1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Ова не е само американска војна“

3 декември 2009

Во Брисел почнува дводневната средба на министрите за надворешни работи на 28-те земји членки на НАТО. Се очекува централната тема на состанкот да биде засилувањето на ИСАФ-трупите во Авганистан.

https://p.dw.com/p/KpLr
Фотографија: AP

Генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен изминатите недели имаше полна агенда, патуваше од влада до влада и собираше ветувања за дополнителен број војници за мисијата на ИСАФ во Авганистан. Пред денешната средба на НАТО-министрите, Расмусен истакна дека војната во Авганистан не е чисто американски проблем. „Ова не е само американска војна. Она што се случува во Авганистан претставува јасна и реална закана за сите граѓани во сите земји ширум светот.“ Затоа, според Расмусен, мора да се зголеми бројот на НАТО-трупите во Авганистан.

Obama / USA / Afghanistan
Американскиот претседател Барак ОбамаФотографија: AP

Командантот на силите, американскиот генерал Стенли Меккристл, се заложи за дополнителни 40 илјади војници. По повеќемесечни натегања, американскиот претседател Барак Обама вчера објави: „Од наш национален интерес е да испрaтиме дополнителни 30 илјади американски војници во Авганистан.“

Значи, недостасуваат уште 10.000 војници, кои Американците ги очекуваат од нивните НАТО сојузници или од друго место. Генералниот секретар на НАТО Расмусен вели дека веќе добил ветувања. „Останатите учесници во мисијата ќе испратат најмалку 5.000 војници и можеби уште неколку илјади дополнително.“

Slowakei Treffen NATO Verteidigungsminister Generalsekretär Anders Fogh Rasmussen
Генералниот секретар на НАТо, Андерс Фог РазмусенФотографија: AP

Во дипломатски кругови се вели дека Грузија ќе испрати 770 војници, Турција 800. Полска потврди дека ќе испрати дополнителни 600 војници. Германија засега е воздржана. Во Берлин се вели дека треба да се сочека конференцијата за Авганистан на крајот на јануари, во Лондон. Министерот за надворешни работи Гидо Вестервеле истакнува: „Во прва линија станува збор за цели, за стратегија, а потоа за инструментите како можеме да ја постигнеме целта и со која стратегија. Одбиваме дебата што ќе се води само за тоа колку војници ќе бидат испратени.“

BdT US Soldaten in Afghanistan
Американски војници во АвганистанФотографија: AP

Вестервеле ја поздрави намерата на американскиот претседател Барак Обама за почеток на повлекување на трупите во 2011 година. Германскиот министер не го гледа решението за Авганистан само со воени средства, туку, според него, потребна е обнова на земјата. „Тоа предвидува дека мора да се обучат авганистанските полициски сили, за и Авганистанците самите да може да се грижат за сопствената безбедност, повеќе отколку досега.“

За тоа, според Вестервеле, Германија радо ќе даде поголем придонес. Во моментов, во рамките на ЕУ мисијата во Авганистан активни се 40 германски тренери, а кон ова се дополнува чисто германски полициски проект со околу 70 полицајци и воени полицајци. И двата проекта би требало да бидат проширени.

Автор: Биргит Шмајцер / Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска