Новак Ѓоковиќ останува неомилениот крал на тенисот | Панорама | DW | 03.02.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

Новак Ѓоковиќ останува неомилениот крал на тенисот

Што уште треба да освои српскиот тенисер за да го засака публиката? Германскиот печат повторно нема одговор на ова прашање, откако Ѓоковиќ по рекорден, осми пат, го освои Австралија опен.

„Неговиот престол се нишаше, се чинеше дека бунтот на Доминик Тим ќе биде успешен, но на крајот кралот сепак повторно го одбрани своето кралство со големи напори“, пишува спортскиот портал Спорт1, по новата, 17 титула, на Новак Ѓоковиќ на еден Грен-слем турнир. Германските медиуми се полни со коментари по победата на Ѓоковиќ во Австралија, но и натаму лебди старото прашање: зошто публиката не го сака.

„Голема група навивачи се собра на платото пред арената во Мелбурн, повеќето со сини или црвени маици, некои прегрнати со српски знамиња. Публиката ретко го прифаќа Ѓоковиќ така топло како Федерер или Надал, но доколку некаде тој има свои верни навивачи, тогаш тоа е Австралија, доселеничката земја на другиот крај на светот“, пишува Зидојче цајтунг.

Онлајн изданието на магазинот Шпигел го нарекува Ѓоковиќ „неромантичен реалист“.

„Новак Ѓоковиќ во овој спорт е класа за себе. Во четвртиот сет од финалето тој покажа зошто е толку тешко некој да го победи.“

Авторот потсетува дека во делот на навивањето „сѐ било по старо“.

„Кога спикерот во арената објави дека се гласа за најомилен играч на турнирот, најмногу гласови доби противникот на Ѓоковиќ. Ѓоковиќ го познава тоа чувство. Тој е ретко омилен, меѓу другото и затоа што на теренот делува како неромантичен реалист. Токму тоа е она што го прави така успешен. Ѓоковиќ е веројатно најголемиот индивидуалист во овој спорт. И затоа е тешко да биде победен - дури и кога некој, како Тим, е така блиску“, заклучува Шпигел.

Australian Open | Tennis | Novak Djokovic (Reuters/E. Su)

Ѓоковиќ е веројатно најголемиот индивидуалист во овој спорт, пишува Шпигел

Швајцарскиот Ноје цирхер цајтунг се прашува зошто и после сите успеси Ѓоковиќ сѐ уште се бори за признание.

„Најголемиот дел од публиката во финалето го поддржуваше Тим. Симпатиите не беа толку еднонасочни како на финалето на УС Опен во 2015, кога американската публика му даваше и нефер поддршка на Федерер. За такво нешто српската дијаспора е сепак преголема. Но публиката сакаше да види нов победник. Тоа беше јасно“, пишува НЦЦ.

„Луѓето го обожуваат Федерер затоа што, како никој друг, ги симболизира елеганцијата и фер-плејот во тенисот. Надал е блиску до популарноста на Федерер поради неговата борбеност. Ѓоковиќ, и покрај неговите успеси, и покрај неговата доминација, останува неприфатен од публиката“, заклучува НЦЦ.

DW.COM

Реклама