Отчукува часовникот на Иванов | Македонија | DW | 08.05.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Отчукува часовникот на Иванов

Конфликтот меѓу либералните и авторитарните тенденции во Европа најдобро се отсликува преку борбата за власт во Македонија, пишува австрискиот Стандард. Тече времето за Иванов да ја донесе конечната одлука за мандатот.

Отчукува часовникот на претседателот Ѓорге Иванов, пишува австриски Стандард, и наведува дека шефот на македонската држава има рок до претстојниот викенд да го даде мандатот за формирање влада.

Стандард оценува дека Иванов, по насилничкиот упад во Собранието на 27 април, заземал поумерен став.
„Тоа веројатно се должи на посетата на американскиот дипломат Хојт Ји. Претходно, претставниците на ЕУ кои се убедуваа да го вразумат Иванов, се враќаа безуспешно од Скопје“.

Весникот прогнозира дека најверојатно ВМРО-ДПМНЕ нема да ја признае ниту новата влада, како ни новиот собраниски спикер Талат Џафери, претходно. Очекувањата се дека новата влада експресно ќе биде признаена од ЕУ и САД, а Груевски дополнително ќе биде изолиран.

Русија стравува од крајот на режимот на ВМРО

Во коментар за состојбата во земјата, Стандард пишува дека на микро ниво, битката за власт во Македонија го отсликува темелниот конфликт меѓу либералите и автократите на целиот европски континент.

„Авторитарните располагаат со големи медиумски ресурси. Нивна работна алатка е целосно бесрамната манипулација засилена со клевети. Тоа може добро да се забележи кај автократскиот режим на националконзервативната ВМРО-ДПМНЕ во Скопје. Околу партијата се формираа националистички групи кои водат една 'нова битка за идентитетот'.

Непријател број еден на 'патриотите' е милијардерот Џорџ Сорос и секој кој е поддржан од него се нарекува 'Соросоид'. (...) Причината е јасна: Сорос е либерал и финансиски ја поддржува опозицијата.
Но, заострената криза во Македонија има и една геополитичка димензија.Русија стравува дека со крајот на режимот на ВМРО во Македонија, ќе загуби еден верен партнер на Балканот“.

„ВМРО е поврзана со Европската народна партија (ЕПП), но фатално е и наивно да се верува дека таа застапува европски, западни вредности. Напротив: ЕПП мораше одамна да се ослободи од неа“, пишува Стандард.

Грција и Унгарија и натаму го поддржуваат Груевски?!

„(...) Шефот на ВМРО, Никола Груевски за време на своето владеење ги провоцираше своите приврзаници на напади против конкурентите. Тоа што големците на ОВП (владејачката Австриска народна партија, н.з.) пред извесно време се среќаваа и фотографираа со него, не само што е срамно до дно, туку фрла и светлина врз тоа колку се неинформирани некои во Виена, кога се работи за односите со Балканот. Оној кој сега јасно не се позиционира, индиректно поддржува опасни луѓе“.

„Како што е познато, во меѓувреме и ЕУ е поткопана од авторитарни лидери кои негуваат сојузништво со своите „пријатели“ на Балканот. Брисел и Вашингтон експрено го признаа новиот претседател на македонскиот парламент Талат Џафери, за да испратат сигнал. Но, во Политичкиот и безбедносен комитет на ЕУ, како и во работната група на Советот на ЕУ за државите од Западниот Балкан, Унгарија и Грција изразиле задршка поради изборот на Џафери. Така, Орбан останува поддржувач на автократот Груевски“.

DW.COM

Реклама