1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реформи: Високо образование по мерка на младите

16 април 2026

Дали со новите законски решенија ќе се стави се стави крај на импровизациите и експериментите во образованието?

https://p.dw.com/p/5CGo7
Студенти на универзитет во Скопје
Државата сака да ги задржи младите домаФотографија: DW/K. Ozimec

По бројните критики, дебати и корекции, трите закони од областа на високото образование и науката влегоа во владина процедура. Станува збор за предлог-законот за високо образование, законот за обезбедување квалитет во високото образование и науката и законот за научноистражувачка дејност.

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека станува збор за системски реформи кои не се креирани зад затворени врати, туку во соработка со универзитетите и академската заедница.

Мицкоски: Законот е заедничко решение со академската заедница

„Ова не е закон на Владата, ниту политичко прашање, туку државно прашање од кое зависи иднината на земјата и на младите. Тие денес сè помалку препознаваат квалитет во домашното високо образование“, истакна Мицкоски на прес-конференција во Владата, заедно со министерката за образование и наука Весна Јаневска, во присуство на ректорите на универзитетите.

Тој нагласи дека мора да се стави крај на импровизациите и експериментите во образованието, бидејќи станува збор за темел на секое општество. „Кога се носат погрешни одлуки во образованието, последиците ги чувствуваат генерации. Не можеме да си дозволиме уште една изгубена деценија“, рече Мицкоски.

Нов модел на финансирање и задржување на младите

Според премиерот, новото законско решение создава услови младите да останат во државата и да ја градат својата професионална кариера на домашните универзитети. За првпат, студентите кои со државни стипендии студирале на 100-те најдобри светски универзитети, како и најдобрите студенти во земјата, ќе имаат предност при вработување на државните универзитети.

Покрај тоа, се воведува и нов модел на финансирање на универзитетите, со јасна поврзаност помеѓу резултатите и средствата. „Повеќе труд ќе значи повеќе средства. Ќе вложуваме повеќе, но и ќе бараме поголема отчетност“, истакна Мицкоски.

Буџетот за универзитетите годинава изнесува 7,5 милијарди денари, што е значително повеќе во однос на претходните години, а Владата најавува дека овој тренд ќе продолжи. Паралелно, се зголемува поддршката за научната дејност, со цел јакнење на меѓународната видливост и цитираност на македонските универзитети.

Претставници на студентите, кои присуствуваа на средбата посочија дека треба да се внимава каде се вложуваат средствата, бидејќи дел од универзитетите се соочуваат со бројни предизвици - студентите не можат да следат настава бидејќи нема парно или немаат услови за пракса, а дел од студентските домови се во ужасна состојба и нема услови за живеење во нив. 

Критики од академската јавност и Независниот академски синдикат

Иако измените го поминаа владиниот филтер, предлог-законот за високо образование беше предмет на бројни критики, како од опозицијата, така и од дел од академската јавност.

Од Независниот академски синдикат (НАкС) реагираа дека со законските решенија се загрозува универзитетската автономија. Според нив, Министерството за образование и наука добива можност да врши статусни промени на јавните универзитети без нивна согласност и без јасно утврдени критериуми. Проблематично, според НАкС, е и тоа што за инвестициите и развојот на универзитетите ќе одлучува Советот, во кој членуваат и претставници на извршната власт, наместо Универзитетскиот сенат.

Претходно реагираше и опозициската СДСМ, која побара повлекување на предлог-законот.Според партијата, измените воведуваат владина контрола врз универзитетите, ја нарушуваат нивната автономија и отвораат простор за партизација.

Предлог-законот, кој треба да го замени актуелниот од 2018 година, предвидува и построги критериуми за избор во академски звања. Кандидатите за доцент, вонреден и редовен професор ќе мора да имаат објавени 6 до 7 научни трудови, од кои најмалку половината во списанија индексирани во Web of Science или Scopus.