Одвојувањето на РСМ и Албанија требало да открие други кочничари? | Северна Македонија | DW | 10.12.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Одвојувањето на РСМ и Албанија требало да открие други кочничари?

Правилен е ставот на Бугарија за одвојување на РСМ и Албанија бидејќи така ќе се види дека и Тирана има проблеми, и дека Софија не е основната пречка за двете земји, вели бугарски дипломат

Додека претставници на македонската власт најавуваат, а опозицски претставници ги демантираат наводните можности за деблокирање на  бугарското вето  во периодот декември - јануари, бугарската јавност очекува новата влада во Софија посилно да го врати нејзиното влијание во надворешната политика. Во моментов извесно е дека шефот на бугарската дипломатија ќе биде од редовите на партијата „Има таков народ“ на Слави Трифонов, а се шекулира дека кандидати за таа функција се Димитар Гардев и Павела Митова.

„Колку побрзо се формира владата и  Бугарија  добие навистина репрезентативен министер за надворешни работи, се надевам дека толку побрзо ќе се вратиме на преговарачката маса со силни позиции и со јасна перспектива - што Бугарија навистина сака да се случи за да може да има промена во нејзината надворешна политика“, вели бугарскиот дипломат и експерт по меѓународни односи, Милен Керемедчиев, во интервју за Радио Фокус.

Тој го оправдува бугарскиот став за одвојување на Албанија и Северна Македонија во пристапниот процес кон ЕУ, и наведува кои се причините за тоа.

„Сметам дека е правилен последниот став на Бугарија за разделување на Албанија и Република Северна Македонија, бидејќи така ќе се види дека и Албанија всушност има проблеми за започнување на преговорите за членство, кои произлегуваат од други западноевропски држави, како Холандија и Франција, кои имаат стравови од брз прием на Албанија во ЕУ. Така повеќе ќе се види и дека Бугарија не е основната сопка и пречка за членство на двете држави во ЕУ“, вели Керемедчиев.

Тој смета дека двете земји се различни во својата подготвеност и дека „е логично да бидат одвоени“ во процесот, но не верува дека тоа ќе се случи, бидејќи  политиката на ЕУ  е да ги поврзува кандидатите и да бидат примани заедно. Потсетува дека таков бил случајот и со Бугарија и Романија, иако двете земји меѓусебно постојано се обвинувале дека едната ја кочи другата.

Економијата пред историјата

Керемедчиев смета дека  Бугарија им е должник на европските партнери  не само од гледна точка на односите со РСМ, туку воопшто за односите со Западен Балкан, бидејќи таа отсекогаш имала многу активна улога, но во изминатите месеци отсуствувала заради повеќекратното организирање на избори.

„За разлика од нашите партнери од Северна Македонија, ние навистина не ја споделивме позицијата на Бугарија со нашите партнери во Европската Унија и со нашите партнери во САД. Поради таа причина, Бугарија доста често се однесуваше како налутено дете кое е терано да ја смени својата позиција, без да објаснува каде е всушност исконскиот проблем“, вели дипломатот.

Изјавите на идниот премиер Кирил Петков, дека економските теми треба да бидат водечки во преговорите, Керемедчиев ги поврзува со неговата поранешна позиција - министер за економија во службената влада. Но потсетува дека кога Петков ќе биде во друго својство (премиер - н.з.), ќе се соочи со сите теми на преговорите со Северна Македонија, а не само со економските. Имајќи го тоа предвид, Керемедчиев вели дека „не очекува пробив толку брзо“.

Bulgarien Politiker Kiril Petkov

Идниот премиер Кирил Петков сака да стави акцент на економските односи со С. Македонија

Запрашан за коментар околу „присвојувањето на Свети Климент Охридски од страна на премиерот Заев“, како една од темите кои го раздразниле и бугарското општество и историчарите, тој оценува дека фокусирањето само на една тема -  историјата,  е еднострано и тесноградо, а за жал, таа е водечката тема меѓу двете држави. Затоа смета дека економските односи се исклучително важни за пресекување на гордиевиот јазол, а како пример ги посочува преговорите меѓу Скопје и Атина.

„Подобрувањето на економските односи, можноста за економска и трговска соработка, ги помири народите и ги поттикна да ги натераат политичарите да бидат пофлексибилни. Ние во моментов навистина сме загледани само во една од пречките кои стојат пред РСМ за членство во ЕУ, но сметам дека  добрососедските односи  и развојот на економските, би можеле да помогнат за разбивање на тој гордиев јазол“, оценува Керемедчиев.

Бензин на огнот

Честитката од амбасадата на Русија во Скопје по повод празникот Свети Климент Охридски, веќе предизвика бројни реакции, пред се меѓу историчарите во Бугарија. Историчарот, професор Пламен Павлов, во разговор за Радио Фокус тој чин на Москва го оцени како „долевање бензин во огнот“.

„Каква е целта на тоа, освен да се влошат односите меѓу Бугарија и Северна Македонија?“, прашува тој.

Критика упати и кон западните партнери на Бугарија.

„Не можам да разберам дека странски емисари, вклучително и американски, одат во Скопје, а не доаѓаат во Софија. Дали е тоа демонстрација на непочитување кон Бугарија, што е? Затоа се надевам дека новата влада ќе има сили и енергија да реагира на слични провокации достојно и аргументирано, така што правиме вообичаено ние, како еден цивилизиран народ“, изјави Павлов.