Не е виза - а што е тогаш? | Свет | DW | 24.10.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Не е виза - а што е тогаш?

Од 2020. година на најголем дел од граѓаните од Балкан ќе им треба одобрение за патување во Шенген. Тоа не е виза, вели за ДВ еврокомесарот Аврамопулос. Што е тогаш, каква е целта, за кого ќе важи и каква е процедурата?

„Европскиот систем за патни информации и одобренија (ЕТИАС) - тоа не се визи“, им порачува на граѓаните од Западен Балкан еврокомесарот за внатрешни работи, Димитрис Аврамопулос. Во Европската комисија се свесни за интересот, но и за погрешната перцепција на граѓаните во врска со новиот документ, кој за неколку години би можел да стане неопходен при влезот во Шенген-просторот.

Во Брисел повторуваат дека слободата на движење и визната либерализација за земјите од Западен Балкан се „историски чекори“ кои не се доведуваат во прашање, ниту не намалуваат со најавените дополнителни патни проверки. „Западен Балкан е клучен регион и близок партнер на ЕУ. Секоја наша намера е во насока на зачувување на таа блискост и партнерство, како и за постигнување на целта за олеснето движење и контакти на граѓаните на ЕУ и Западен Балкан “, вели еврокомесарот во изјава за Дојче веле.

Новиот систем ЕТИАС е предложен пред една година, како последица на засилениот прилив на патници кои влегуваат без визи во ЕУ, потсетува Аврамопулос. Според него, целта е во таква ситуација да се зајакне европскиот систем за управување со границите и миграциите, што е во корист и на ЕУ и на земјите со безвизен режим. 

„ЕТИАС не се визи, туку едноставен и евтин безбедносен механизам кој се применува на сите земји чии граѓани патуваат без визи во Шенгенскиот простор, вклучувајќи ги и Канада и САД. Граѓаните кои веќе уживаат безвизен режим и натаму ќе патуваат без визи, со добивање едноставно патно одобрение пред влезот во Шенгенскиот простор. Во прашање е мал процедурален чекор, кој во најголем број случаи ќе го олесни патувањето во ЕУ, ќе ја засили заедничката безбедност и ќе ја избегне бирократијата и задржувањата при доаѓањето“, заклучува Аврамопулос во разговорот за Дојче веле.

Symbolbild Schengener Abkommen Visum Europa Reisefreiheit (Fotolia/katatonia)

Визите се сепак само минато?

Сеќавања на редиците пред конзулатите

Граѓаните на Западен Балкан последните денови со нервоза и недоверба гледаат на најавите за воспоставување на новиот систем за влез во Шенгенскиот простор. Не треба да им се замерува: на мнозинството му се свежи сеќавањата на годините кога се чекаше пред амбасадите, долгите списоци на компликувани бирократски процедури, чувството на изолација и неизвесност... Присутно е сеќавањето и на речиси празничниот дочек на визната либерализација за Србија, Црна Гора и Македонија во 2009. година, а следната година и за БиХ и за Албанија.

„Не траеше долго“ или „Сега само поинаку се вика“ - така овие денови гласат најчестите коментари на вестите од Брисел за подготовка на новиот систем за влез во Шенген. Не помага многу ниту фактот дека во прашање е само предлог кој ќе трпи промени. Работната процедура во ЕУ, со сите гласања и имплементации, може да се оддолжи и по 2020. година, а самиот систем важи за преку 60 земји ширум светот. „Нѐ враќаат наназад, а велат дека одиме кон ЕУ“, велат некои од граѓаните на Балкан.

„Визите се сосем поинаков систем. Тие претпоставуваа набавување на обемна документација, од тоа колку пари има патникот, колкава му е платата, дали има повратен билет... Сега ќе треба само да се отиде на интернет и да се пополни формулар. Едноставно и без други трошоци, освен за такса“, објаснува за ДВ Александра Штиглмајер од Европската иницијатива за стабилност (ЕСИ). 

Dimitris Avramopoulos (Getty Images/AFP/J. Skarzynski)

Еврокомесарот Димитрис Аврамопулос објаснува дека не се враќаат визите

Своевремено, ЕСИ, со Александра Штиглмајер како програмска директорка, беше предводник на оние гласови во ЕУ кои се залагаа за што побрза визна либерализација за Западен Балкан. Таа денес вели дека ЕУ оправдано е принудена на воведување ваков систем поради зголемениот безбедносен ризик од терористички напади и поради бегалската криза.

Со зголемувањето на безбедноста на надворешните граници на Шенгенскиот простор се обезбедува истовремено и непречено функционирање на Шенген како зона на слободно движење, смета Александра Штиглмајер, објаснувајќи - ЕУ сега работи на систем кој веќе одамна функционира во САД, Канада и Австралија.  

„На патниците во интернет-формуларот ќе им биде барано да го внесат своето име, адреса, датум на раѓање, податоци за пасошот, контакти, каде патуваат, како и евентуални информации за болести, дали престојувале во подрачја зафатени од војна, дали биле кривично гонети, одбиени или депортирани претходно од ЕУ. Сето тоа се врши електронски, како и плаќањето на таксата. Одговорот би требало да стигне најдоцна во рок од 72 часа“, објасува Штиглмајер.

Колку ќе чини таксата?

Европската комисија во ноември 2016. година, кога излезе со предлог за ЕТИАС, издаде и детален водич за патниците. Во него е наведено дека за пополнување на формуларот на посебна интернет-страница или апликација ќе бидат потребни десет минути. Сите податоци се наоѓаат во пасошот или друг патен документ.

Плаќањето на таксата исто така е предвидено да се врши  по електронски пат. ЕК предлага таксата да чини пет евра по барање, а еднаш добиеното одобрение важи за неограничен број влегувања во Шенгенскиот простор во рок од пет години или до истекот на важноста на пасошот.

Комисијата на Европскиот парламент за граѓански слободи (ЛИБЕ) таквиот предлог го измени во десет евра по барање и со важност од три години. „ЛИБЕ, како прва инстанца во процедурата на одлучување, изврши измени. Тоа исто така може да се преиначи, зашто ЕП прво мора да го усвои предлогот, а конечниот збор го имаат земјите - членки. Советот може да ги менува тарифите, а идејата е системот да биде самоодржлив“, истакнува Александра Штиглмајер.

Такса нема да плаќаат помладите од 18 години и постарите од 60 години, ниту студенти, научници или членови на семејства на граѓани на ЕУ. Во ЕК појаснуваат дека во случај на недостапност на интернет, трети лица ќе можат да ги пополнуваат формуларите наместо патниците и посебно ќе се води внимание за достапноста  и начините на електронско плаќање во одделни држави.

Исти правила за сите

Во ЕУ очекуваат најголем број од барањата - преку 95 проценти, автоматски да бидат одобрени во рок од 72 часа и одобрението да стигне на интернет-адресата на подносителот на барањето. Во компликувани и нејасни случаи од автоматска ќе се преминува на мануелна обработка на барањето, при што рокот за одговор може да се продолжи на две седмици. Во случај на негативен одговор, подносителот на барањето има право на жалба.

„Визите беа многу поризични во поглед на одбивањето на барање за влез во Шенген. Овде тоа ќе биде минимално. Претпоставка е дека ќе бидат одбивани 0,2 проценти, а можеби и помалку“, вели Штиглмајер, укажувајќи дека во САД овој систем главно ги одбивал оние чии пасоши се водат како украдени или загубени.

Од Европската комисија, но и Александра Штиглмајер, на крајот го нагласуваат фактот што ваквиот систем не се воведува, ниту се однесува само на граѓаните на Западен Балкан. „Постојат 60 земји со безвизен режим, од кои секоја година преку 30 милиони граѓани ја посетуваат ЕУ. Оваа мерка ќе важи за триесет милиони луѓе, а не само за патниците од Западен Балкан. Точно е дека е мала пречка, но ЕУ нема да го менува предлогот само поради Западен Балкан, а целта е јакнење на внатрешната безбедност“, заклучува Штиглмајер.

 

Реклама