Незадоволни членови бараат „дегруевизација“ на ВМРО-ДПМНЕ | Северна Македонија | DW | 12.03.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Незадоволни членови бараат „дегруевизација“ на ВМРО-ДПМНЕ

Форумот на слободни патриоти не е единствен кој укажува дека дел од членството на ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од Груевски. И според други партиски извори, незадоволството против него - расте!

Сликата што премирот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски сака да ја наметне во јавноста дека постои силно и цврсто единство во партијата во време на длабоката политичка криза, не се отсликува на теренот, тврдат членови на оваа партија. Според нив се повеќе расте разочараноста и гневот од начинот на кој, не целата Влада туку една група послушници и извршители собрани околу премиерот, ја приватизирале државата за свои потреби и ги узурпирале институциите.

Ваквите состојби ги потврдуваат и членови на ВМРО-ДПМНЕ кои неодамна го формираа Форумот на слободоумни патриоти (ФСП), како „принципиелен патриотски и морален одговор на нивната се поголемата загриженост за правецот во кој се движи Република Македонија“. Од Координативното тело на Форумот, кое е во постојан контакт и разговори со членството, тврдат дека „расположението во партијата е многу сменето.“

Не правиме пуч!

Среќни сме што секој ден се повеќе членството на ВМРО-ДПМНЕ се охрабрува и ја сфаќа реалната состојба за начинот на кој владеел Никола Груевски во изминатите девет години, а го нарекуваме 'груевизам', вели универзитетскиот професор, Јове Кекеновски, кој е еден од основачите на Форумот.

„Ако во најголемата хрватска партија се случи „десанадеризација“, кај нас мора да се случи „дегруевизација“, бидејќи политиката што Груевски ја практикува нема никаква допирна точка ни со програмските документи, ни со идеологијата, ни со доктрината на ВМРО-ДПМНЕ. Тој ги напушти сите фундаментални партиски принципи. Ако демохристијанската ориентација налага државна и партиска политика заснована на морални критериуми, почитување на демократските права и слободи, ако налага среќата на индивидуата или групата да се бараат во среќата на сите членови во општеството, повеќе од јасно е дека досегашната политика на ВМРО-ДПМНЕ не оди во таа насока и е погубна за партијата, но пред се, за државата. Како Форум на слободоумни патриоти, бараме од премиерот Груевски да си замине од политичката сцена ако навистина и мисли добро на државата“, порачува Кекеновски.

Jove Kekenovski Professor an der Fakultät für Tourismus in Ohrid

Јове Кекеновски

Форумот го формирале бидејќи немаат пристап до партиско тело каде би го кажале својот став.

„Ние, постарите членови на ВМРО-ДПМНЕ, не сме членови на ниту еден партиски орган или тело. Ние денес немаме пристап до ниеден комитет. Затоа одиме на терен, но и кај нас доаѓаат и пристапуваат многу членови. Ние не правиме пуч. Само сакаме да го сплотиме членството во една насока - да се запре валкањето на образот на партијата и на државата од страна на неодговорни функционери. Груевски мора да го слушне гласот на членството, иако мислам дека е свесен за големото незадоволство. Секако, има дел од членството кое му дава безрезервна поддршка на премиерот, но само заради сопствените привилегии и сопствениот џеб. Мудар и искрен политичар не би се потпирал на нив“, вели Кекеновски.

Партиски калкуланти

Кога пред две недели беше дистрибуирано соопштение дека се одржала седница на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во проширен состав, на која му била дадена „целосна и безрезервна поддршка на претседателот Никола Груевски, на Извршниот Комитет и на Владата за справување со предизвиците наметнати од неодговорното однесување на СДСМ“, во јавноста се појавија сомнежи дали воопшто се одржала таква седница. Мотивите за тој сомнеж ги подгреа нетипичното однесување на владејачката партија која вообичаено секој свој чекор го екранизира, а овој пат немаше ни тв-снимки и фотографии од седницата, ниту пак детали каде се одржала.

Извори од партијата кои не сакаат да откријат детали, уверуваат дека таа навистина се одржала.

„Имаше многу присутни. Дојдоа и градоначалници и директори на јавни претпријатија и други функционери поставени од ВМРО-ДПМНЕ. Обраќањето на премиерот беше прекинувано од силни аплаузи. Се смета дека на тој начин, со акламација е верификувана поддршката за она што тој го говореше и го побара од присутните: дека нема да дозволи спроведување на туѓи сценарија и насилно превземање на власта и дека сите што наумиле да ја воведат државата во такви сценарија добро е со време да се откажат. Имаше апел до сите членови и симпатизери да ги збијат редовите во одбрана на државата и нејзините интереси“, објаснува соговорникот.

Но, и покрај декларативната поддршка, признава дека расте незадоволството меѓу членството.

„Она што ги револтира членовите е што постојано се повторува една иста приказна. Кога се случија познатите настани во хотелот „Панорама“ поврзани со расколот Георгиевски-Груевски, дотогаш најверните поддржувачи на Љубчо, одеднаш ги снема. Не сакаа да се изјаснат зад кого ќе застанат. Не сакам да ги спомнувам со име, самите ќе се препознаат. Едниот одеднаш реши да се посвети на запоставените студии, друг да оди на магистратура во странство, трет да се посвети на семејството. Имаше многу такви. Кога Груевски стана лидер на партијата, а потоа и премиер, на истите тие калкуланти пак им даде функции, а оние што трчаа за идејата, за партијата, останаа на маргините. Сега истите тие калкулантски ликови никаде ги нема да се појават во јавноста. Затоа е револтирано членството и прашува: 'Кој да го поддржува сега Груевски? Оние на кој се сеќава само кога ќе дојдат избори или оние негови функционери претплатени на постојани привилегии кога е се мирно, а кои кога е густо никаде ги нема'? Тоа создава голем револт“, објаснува соговорникот.

Mazedonisch-griechisch Verhandlungen Namenstreit in Ohrid

Никола Димитров (лево на фотографијата)

Тајно фракционерство

Заради создавање слика за монолитноста на партијата, а пред се, за стабилни позиции на Владата, на нож беа дочекани и апелите на поранешните функционери на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Димитров, Владимир Лазаревиќ и Перо Димшоски за заштита на партијата и враќањето на довербата и темелните вредности.

„Нема да дозволиме ВМРО, врз која заедно со АСНОМ почиваат темелите на Република Македонија, да биде историски делегитимирано, поради група луѓе кои го изгубиле политичкиот компас. Луѓе кои знаат каде е штабот на ВМРО-ДПМНЕ, ама заборавиле кои се идеалите и вредностите на ВМРО. Јас не сум чест гостин во штабот, ама знам дека кога МВР ќе стане штаб на партијата, се укинува државата“, напиша Никола Димитров. Неговото обраќање до членството на ВМРО-ДПМНЕ, беше дочекано со канонада од напади и тврдења дека тие тројца никогаш не биле партиски членови, дека немаат капацитет, дека работат против партијата и дека се „заставници без војска“, односно без приврзаници зад себе. Притоа, се премолча колку од денешните функционери во власта и министри во Владата на ВМРО-ДПМНЕ биле членови на Демократска алтернатива, СДСМ и други партии. Во почетокот, дојденците во ВМРО-ДПМНЕ од други партии меѓу членството иронично беа нарекувани „нововерци“. Но, денес во партијата на власт јавно не се зборува за ваквите состојби. Статутот на ВМРО-ДПМНЕ не дозволува формирање на партиски фракции. На сила се препораки до месните комитети членството да се држи исклучиво до препораките од Централниот Комитет.

„Токму забраната за фракционерство, а во контекст на срамот и незадоволството што произлезе од содржината на прислушкуваните разговори, може да произведе неформални фракции, кои тајно или полутајно ќе функционираат на терен, а во еден момент може да се обединат против раководното јадро на на партијата“, вели член на владејачката партија, објаснувајќи дека има големи стравувања во раководството на ВМРО-ДПМНЕ од таков можен епилог. Засега како најкритични биле детектирани состојбите меѓу членството во Прилеп и Битола, а последниве деновиве и во Крушево.

Поврзана содржина