Не прашувај што може ЕУ за Тебе – Што можеш Ти за ЕУ во Себе | Северна Македонија | DW | 31.05.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Не прашувај што може ЕУ за Тебе – Што можеш Ти за ЕУ во Себе

Северна Македонија навистина заслужува повеќе од Европа, но не на сметка на тоа да се правиме луди дека сме го смениле системот или дека рефомите биле суштински. Пишува Ивор Мицковски

Кога актуелниот претседател на ЕК во заминување Жан Клод Јункер пред 5 години стапи на функцијата, тоа го направи со проповедничка порака: Оваа комисија е последната бариера за спас на Европа! По минатонеделните избори за Европскиот парламент, и победата на силите на Обединета Европа над суверенистите за Европа на нациите, можеме да кажеме дека мисијата на ЕК во голема мерка е завршена работа.

Неколкуте големи дисруптивни моменти насочени против Европа, како Брегзитот, изборот на Трамп, кинеската, турската и руската пенетрација во Источна Европа, економската и миграциската криза, како и подемот на националистичките и популистички влади во голем број европски земји, не успеаа во поткопување на европската иднина и идеја. Благодарение пред се на младите кои овој пат масовно излегоа на избори, благодарение на урбаните градови, каде масовно се гласаше проевропски, наспроти сликата во перифериите на големите европски држави, како и во самите земји на периферијата на ЕУ.

Иако гласачите го потврдија проевропскиот избор, тие сепак извршија силна трансформација во традиционалната европска политичка панорама. ЕПП, Европската народна партија, останува најголемата сила на континентот, но и доживува силен пад и потрес. Во Франција, во Италија и во Шпанија се сведени на егзистенцијален минимум. Ослабување кое во сите земји во прашање отиде во корист на екстремната десница. Но, падот на десничарите особено ги зајакна Либералите и тоа највеќе во Франција и Шпанија. Со исклучок на триумфот во Шпанија, социјалистите губат голем број на европратеници, дупка која ја пополнуваат токму Либералите и Зелените. 

Повеќе и помалку Европа

Екстремната флуидност и фрагментација на демократските сили во Европа потврдува дека овој пат Европа не избираше помеѓу левица и десница, туку помеѓу повеќе Европа и помалку Европа. Традиционалите партии како ЕПП и Европските Социјалисти, кои со децении го држеа монополот на судир помеѓу конзервативците и прогресивците нема да имаат апсолутно мнозинство во Европскиот Парламент. Но, заедно со Зелените и Либералите, односно партиите кои како свој приоритет ја избраа проевропската агедна, може да сметаат на силно мнозинство од преку 500 парламентарци од вкупно 750. 

Ова сојузништво на четири големи сили дополнително ќе го искомплицира и онака тешкиот процес на доделување на новите функции во Европската Комисија, во обид да се пронајде вистинската политичка, географска и родова рамнотежа. Европските држави ги очекува серија на мачни преговори, нешто што може да се пролонгира до крајот на оваа година, а со тоа и да се продолжи мандатот на Јункер, кој инаку истекува на 31 октомври 2019 година. Во носење на одлуките ЕПП може да смета на 9 премиери на власт под водство на Меркел, 8 премиери се на страната на Социјалистите под водство на Санчез, додека исто 8 премиери се под лидерската капа на Либералите предводени од Макрон. Оваа фрагментација го комплицира и изборот на идниот претседател на ЕК, според воспоставениот, но и критикуван механизам на „Spitzenkandidaten“, според кој секоја парламентарна група идентификуваше свој кандидат пред самите европски избори. Кандидатот на ЕПП Манфред Вебер е во слободен пад, и кај многу национални влади проработува искушението номинацијата на претседателот да се врати под капата на засебните држави членки, наместо да се остави како сега, во раце на Европскиот парламент.

EU-Gipfel | EU-Wahlen | Brüssel (Reuters/Y. Herman)

Европските држави ги очекува серија на мачни преговори

Под знак прашање е и иднината на европската франко-германска локомотива и лидерство, каде амбициите на Макрон и залезот на Меркел, ќе бидат причина за потешко пронаоѓање компромиси. Последниот акт од играта помеѓу Меркел и Макрон започнува сега, но тешко дека оската Берлин – Париз ќе доживее крах.

Лебедовата песна на Заев

Имајќи го се ова во предвид, се поставува прашањето како се ова ќе се одрази по европската иднина на Македонија и Западниот Балкан, и кои се позитивните и негативните реперкусии од овие избори?

Неделава Македонија ја доби десетата, како што милуваат да кажат, најчиста препорака за добивање датум за преговори, но самиот датум веќе подолго време опасно виси во воздух поради противењето на одредени земји членки, пред се Франција, Холандија, Данска, а сега и партијата на Меркел, ЦДУ/ЦСУ, која се противи на брз почеток за преговори за Македонија и Албанија. Веќе неколку недели, односно по враќањето на Заев од Берлин на самитот со Германија и Франција, може да се чуе неубедливата и измешаната доверба на премирот дека ќе добиеме датум ова лето. Заев почна со лебедовата песна за колку евентуалната одлука да не добиеме датум за преговори би имала негативни последици врз Балканот и нашата внатрешна политичка стабилност, нешто што е суштински точно, но што прекасно и неубедливо ја исполнува празнината и леснотијата со која премиерот ветуваше сигурен датум во јуни месец.

Не би навлегувал во последиците на што би било кога би било, или околу ламентациите дека Европа не знае да ја препознае Европа надвор од својата Унија. Тие приказни на авторите блиски до власта малку значат кога ги сумираме разликите или процепот помеѓу тоа што ЕК мисли за Македонија и нејзиниот очигледен напредок, успехот со соседите, болните компромиси и колку се тоа има помало значење за одредени национални влади во ЕУ. Треба да сме свесни дека интересите на Унијата и некои големи земји лидери како Франција не се идентични кога станува збор за проширувањето, како што не се исти извештаите до матичните земји од нивните амбасадори и оние на европските институции.

Но, да одиме по ред. Фрагментацијата која произлезе од овие европски избори, се што наведов погоре, проблемите на договор меѓу поединечните земји членки, неминовно ќе има реперкусии врз темпизмот и квалитетот на одлуките кои ја тангираат нашата земја. Понатаму, самиот факт дека проевропските сили победија на овие избори, не се преведува автоматски во олеснителна околност за Македонија. Првично, затоа што самите проевропски партии се пофрагментирани, додека оние традиционалните, иако докажани поддржувачи на нашата земја, нужно ќе ги направат поригидни своите позиции како реакција на притисокот од екстремната десница, како што потврдува и германскиот случај. Падот на Социјалистите лошо говори од аспект на сестринскиот однос со нашата владејачка партија, иако, постои можност новиот лидер на Комисијата да дојде токму од нивни редови, што за нас би било охрабрувачки. Поразот на Ципрас, внесува дополнителен немир и несигурност за иднината на имплементацијата на Преспанскиот договор, и воопшто за поддршката кон европскиот пат на Македонија, доколку Мицотакис победи на предвремените избори во Грција.

Втор битен проблем кој го начнав после Берлинскиот самит, е што Македонија во овој европски пат не патува сама. Перцепцијата е дека разликата помеѓу нашата кристално чиста препорака, и чистата препорака со неколку забелешки за Албанија, не е доволна за да не откачи од пакетот со Тирана, која во даденава ситуација испаѓа како сидро околу вратот за Скопје. Евентуалното отцепување од тој пакет, значително би ги зголемило нашите шанси, но засега тоа делува нереално. 

Трет важен аспект е што нашиот реформски процес е навистина скромен. Тргнете го името на страна и договорот со Бугарија, владејат пратерии на половични или неспроведени реформи, дилови со деструктивната опозиција, загрижувачко ниво на корупција, клиентелизам и непотизам, кои ниеден амбасадор во земјава, особено не францускиот, не пропуштил да ги нотира кај своите власти. Нека не ве лаже извештајот на ЕК, тој е избалансиран политички документ кој меѓудругото служи и да ги пофали и повеќе од потребното европските бирократи во заминување.

Лошиот полицаец на Балканот

И доаѓаме до клучниот проблем, Франција на Макрон и неговата улога на лош полицаец на Балканот. Макрон со неговата „ренесанса“ испадна губитник на овие избори од коалицијата на Ле Пен. Проширувањето во неговите очи наликува на похранување на амбициите на националистите. Потоа проблем е и неговата лична амбиција за внатрешни реформи во самата ЕУ, пред било каков чекор кон проширување. И конечно, одлучувачки е неговиот тивок судир со Меркел каде Макрон планира проширувањето да го искористи како влог за спогодување во серија зделки, почнувајќи од реформата на еврозоната каде Берлин е непопустлив, до тензиите околу Северниот поток и ембаргото за продажба на оружје на Саудиска Арабија. Настрана што Париз гледа на проширувањето како клучен интерес на Берлин и нема да пропушти да го употреби во престојната шаховска партија околку Европската Комисија, каде амбициите на Франција се да ги освои кралот и кралицата, а Меркел во духот на најдобрата германска традиција да се задоволи со коњот и ловецот. Што се однесува до реформскиот процес на Македонија, Париз во повеќе наврати не предупреди дека корупцијата и владеењето на правото, остануваат објективни пречки за проширувањето. 

Претходни колумни: 

Емотивна Македонија

Претседател како шеф на опозиција

Сега, каде е Македонија во ова немирно море и што треба да очекуваме од владата?! Испитите за малите земји никогаш не завршуваат. Почнувам да се сомневам дека метлата на Заев од чисто домашна и популистичка мерка, има капацитет и намера да им намигне на странците и скептиците од ЕУ. Но, дискрепанцата или контрадикцијата помеѓу партиската метла и онаа државната засега не ми буди огромни надежи дека работата е поставена на паралелни шини. Стравувам дека Заев свесен за можноста да кикснеме и доживееме одложување на датумот, повеќе се занимава со идните избори, отколку со реформската агенда. Тоа е легитимно, но во дадената ситуација би требало да биде обратен процесот. Притоа мака мачам да разберам како личностите кои не се достојни да водат лидерски позиции во партијата, и понатаму се оставени да водат клучни управни, министерски или градоначалнички функции. Или, како во вода паѓа целата партиска метла кога меѓу бројните советници на премиерот се вдомени најлошите клиенти, крвници, апаратчици, апологети и конвертити на пазарот. Се разбира, има таму и добри луѓе, но токму затоа опасно сметаат и повеќе ги забележуваме лошите примери. 

Bulgarien EU-Balkan-Gipfel in Sofia | Macron und Zoran Zaev (Getty Images/AFP/L. Marin)

Дали Макрон сака да биде лошиот полицаец на Балканот?

Заев и понатаму го има следниот внатрешен проблем. Општествениот живот и понатаму е пренормиран за обичниот граѓанин, додека законите не важат за моќниците. Партиската доминација полна кланови, но без реална дебата и конструктивни поделби, каде се наградува само лојалноста кон лидерот нужно наметнува авторитативна политичка моќ, задржување на обемната администрација и неослободување на државата од партијата. Државата, односно партијата е потикнувач на корупција, клиентелизам и непотизам, таа и понатаму е главниот финансиер и дарувач на субвенции, нешто што директно влијае врз слободата на приватниот сектор, невладините, медиумите и генерално бизнисот. Безбедносните реформи донесени заедно со ВМРО-ДПМНЕ, преголемата концентрација на моќ во рацете на премиерот, и понатаму не нудат гаранции за промени во (зло)употребата на силната моќ, додека недостатокот од реформи во правосудството не нуди гаранции за владеење на правна држава.

(Не)Рационална држава

Нашата земја како единствена функционална мултиетничка држава на Балканот, и онака е прескап проект. Нашиот државен апарат е прескап, политичките привилегии и бенефиции се преголеми, со еден збор, без промени на ова поле, државата се претвора во паразит кој претставува рај за сите медиокритети и неспособни кадри. Примерот со Ружин и Андоновски е доволно јасен. Ова е пример за одржување на принципот на негативна селекција, систем кој оневозможува вредностите на и онака малкумината способни останати во земјата да дојде до израз. Поинаку кажано, Македонија е се уште предалеку од рационална држава.

Го знаете филмот „Неколку добри луѓе“. Сите држави ги имаат во ограничен број, најчесто тие се малку. Разликата помеѓу тоа што е реалноста и што навистина сме можеле ја прават луѓето. Обичните луѓе го прават тоа, оние кои си ја знаат работата и кои сакаат чесно да си ја завршат. Поставувањето на таквите луѓе на клучни позиции зависи само од една работа, од политичката волја. Македонија премногу од својот реформски товар наместо да го става во рацете на луѓе кои од тоа би имале корист, суштинските промени би требало да им ги довери на луѓе кои политиката не може да им донесе корист. За држава треба да се работи најчесто на сопствена штета. Со други зборови, само тие што имаат име и презиме во области во кои се почитувани, можат да бидат добри работници. Само таквите луѓе можат да го измерат ризикот кој лошо спроведената работа би го имала по нивното име и углед. Кај нас се изгуби стравот од таквата штета која можеме да си ја нанесеме, и затоа треба да се бираат пред се луѓе кои го имаат тој квалитет. Тој страв кај чесните и доблесните се нарекува одговорност. За жал, такви луѓе видовме премалку, и сега власта има шанса тоа да го исправи и да постави пример. Истото важи и за самобендисаната и неодговорна опозиција.

Со други зборови оваа наша земја навистина заслужува повеќе од Европа, но не на сметка на тоа да се правиме луди дека сме го смениле системот или дека рефомите биле суштински. Тука треба да ставиме рака на срце и да си признаме дека не е направено доволно, со олеснителната и објективна околност дека не се ни имаше доволно време. Засега тоа што не разликува, и што можеби го преценуваме, е ослободувањето од режимот и европската стабилократија благодарение на искрената граѓанска побуна. Ние сме новото на Балканот, за разлика од биолошките и политичките наследници на балканските крвници кои владејат во регионот. Но, за тоа ново да биде посебно и уникатно, за тоа да се интериоризира во свеста на народот, да стане дел од нашиот менталитет, допрва не чека уште долг, можеби и деценски пат. Тој пат треба убаво да се изоди, и тука малодушноста или плачењето над одлуките на Европа, малку значат. 

Затоа, ако Европа и овој пат пропушти да ја препознае Европа во нас, нашата реакција повторно треба да биде, само повеќе Европа и што повеќе реформи. Поуката од овие европски избори е прејасна, доколку на тврдиот суверенизам државите се спротивставија со мек суверенизам, ќе победеше тврдиот. Наместо тоа, победи повеќе Европа.

 

DW.COM

Реклама