Обвинувања без факти: Кои се дискриминираните Бугари? | Северна Македонија | DW | 07.10.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Обвинувања без факти: Кои се дискриминираните Бугари?

Обвинувањата за дебугаризација се без аргументи, а со цел да се убедат европските партнери дека кога се дискриминираат Бугари, се дискриминираат граѓани на ЕУ.

Обид билатералниот проблем да се претстави како „европски“, поставување услови кои не можат да водат кон компромисно решение, и проѕирен обид на европска сцена да се печалат поени за изборите во Бугарија – парламентарни и претседателски. Ова е генерален впечаток на домашни аналитичари со кои разговараше ДВ, по „дијагнозата“ што бугарскиот претседател Румен Радев ја даде за суштината на проблемот меѓу Бугарија и Северна Македонија за време на самитот ЕУ- Западен Балкан. Речиси сите се согласни во едно: бугарските ставови не остават простор за придвижување во односите.

Ако до неодамна забелешките на Софија беа дека ЕУ воопшто не e правилно и добро информирана за причините за бугарската позиција, Радев вчера се пофали дека „европските партнери на Бугарија сѐ повеќе ја разбираат суштината на проблемот со Република Северна Македонија: тоа е систематската дебугаризација и уништување со години на бугарското културно-историско наследство во таа земја“.

Покрај обвинување до Скопје, тој со ова му одговори и на лидерот на ГЕРБ и поранешен премиер, Бојко Борисов, кој еден ден претходно го обвини Радев за пропуштено време и шанси за решавање на спорот.

„Бугарија пропушти многу месеци да ја објасни својата позиција“, изјави Борисов, додавајќи дека „генерации млади Македонци и Албанци во моментов ја мразат Бугарија“. Иако токму во мандатот на Борисов Бугарија стави вето на почетокот на македонските преговори со ЕУ, во неколку наврати отпосле тој тврди дека „мора и може да се дојде до компромис“, препорачувајќи сѐ со тоа како дел од решението.

Радев не остана должен на тие забелешки, објаснувајќи што оставил Борисов во наследство.

„За жал, во мај оваа година ги затекнавме односите меѓу Бугарија и Република Северна Македонија во ќорсокак. А потсетете сѐ на тригодишните прегратки, на ветувањата за безусловна поддршка. Потоа потсетете сѐ на изненадното вето во декември минатата година, без да се објаснат нашите аргументи пред европските партнери. Затоа во мај годинава Бугарија ја затекнавме неразбрана и изолирана, но јас не сакам да се навраќам на тој месец, сакам да гледаме напред“, рече вчера Радев.

Belgien | Bilaterales Treffen Zoran Zaev und Rumen Radev

Румен Радев и Зоран Заев

Начинот на кој гледа „напред“ е преку „запирање на процесот на дебугаризација во Северна Македонија“. Обвинувањето за дебугаризација не е поткрепено со никакви аргументи, но Радев го користи пред европските партнери за да ги убеди дека и тие имаат проблем со Северна Македонија: бидејќи кога се дискриминираат Бугари, се дискриминираат граѓани на ЕУ.

Има ли разлика?

Иако лидерот на ГЕРБ наметнува впечаток дека би бил поконструктивен партнер во наоѓањето решение за билатералниот спор и не ја користи ваквата терминологија, ако се следи речникот на неговите соработници, произлегува дека тој воопшто не е поразличен од оној на Радев. Пример за тоа е Екатерина Захариева, пратеничката и поранешна шефица на дипломатијата во владата на Борисов, која обвини дека во земјава има дискриминација по бугарска етничка основа. На есенската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур, вицепремиерот за европски прашања  Никола Димитров  ѝ одговори на Захариева на тие обвинувања.

„Какo прво, имаме Комисија против дискриминација. Кога проверив дали има поплаки за овие наводи што доаѓаат од Бугарија дека ние ги дискриминираме граѓаните што сметаат дека се етнички Бугари, до оваа Комисија нема ниту еден доставен приговор против дискриминација. Оттука, тешко ми е да разберам дали ваквите обвинувања - бидејќи ги слушам многу често јавно од бугарските политичари, дали се дел од домашниот контекст или е резултат на меур, во кој навистина верувате во такво нешто? Северна Македонија е мултиетничка држава. Во нашиот Устав стои дека етичките заедници се еднакви. Имаме заедничка куќа. Патем, не сите земји во регионот ги имаат овие политики. Ние навистина немаме проблем со признавање или непризнавање на малцинствата“, ѝ одговори Димитров.

Тој се осврна и на обвинувањата за говор на омраза.

„На претходните избори во Бугарија, имаше ТВ реклама на политичка партија каде што Северна Македонија беше прикажана како бугарска земја. И тоа се територијални претензии и ова би можел да го протолкувам како говор на омраза. Зголемувањето на револтот што го дефинирате како ‘говор на омраза’ од наша страна е од обичните луѓе, граѓаните, и е токму предизвикано од тоа што вие им кажувате кои се. Сакате да им кажете која е нивната историја и сакате да им кажете каков е нивниот јазик. Нормално, кај луѓето ќе има револт. Ние како земја секогаш ќе ги осудуваме инцидентите, но сегашната бугарска политика кон Северна Македонија е инвестиција во антагонизам, а не во пријателство“, одговори Димитров.

Условувања, катарза и недоверба

Поради изборни и други цели, посочените факти се игнорираат од страна на бугарските политичари. Радев и натаму инсистира „на вистински и објективни резултати од пописoт во Северна Македонија, без притисок врз луѓето да го изразат својот национален идентитет и признавање на историската вистина“, како и гаранција од ЕУ - патоказ кој треба да биде вклучен во преговарачкиот процес и рамката за преговори на РСМ. Тој потенцира дека секоја европска земја поминала низ своја катарза, а тој процес бил особено болен во земјите од постсоветскиот простор во Централна и Источна Европа.

„Бугарското општество сѐ уште ги лечи раните нанесени од тоталитарниот режим во кампањата за насилно менување на имињата на бугарските Турци. Затоа земјите кои денес се кандидираат да бидат членки на европското семејство не можат да го игнорираат овој процес на катарза. Нема како да го одмине и РСМ“, рече Радев.

Balkan Gipfeltreffen mit den Staats- und Regierungschefs der westlichen Balkanländer

Контроверзни ставови на еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји

А во јавноста се актуелизира прашањето - дали всушност РСМ е одмината? Бриселски „Политико“ во текст за работата на еврокомесарот за проширување, еден ден пред Самитот ЕУ - Западен Балкан оцени дека Оливер Вархеји фаворизира само една земја од кандидатите - Србија, и покрај тоа што таа бележи назадување во демократските реформи и владеењето на правото. Службеници на Комисијата, ЕУ-дипломати и европратеници, изразиле фрустрација поради пристапот на Вaрхеји кон Северна Македонија. Според еден од дипломатите со кои разговарале новинарите на „Политико“, Оливер Вархеји дал „некорисни предлози до Бугарија што повеќето земји-членки веќе ги отфрлиле“. Медиумот потсети и дека Вархеји ја збунил европската јавност годинава, кога ја изнел идејата дека на Албанија треба да ѝ се дозволи да започне преговори за членство без Северна Македонија, што веднаш беше отфрлено и од ЕК и од повеќето земји-членки.

Во контекст на споменатите наводи, запрашана дали се уште има доверба во комесарот Вархеји, претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, на прес-конференцијата по завршувањето на самитот одговорила дека „сите комесари ја имаат нејзината полна доверба“.