1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Нема договор за Делчев во македонско-бугарската комисија

БГ
16 октомври 2020

Работата на мешовитата историска комисија ќе продолжи и понатаму, откако на дводневната средба во Скопје бил постигнат мал напредок. Што ќе значи тоа од политички аспект, историчарите не сакаат да коментираат.

https://p.dw.com/p/3k3EW
Nordmazedonien Bulgarien Historikerkommission
Фотографија: Government of North Macedonia

Македонските и бугарските историчари по дводневните разговори во Скопје не постигнале договор за ликот и делото на револуционерот Гоце Делчев, но најавија дека разговорите ќе продолжат на уште една средба до крајот на годинава и уште 5 закажани за следната година. Ко-претседателот од македонска страна Драги Ѓоргиев оцени дека бил постигнат мал напредок и побара повеќе трпение за нивната работа. За неговиот колега од бугарска страна, Ангел Димитров атмосферата и резултатите од разговорите биле како денешното време во Скопје:
„Сиво и облачно со малку сонце“, но со надеж дека ќе дојдат повеќе „сончеви денови“.

Официјална Софија го условува почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ во декември годинава со конкретни резултати од средбите на историчарите. Конкретно, се бара признавање на Гоце Делчев како етнички Бугарин од македонска страна. Димитров денеска објасни дека на таа тема не може да се преговара.
„Ние не водиме преговори, туку научна дискусија и целта е да бидеме коректни кон историските факти. Идентитетот на Гоце Делчев го определил тој самиот, не можеме ние“, рече Димитров и дополни дека решението ќе се бара „во иднина“.
Ѓоргиев беше порезервиран во изјавите, оценувајќи дека се воделе „интензивни и напорни дискусии“ со мали чекори напред. Обајцата инсистираа дека политиката не треба да врши притисок врз комисијата за побрзи резултати.
Освен за Делчев се дискутирало и за средновековната историја во однос на претставувањето на Светите Кирил и Методиј, Самоиловото царство и други настани од тоа време во македонските учебници.
Со оглед на последните најави од Софија за намерата да се прогласат Кирил и Методиј за „бугарски просветители“, Комисијата ја повторила претходно постигнатата согласност дека се работи за „сесловенски и христијански просветители". За јазикот и идентитетот не се разговарало.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи