Нели за историјата ќе расправаа историчарите? | Северна Македонија | DW | 14.10.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Нели за историјата ќе расправаа историчарите?

Новите барања од Софија до Скопје, повторно ја отсликаа улогата на политиката во расчистувањето на историските „спорни прашања“. Граѓаните во таквиот чин гледаат удар врз добрососедството

Премиерот Заев минатата недела за денеска најави средба со историчарите од нашиот тим во заедничката македонско- бугарска Комисија за историски и образовни прашања. Повод се  „црвените линии" што ги исцрта бугарската влада како услов за македонската интеграција во ЕУ,  а кои предизвикаа многу коментари во јавноста во двете земји.  Незадоволството е големо во Северна Македонија, но и меѓу бугарските граѓани.

„Не знаеме што сакаат политичарите. Нели рекоа дека за историјата ќе расправаат историчарите. Зошто тогаш темата пак се враќа кај политичарите? Не ми мириса на добро", коментира Георги, 50-годишен жител на Банско, додека го реди во дворот огревното дрво за зимската сезона.

Сите се молиме за исти нешта

Малото бугарско гратче е омилена зимска туристичка дестинација на Македонците, но и за време на празничните викенди. Најомилено место им е централната пешачка улица преполна со продавници и ресторани во кои доминираат изворни и новосоздадени македонски песни.   

„Ние немаме никаков  проблем со Македонците. Тие ни се драги гости“, вели Георги. Иван, неговиот сосед и сопственик на ресторан се вклучува во разговорот.

„Овде ние не разговараме за историја. Луѓето доаѓаат да се одморат, да планинарат, да скијаат, да се опуштат... Еве, се подготвуваме да ги пречекаме гостите и во новата сезона. Набавуваме дрва за банските печки. Да биде топло, удобно. Жал ми е што, откако тргнаа на добро работите меѓу двете земји, сега пак се создава проблем. Не ни треба такво нешто. Ние, луѓето од две земји, добро се разбираме. Ако политичарите сакаат да печалат поени, тоа нека го прават на друг начин, не преку нешто што може да предизвика поделби меѓу нас", категоричен е Иван. 

Ни тој ни соседот не сакаат да даваат „официјални“ изјави. Велат дека зборуваат како обични луѓе, соседи и пријатели на Македонците. Неодамнешните барања на Бугарија со кои се условува мекедонскиот евроинтеграциски пат, ги коментираат на свој начин.

„Јас живеам во сегашноста. Ако губам време да расправам што било во минатото, ќе си ја ризикувам иднината, ќе си го изгубам ‘лебот'. Треба да се работи, а не да ни помине времето во јалови дебати. Сега се вратив од  црквата ‘Св. Тројца'. Колку што имаше Бугари, толку имаше и Македонци. И сите се молат за исти нешта - здравје, мир, спокојство... Поважна ли е историјата од тоа", прашува Иван. 

Symbolbild Mazedonien Bulgarien Fahnen Flaggen (AP Graphics/DW Fotomontage)

Нова линија на поделби

Ставовите на локалните жители не се поразлични од оние на групата бугарски интелектуалци, кои неодамна во  петиција со контра-декларација остро ги искритикуваа позициите на нивната влада.

„Негирањето и потценувањето на македонската култура создадена во последните децении може само да поттикне омраза кон Бугарија. На овој начин, бугарската рамковна позиција, наместо да ги зајакне нашите врски засновани врз нашата заедничка историја, ќе се претвори во нова линија на поделба исполнета со сомнеж и непријателство. Сето ова е длабоко вознемирувачко и го доведува во прашање севкупниот развој на преговорите во иднина“, наведоа тие во декларацијата.

Но,  барањата на Бугарија,  и очекувањата од побрзи резултати од заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, веќе им отвори дополнителна работа на политичарите. Македонскиот премиер Зоран Заев, како што најави минатата недела, денеска ќе се состане со македонските членови на таа Комисија, еден ден пред нивната нова средба со бугарските колеги историчари. На претстојниот состанок на дневен ред е повторно прашањето за  Гоце Делчев,  за кое без успех завршија последните три состаноци на Комисијата.

„Бугарија има интерес од нашиот прогрес кон ЕУ. Овие денови ќе имам контакти со Бојко Борисов. Нашите министри се во постојана комуникација. Бугарија ќе биде најгласниот поддржувач за отпочнување на преговорите со ЕУ. Јасна ми е дебатата и во Македонија и во Бугарија за нашиот револуционер. Во понеделник ќе имам состанок со комисијата, која пак на 15-ти октомври ќе има средба. Да го отвориме патот за младите, за децата, за идните генерации", најави Заев минатата недела.

Драги Ѓоргиев, претседател на македонскиот тим експерти во заедничката Комисија изјави дека средбите ќе продолжуваат без разлика што ќе се случува на политичко поле со Бугарија.

„Ние сме академска Комисија и од тој аспект ќе продолжи нашата работа без премногу да се фокусираме на тоа што се случува во политиката. Ќе продолжиме и понатаму со тоа, а штом разговараме верувам дека има простор да се најде решение. Може да се најде решение со добра волја од двете страни. Разговорите ќе кажат какво ќе биде тоа решение. Нема да има жртви ниту на едната, ниту на другата страна, а доколку условно кажано има жртви историски на едната или другата страна тогаш не е постигнат договор. Мора да бидат двете страни еднакво задоволни од тоа што ќе се постигне", изјави Ѓоргиев.

 

DW.COM

Реклама