1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Палестинско знаме на ракомет - казнет член на Левица

29 април 2026

Андреј Куцуловски од подмладокот на Левица беше приведен и казнет со 550 евра поради истакнување палестинско знаме на ракометен натпревар во Скопје.

https://p.dw.com/p/5CzSJ
Македонска полиција, 19.11.2025
Андреј Куцуловски од подмладокот на Левица беше приведен и казнет со 550 евра поради истакнување палестинско знаме на ракометен натпревар во СкопјеФотографија: Boris Grdanoski/AP Photo/dpa/picture alliance

Претседателот на помладокот на Левица – Црвена младина, Андреј Куцуловски, доби парична казна од 550 евра поради поттикнување насилство и омраза, откако за време на ракометен натпревар меѓу кадетските селекции на Македонија и Израел внел палестинско знаме во салата „Јане Сандански“ во Скопје.

Инцидентот се случил во вторник (28.04), а за неговото приведување јавноста ја информираше партијата Левица преку објава на социјалните мрежи. Од таму наведуваат дека биле ангажирани повеќе полициски службеници кои, како што велат, без да постои отпор или инцидент, го лишиле од слобода Куцуловски.

Левица обвинува за селективност и бруталност на МВР

„За овој ’прекршок’ беше мобилизирана толпа полициски службеници кои приведоа млад човек кој не пружи никаков отпор, ниту пак предизвика каков било инцидент. Со лисици, како да станува збор за опасен криминалец, беше спроведен во полициска станица, без притоа да му биде соопштен основот за лишување од слобода“, соопштуваат од Левица.

Од партијата дополнително обвинуваат дека истата таа полиција, под раководство на министерот Тошковски, покажува селективност во постапувањето, дозволувајќи осомничени за тешки кривични дела да избегнат одговорност. Според нив, институциите не реагираат со иста ревност при случаи на брутално физичко или семејно насилство, кои често остануваат без соодветен институционален одговор.

Прекршок по Закон за спречување насилство на спортски натпревари

„Државата казнува солидарност, а премолчува насилство.Овој случај јасно ја покажува бруталноста со која системот се однесува кон оние што не се покоруваат“, додаваат од опозициската партија Левица.

Од МВР информираа дека Андреј Куцуловски бил приведен поради сторен прекршок согласно член 3 од Законот за спречување насилство и недостојно однесување на спортски натпревари, откако за време на ракометниот натпревар го истакнал палестинското знаме.