Нов процес за „Монструм“: Ќе проговорат ли „бомбите“? | Северна Македонија | DW | 12.02.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Нов процес за „Монструм“: Ќе проговорат ли „бомбите“?

Судењето за петкратното убиство кај Смилковско Езеро почнува од почеток. Нема информации до какви сознанија доведоа „бомбите“ во предистражнатата постапка на СЈО

Во Кривичниот суд во Скопје денеска повторно треба да  седнат Хаки Азири, Агим Исмаиловиќ, Сами Љута и Фејзи Азири обвинети во случајот „Монструм“.  Ним им   се суди за петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, во кога беа убиени четирите момчиња - Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски, и 45-годишниот Борче Стевковски.

Лани во октомври обвинителката Лилјана Спасовска предложи Врховниот суд да ги укине пресудите на првостепениот и второстепениот суд за доживотен затвор на обвинетите, и предметот да го врати на повторно одлучување. Предлогот го образложи со неутврдена фактичка состојба, со евентуално постоење на прислушувани разговори кои ги поседува СЈО а кои би можеле да го сменат текот на постапката, но и поради жалбите на одбраната на осудените за вештачењата и за различните искази на заштитен сведок. Откако Врховниот суд утврди серија пропусти во водењето на постапките, ја укина првостепената и второстепената пресуда, и предметот го врати на почеток. На обвинетите им определи мерки на претпазливост - да не смеат да го напуштат градот во кој што живеат и двапати неделно да се јавуваат во Основниот суд Скопје 1. Сè уште се активни и меѓународните потерници за Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои со години се на Косово. Тамошните власти го одбија барањето за екстрадиција, со образложение дека не биле доставени доволно докази кои укажуваат на нивна вмешаност во случајот.

Skopje Mazedonien Straßenschlachten 04.07.2014 (Petr Stojanoski)

Пресудите за неколумината Албанци за петкратното убиство кај Смилковско Езеро во 2014. година предизвикаа масовни протести

Што кријат „бомбите“?

Како ќе се одвива повторениот процес, засега е многу нејасно. Обвинението за овој случај сѐ уште е во надлежност на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, а целото внимание е свртено кон СЈО, кое располага со дел од доказите („бомбите“) коишто евентуално би можеле да го сменат текот на постапката. Такви очекувања во 2015 година произлегоа од изјавата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, дека меѓу незаконски следените комуникации има телефонски разговори и смс-пораки, кои може да фрлат нова светлина за вистината за петкратното убиство. На прашањата какви сознанија произлегуваат од разговорите, тој одговараше: „Нема јас да го толкувам тоа. Може тие докази нема да ги дадат сите одговори, но може ќе дадат огромен процент и расчистат многу облаци кои сѐ уште надвиснуваат над овој процес“.

Заев ги предаде тие докази во СЈО, каде што сѐ уште трае предистражната постапка за овој случај. Откако Врховниот суд го врати предметот на почеток, Заев изјави: „Сега барем постои фер-шанса за правда. Можеби тие докази кои ги има во СЈО ќе ги потврдат оние кои веќе ги има, или пак ќе доведат до вистинските извршители. Важно е и родителите и семејствата на убиените да ја знаат вистината. И тие ќе бидат мирни ако знаат дека до крај се се истражило и дека вистинските убијци ќе одговараат“.

(Архива) Молкот поопасен од вистината за „Смилковско езеро“?

Заев: Невини луѓе лежат во затвор за Смилковско езеро!

Сѐ од почеток

Јавноста до денес не знае што има во „бомбите“, односно дали тие водат кон извршителите на убиството, или само индицираат оти не се виновни лицата на кои сега им се суди. Извори од СЈО велат дека неизвесно е дали тие ќе го преземат „Монструм“ во своја надлежност. Во оваа фаза не откриваат какви сознанија има во „бомбите“ и колку разговори се однесуваат на овој случај. Потенцираат дека сѐ уште не се преслушани сите предадени разговори, а можеби меѓу нив има и други кои се однесуваат на овој случај.

Она што е познато, е дека предметот кој сега почнува од почеток ќе го суди судијата Огнен Ставрев. Во процесот ќе треба да ги има предвид укажувањата на Врховниот суд, кој  наведе дека не било почитувано правото на одбрана на обвинетите и дека треба да се изврши повторна оценка на веќе изведените материјални и вербални докази. Судскиот процес за „Монструм“ почна во декември 2012 година и беше предмет на дебати, протести и поделби во јавноста. За едни, обвинетите беа „свирепи убијци осудени на доживотни затворски казни врз основа на цврсти докази“, за други „невини луѓе, жртви на политички монтиран процес.“

 

DW.COM

Реклама