Одговорните во МВР го прикривале убиството на Нешковски | Северна Македонија | DW | 05.05.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Одговорните во МВР го прикривале убиството на Нешковски

Новите прислушувани разговори меѓу раководните луѓе во Министерството за внатрешни работи кои ги објави лидерот на СДСМ, Зоран Заев откриваат грозоморни детали од прикривањето на убиството на Мартин Нешковски

default

Водечките луѓе во МВР и премиерот Никола Груевски знаеле за убиството на Мартин Нешковски, кое се случи ноќта на 5. јуни 2011 година за време на прославата на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ на плоштадот во Скопје, покажуваат снимките од прислушуваните разговори кои денеска ги објави лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Разговорите меѓу министерката Гордана Јанкулоска, помошникот министер Иво Котевски и шефот на УБК, Сашо Мијалков укажуваат дека по првичната збунетост од настанот, полицијата активно работела на тоа да го забошоти случајот, а пред јавноста била претставувана искривоколчена слика за злосторството, неретко за тоа користејќи се и со услугите на медиумите.

Во еден од наводните разговори меѓу Јанкулоска и Мијалков, министерката го прашува шефот на УБК за неговите сознанија за случајот, на што тој одговара:

„Е испадна од ЕЗС припадник, му има удрено не сакајќи, незгодно и овој починал, што да правиш, тоа е“. Јанкулоска му реплицира: „Добро сега. Се случуваат и такви работи, тоа е тоа“.

Мартин Нешковски беше убиен од припадникот на специјалните полициски единици „Тигри“, Игор Спасов. Тврдењата на МВР дека Спасов не бил на должност ноќта за време на прославата, според Заев, паѓаат во вода доколку се слушнат изјавите на Мијалков на снимките. Во разговорот со Јанкулоска, Мијалков признава дека Спасов бил на должност.

Од разговорите меѓу Јанкулоска, Котевски и шефот на кабинетот на премиерот, Мартин Протуѓер може да се добие увид и во нивните обиди, преку медиумите, не само да ја извртат вистината за убиството, туку и да го оцрнат убиеното момче како наркоман или крадец, во што особено предничела телевизијата Сител.

Неколку дена по убиството на Нешковски, еден од сведоците за Дојче веле настанот го опиша на следниот начин:

„Одеднаш се случи некоја бркотница, детето се сопна од каблите, падна, му се извини два-трипати на полицаецот, а тој му рипна одозгора и почна да го тепа; го фрли на клупа; го чукна уште два-трипати; дојде брза помош; констатираа смрт; не го земаа, а полицаецот го извлече назад на тревникот и го фрли како партал. Се` се случи во една минута - му удри неколку боксови, го тресна од земја два-трипати, го клоцна и го удри од клупа“.

Реклама