Омраза и антициганизам во Бугарија | Свет | DW | 31.10.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Омраза и антициганизам во Бугарија

Бугарскиот вицепремиер Валери Симеонов е осуден поради говор на омраза против Ромите. Меѓутоа, тој поради тоа не мора да ја напушти функцијата. Прерасудите кон Ромите се широко распространети во Бугарија.

Општинскиот суд во Бургас го осуди вицепремиерот Валери Симеонов поради говор на омраза против Ромите во земјата. Од една страна, бугарските судови досега многу колебливо реагираа кога стануваше збор за говор на омраза против Роми, а истовремено во Бугарија досега воопшто не е осуден ниту еден вицепремиер, а за осуден за ваков вид деликт и да не зборуваме. Двојна премиера во земјата. Владата досега не излезе со реакција, а Симеонов си ја задржа функцијата наспроти протестите на единаесет ромски организации. Симеонов само соопшти дека ќе се жали на судската одлука.

Пресудата е донесена за говорот во бугарскиот парламент на 17 декември 2014 година. Тогаш, 62-годишниот политичар, бизнисмен и медиумски могул за Ромите рече: „Тие се дрски, подивени човеколики суштества кои бараат плата без работа и земаат пари од здравствени фондови, а не се болни. Добиваат додаток за деца кои на улица си играат со свињи и за жени кои живеат со инстинкт на улични кучки.“

Bulgarien Valeri Simeonov, Vize-Premierminister (BGNES)

Валери Симеонов е осуден, но сѐ уште седи во функционерската фотелја

Победа на правната држава

Судот во Бургас, каде инаку е изборната единица на Симеонов, утврди дека оваа изјава го крши законот против дискриминација и се третира како подбуцнување против ромското малцинство. Вакви изјави, се вели во образложението на пресудата, „создаваат непријателска, понижувачка, клеветничка и навредувачка атмосфера, од која погоден може да се чувствува секој припадник на Ромите“. Тужбата ја поднесоа двајца новинари Роми - Кремена Будинова и Огњан Исаев. Тие категорично одбиваат пари, па Симеонов мора само да запре со инкриминирачкото дело и во иднина да се воздржува од такво нешто.

За адвокатката Маргарита Илиева, која ги застапува двајцата тужители, а истовремено е задолжена и за делот на правото и законите во програмата на Хелсиншкиот комитет на Бугарија, пресудата во прв ред е голем успех за судот. Според Илиева, судот ја докажал својата независност и тоа во политичко опкружување „кое е полно со расистички предрасуди од најлош вид“. Во изјавата дадена по пресудата, адвокатката потсетува дека Симеонов е не само вицепремиер, туку и раководител на Советот за интеграција на етничките малцинства.

Виновник кој делува од убедување

Валери Симеонов е на вицепремиерската позиција како претставник на „Обединети патриоти“, односно сојузот на три помали деснопопулистички партии - Националниот фронт за спас на Бугарија (НФСБ) на Симеонов, ВМРО на Красимир Каракачанов, кој е министер за одбрана, и партијата Атака на Волен Сидеров.

Партијата на Симеонов, НФСБ, во својата изборна програма предвидува уништување на „циганските гета“ и изолација на Ромите во затворени „резервати“, по урнек на резерватите за Индијанците и Абориџините, кои би можеле да станат туристичка атракција.

Bulgarien Unterzeichnung Koalitionsvertrag Partei GERB und Patriotische Front (BGNES )

Сојузот на Симеонов е помал коалиционен партнер во владата: Сидеров, Симеонов и Борисов на потпишувањето на коалициониот договор во април годинава (од лево кон десно)

Во текот на својата политичка кариера дури размислувал и за „модерни концентрациони логори“, ги потсети тој во мај авторите на отворениот повик за негова оставка, кој беше потпишан од 15 илјади луѓе. Претходно, во предвечерјето на предвремените парламентарни избори, Симеонов физички нападна Бугарка муслиманка затоа што таа сакала од Турција да дојде во Бугарија на гласање. Сепак, неговиот изборен сојуз стана помал коалиционен партнер во третата влада на Борисов и неговата партија ГЕРБ. Симеонов лично дури стана и вицепремиер брз ресор.

На маргините на општеството

Бугарските невладини организации, меѓу нив и единаесет ромски организации, сега повторно го креваат гласот против учество на расисти во владата. „Нашата огорченост со месеци не наидува на одзив“, вели Даниела Михаилова, една од организаторите на протестите на невладините организации. Михаилова и нејзините соборци испечатија илјадници маички со барањето „Влада без расисти - трнете го Валери!“ и ги повикаа поддржувачите да се фотографираат со вакви маички на социјалните мрежи. На 16 ноември е планиран и протестен собир пред седиштето на владата во Софија.

Roma in Bulgarien bei Sofia (picture-alliance/dpa)

Во Бугарија официјално живеат 321.000 Роми, но се претпоставува дека ги има два пати повеќе

Во Бугарија официјално живеат 321.000 Роми, што е околу 5% од населението. Меѓутоа, неофицијално се смета дека има барем два пати повеќе Роми. Тие во последните години се сѐ почесто мета на напади. Според едно истражување на институтот Отворено општество, 92% од Бугарите веќе биле конфронтирани со говор на омраза против Роми. Две третини од испитаниците дури тврдат дека слушаат често или многу често подбуцнувања против Ромите, а една третина не знае дека подбуцнувањето на расна дискриминација е казниво.

DW.COM

Реклама