Нема македонско малцинство: Стар рефрен во нова изведба | Северна Македонија | DW | 01.12.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Нема македонско малцинство: Стар рефрен во нова изведба

Реакција само заради спомнување на македонско малцинство - повод е дебатата за Извештајот од набљудувањето на демократијата, владеењето на правото и основните права во Бугарија.

Не треба да дозволиме непостоечки термин како т.н „македонското малцинство“ да се користи за притисок врз Бугарија, ниту по повод реформите во областа на правосудството кај нас, ниту по повод преговарачкиот процес на Република Северна Македонија со ЕУ. Вака, европратеникот на ГЕРБ, Емил Радев, ги коментирал обидите на претставниците на левицата во Европскиот парламент да го внесат прашањето за македонското малцинство во извештајот на Групата за набљудување на демократијата, владеењето на правото и основните права, која ја посети Бугарија во септември.

Реакцијата на европратеникот Радев е опширно објавена на веб-страницата на партијата ГЕРБ, откако претседателката на делегацијата, холандската пратеничка Софија ин'т Велд од либералната група „Обнови ја Европа“, го презентирала извештајот на состанокот на Комитетот за граѓански слободи, правосудство и внатрешни работи во ЕП.

Темата не е „гума за џвакање“

Но, оваа реакција на Емил Радев конкретно се однесува на изјавата на европратеничката од Ирска, Клер Дејли. Во дебатата за извештајот од мониторингот во Бугарија, таа посочила дека ЕК не прави ништо иако во Бугарија постојано има нарушување на владеењето на правото, а изразила и разочарување што во извештајот не се споменува дискриминација и говор на омраза кон македонското малцинство.

„Македонско малцинство во Бугарија нема, тоа е позицијата по која не треба да дозволуваме компромиси и очекувам да опстоиме едногласно со сите бугарски колеги во Европскиот парламент, без разлика на нашите политички определби. И најмалото заигрување со темата, кое си го дозволуваат крајно левите популисти, како ирската европратеничка Клер Дејли, е во спротивност со вистината и во нејзината суштина претставува неправеден и тенденциозен напад кон нашата земја. Интерпретациите за темата, најблаго речено, се спротивни на европските вредности и немаат место во дебатата за владеење на правото во ЕУ“, рекол европратеникот од ГЕРБ.

Повеќе: Бугарскиот страв од македонско малцинство

Тој потсетил дека прашањето за македонското малцинство било засегнато и во резолуцијата за владеење на правото во Бугарија, усвоена од ЕП пред една година.

„Сметам дека треба зрело и конструктивно да гледаме на дискусиите за владеење на правото и борбата против корупцијата во Европа, без да толерираме какви било двојни стандарди кон нашата земја. Со покренувањето на прашања како она за т.н. ‘македонско малцинство’, постои ризик, наместо да се покаже притисок за реформи во правосудниот систем, да се генерираат нови проблеми. Европа е чувствителна на темата за малцинствата, но таа тема не треба да претвори во ‘гума за џвакање’ на популистите, а европската говорница не треба да се користи за такви цели (...) За жал, сведоци сме дека дека во принцип обидите на европски институции да се вовлечат во решавањето на внатрешнополитички спорови повеќе ни штетат на имиџот на нашата земја, отколку што ни помагаат“, рекол Емил Радев.

Пресуди има, спроведување нема!

Не е првпат прашањето за македонско малцинство во Бугарија да предизвикува реакции кај тамошните политичари. Слични реакции имаше и во октомври годинава, кога американската конгресменка Клаудија Тени на поткомитетот за надворешни работи во Претставничкиот дом потсети дека Бугарија има 16 пресуди од Европскиот суд за човекови права за прекршување човековите права и правото на здружување на македонското малцинство. Таа го праша заменик помошникот секретар на САД, Габриел Ескобар, што прават американските власти за да осигураат дека Бугарија ги исполнува своите обврски како членка на НАТО, во врска со таквите прекршувања на човекови права.

„Нашата амбасадорка во Софија, заедно со нејзините европски партнери, работи на терен да осигура дека овие проблеми ќе бидат адресирани. Нашето партнерство со европските партнери е засновано на вредности, не само на заедничкиот интерес, туку и на споделените вредности и сè што ја нарушува таа врска е причина за голема загриженост за нас“, одговори Ескобар.

Eingang des Europäischen Gerichtshofs für Menschenrechte

Бугарија има 16 пресуди од Европскиот суд за човекови права за прекршување човековите права и правото на здружување на македонското малцинство

Исто прашање пред еден месец му беше поставено и на претседателот на Европскиот суд за човекови права Роберт Спано - за неспроведните пресуди на овој Суд од страна на Бугарија.

„Постои јасна разлика меѓу улогата на Судот да изрекува одлуки и посебниот оддел на Советот на Европа кој го надгледува спроведувањето. Претседателот на Судот не е тој што треба јавно да дава коментари. Меѓутоа, општото начело е сосема јасно, тоа е дека секоја земја-членка на Советот на Европа е обврзана со Конвенцијата да ги спроведува пресудите на Судот. Во голем број пресуди Судот потсетува на ова начело и државата мора да ги спроведе одлуките на Судот во духот на Конвенцијата“, изјави Спано пред еден месец.

Повеќе: Македонското малцинство во Бугарија како страшило

Без исчекор

Но, до денес нема никакво поместување од страна на Софија за ова прашање, а ставовите за непостоење на македонско малцинство се засилуваат во време кога властите од двете земји се обидуваат да најдат решение за спорните прашања. Во контекст на барање решение, бил и вчерашниот телефонски разговор Заев-Радев.

„Дијалогот на високо ниво е од клучно значење за градење доверба и надминување на спорните прашања во односите меѓу Бугарија и Република Северна Македонија“. Ова, како што соопшти кабинетот на Радев, бил заедничкиот став на бугарскиот претседател и на македонскиот премиер, во телефонскиот разговор, за кој се потенцира дека бил „на иницијатива на премиерот на југозападната сосетка“.

Belgien | Bilaterales Treffen Zoran Zaev und Rumen Radev

Заев и Раде имале телефонски разговор, по што е издадено кусо соопштение

„За време на разговорот беа разгледани аспекти од билатералните односи меѓу Бугарија и Република Северна Македонија, ефективното почитување на правата на луѓето кои отворено се изјаснуваат како Бугари во нашата југозападна соседка, како и за европската перспектива на земјата“, се вели во кусото соопштение.

Во сите досегашни разговори меѓу Скопје и Софија, доминира барањето за почитување на правата на Бугарите во РСМ, и нивното влегување во Уставот, но не и барање за реципроципрочни мерки – истото да важи и за македонското малцинство во Бугарија. Министерот за надворешни работи Бујар Османи како причина за тоа го посочи уставното уредување во Бугарија кое не признава организирање на граѓаните по етничка основа, но и дека за индивидуалните прашања надлежен е Советот на Европа и Судот за човекови права во Стразбур.