1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најавен е крај на бугарските „златни пасоши“

ЕМФ | афп
13 јануари 2022

Новата влада на Бугарија најави крај на давањето на т.н. златни пасоши. Софија ја донесе ваквата програма во 2013 година. Од неа досега профитираа пред сѐ богати Кинези и Руси.

https://p.dw.com/p/45Su7
Bulgarien Bulgarischer Pass
Фотографија: BGNES

Кабинетот на премиерот Кирил Петков својата намера за прекин на давањето „златни пасоши“ ја образлага со фактот што не се постигнале очекуваните резултати, односно програмата за давање златни пасоши не довела до значајни инвестиции во бугарската економија.

Европската комисија ја критикува праксата на давање државјанства во замена за финансиски вложувања и одамна бара ставање нејзин крај. Комисијата ги критикува „златните пасоши“ и во други држави на ЕУ. Во 2020 година ЕК поради тоа поведе постапка против Кипар и Малта, а во јуни 2021 година се закани дека тоа ќе ја снајде и Бугарија.

Владата во Софија ја донесе ваквата програма во 2013 година. Од неа досега профитираа пред сѐ богати Кинези и Руси. За инвестиција од 500.000 евра тие добиваа постојан престој, а за двојно поголема сума - бугарско државјанство. Меѓутоа, во речиси секој втор случај се утврдени неправилности во постапката. Министерството за правда го истакнува особено примерот на инвеститори кои хартиите од вредност или новостекнататите недвижности ги продавале веднаш по добивањето државјанство.

Кирил Петков стана премиер со ветувањето дека ќе се бори против раширената корупција во земјата. Санкциите кои американската влада минатата година ги донесе против бугарски државјани и компании поради нивната улога „во корупцијата“ во земјата, се исто така делумно поврзани со издавањето на „златни пасоши“. Вашингтон на еден од Бугарите кои се под санкции му префрла дека создал илегален систем за брзо стекнување бугарско државјанство.