
1 јули 2021

За време на Ковид-19 се забележани и внатрешни миграции. Во Скопскиот регион има најголемо движење– едни се отселиле, други дошле на нивното место во главниот град.

https://p.dw.com/p/3vplQ
Symbolbild Koffer Auswanderung Einwanderung Reise Immigration Migrant
Фотографија: Fotolia/Masson

Пандемијата привремено го спречи иселувањето од Северна Македонија. Деценискиот бран на масовно иселување, пред сѐ на младите од земјата, за време на изминатите две години, од затворањето на границите и прогласувањето на пандемијата на Ковид-19, не само што е запрен, туку е зголемен и бројот на оние коишто се доселиле во земјата. Најновите податоци за Државниот заводот за статистика покажуваат дека од С. Македонија се отселиле 1.082 лица во 2020, но се доселиле 1.848 странски државјани.

Најголем број на иселените лица - 257 се од Југозападниот регион кои што одлучиле да заминат да живеат и работат во странство. Следуваат Југоисточниот регион со 218 отселени жители во странство, Полошкиот со 149, Вардарскиот со 142 и Источниот со 139. Скопскиот регион има најмалку жители што се отселиле во други држави - само 42, покажува Извештаотј за живородени деца, умрени лица и миграции на Државниот завод за статистика. Вкупно 664 од отселените живееле во градски подрачја, а 418 во селски.

-повеќе на темата: Бранот иселување ја турка Македонија кон пропаст!

Најголем број од странските државјани кои што одлучиле да се доселат во земјава, новиот дом го пронашле во градските подрачја - 1.428, додека 420 заминале да живеат во село. За време на Ковид-19 се забележани и внатрешни миграции - во Северна Македонија минатата година се преселиле вкупно 2.920 лица, од кои најмногу лица - 1.457 се преселиле во Скопскиот регион, а најмалку во Североисточниот - 179. Истовремено, од Скопскиот се отселиле најмногу лица во друго место во земјата - 514. Следуваат Вардарскиот со 407, Пелагонискиот со 394, Источниот со 393 и Југозападниот со 374. Најмалку отселени лица во границите на земјата минатата година биле од Југоисточниот регион - вкупно 209. 

Проценки

Според неофицијалните податоци, повеќе од 500 илјади македонски државјани и лица со потекло од земјата живеат во странство. С. Македонија, но и речиси сите земји од Западниот Балкан, со децении стареат и ги губат младите, најчесто добро обучени кадри. Според проценките, С. Македонија до средината на веков ќе загуби најмалку уште 10 проценти од своето население, а процентот на жители постари од 65 години ќе се искачи до 25 отсто. Во периодот од 2010-2013 година, само во земјите на ЕУ од Македонија се „испразнил“ еден град поголем од Тетово - вкупно 58.713 граѓани добиле прва дозвола за престој или државјанство. Во 2014 година, податокот за вкупен број на иселени лица кој што од МВР бил доставен до ДИК е околу 69.000 лица.

Евиденција на  Министерството за внатрешни работи во однос на лица кои ја напуштиле државата:
 
· 2007 година – 10.552 лица
· 2008 година – 7.711 лица
· 2009 година – 6.630 лица
· 2010 година – 9.346 лица
· 2011 година -  9.647 лица
· 2012 година – 10.212 лица
· 2013 година-  8.300 лица
· 2014 година – 7.124 лица
· 2015 година - 6.836 лица
· 2016 година – 8.656 лица
· 2017 година  6.724 лица

-повеќе на темата: Северна Македонија - земја без луѓе

Додека Светска банка, Еуростат и Обединетите нации преку најразлични анализи, истражувања и студии изминативе години правеа напори да ја пребројат дијаспората, се уште нема релеватни податоци колкумина заминале од земјата и на кој континент најчесто се одлучиле да го започнат новиот живот. Надежите се дека пописот на кој се чека веќе 19 години, ќе ја преброи и дијаспората и ќе даде појасна слика за штетите коишто ги трпи државата од незапирливото иселување, пред се на високообразованиот кадар.

Symbolbild Familie Koffer Reise Auswanderer Immigranten
Според неофицијалните податоци, повеќе од 500 илјади македонски државјани и лица со потекло од земјата живеат во странство.Фотографија: Fotolia/Peter Atkins

Вицепремиерот Љупчо Николовски деновиве објавувајќи податоци од анкета на јавното мислење на социјалните мрежи објави дека Владата го намалила иселувањето во С. Македонија. „Целта е државата да стане подобро место за живеење, а намалување на иселувањето е навистина важно во процесот. Продолжуваме да работиме за што помалку спакувани куфери, изгубени другари, напуштени домови и изгасени светилки“, напиша Николовски на Фесбук.

Оваа објава предизвика бројни реакции на социјалните мрежи – граѓаните коментираат дека во услови на пандемија и затворени граници, беспредметно е да се дискутира кој и дали успеал да го спречи бранот на иселување, бидејќи станува збор за проблем со кој целиот регион не успева да се справи со децении. Со отворањето на границите голема е веројатноста дека Балканот повторно ќе се соочи со старата болка - незапирливиот бреиндреин.

Иселувањето како најголема закана

Македонскиот претседател Стево Пендаровски изминатата година во повеќе наврати потенцираше дека иселувањето е една од најголемите закани за националната безбедност. „Се иселува нашата младост, независно од етничката или партиска припадност. Неповратно заминува паметта, енергијата и креативноста на цели генерации кои имаат огромен потенцијал да ја направат својата земја пристојно место за живеење“, алармираше претседателот, барајќи сите партии да се обединат за да се најде решение за овој проблем. Во една од изјавите за медиумите тој оцени дека македонските граѓани заминуваат поради претераната партизација на државата. Според него, сите политичари ја имаат вината за иселувањето, поради што треба да му се извинат на македонскиот народ за лошите политики во овој дел.

-повеќе на темата: Симовски за пописот во НЦЦ: Одамна сме под два милиони

„Треба наместо да зборуваме во чие време колку луѓе се иселиле, да го средиме тој проблем, бидејќи не сме за фалење. Иселувањето не може целосно да се искорени, тоа не се случило никаде во светот, но може да се намали. Поради претераната партизација се селат граѓаните, тоа мора да се смени“, е ставот на Пендаровски.

Според податоците на европската статистичката служба Еуростат за периодот од 2010 до крајот на 2013 година, вкупно 58.713 граѓани добиле прва дозвола за престој или државјанство во Европската Унија. Организацијата за економска соработка и развој проценува дека во периодот од 2012 до 2016 година, годишно од земјата се иселувале над 20 илјади граѓани, или вкупно повеќе од 115 илјади. Ако се има предвид дека голем број граѓани заминуваат да ја побараат среќата во Европа со бугарски пасоши, или на црно, тогаш лесно може да се претпостави дека бројката на иселени е далеку поголема од достапните статистички податоци. Тоа, пак, остава простор за сериозна загриженост. Според Стратегијата за демографски развој 2008-2015 на Владата, годишно од државата се иселувале помеѓу 10-15 илјади лица. Највисоко е учеството на населението од Полошкиот и Југозападниот регион. 

#dw_BalkanBooster: Боли што нашите родители ќе останат сами