НАТО-самит на гестови и празни пораки | Свет | DW | 25.05.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

НАТО-самит на гестови и празни пораки

Без оглед на тензиите кои ѝ претходеа, средбата на лидерите на НАТО во Брисел, заедно со американскиот претседател Доналд Трамп, сигурно ќе биде прогласена за успешна, коментира Миодраг Шориќ.

Тешко дека некој може да го обвини за нефлексибилност: Доналд Трамп во претседателската кампања неуморно го повторуваше својот став за одвишноста од постоењето на НАТО. Сега американскиот претседател стои зад овој воен сојуз и тоа секогаш, во сите прилики. Трамп во неколку месеци изведе запрепастувачки пресврт, на големо олеснување на сојузниците. Зашто, сите знаат: вистинските или потенцијалните непријатели на Западот може да ги исплаши единствено сојуз со САД. Таканаречената обврска за помош на партнерите, дефинирана во членот 5 од Договорот за Северноатлантскиот сојуз, малку вреди без САД.

Сега Трамп очекува и Европејците да му излезат во пресрет. Денеска во Брисел и НАТО како институција пристапува официјално кон меѓународната коалиција против Исламска држава. Американскиот претседател дома тоа може да го „продава“ како надворешнополитичка победа со пораката дека уште на првата средба на НАТО успеал да ја натера Алијансата да се ориентира на нов начин. Европејците можат да му го дозволат тој триумф. Крајно, последиците од ваквиот заклучок се многу ограничени врз работата на Сојузот. Станува збор само за гест и ветување - ништо повеќе.

Soric Miodrag Kommentarbild App

Миодраг Шориќ

Германците да плаќаат повеќе

Преговорите можат да бидат жилави кај второто барање на Американците: тие сакаат сојузниците да даваат повеќе пари за одбрана. Трамп тоа ќе го бара на цел глас, токму како и сите негови претходници. И повторно ќе биде соочен со жесток отпор од Европејците. Но, ако во Брисел постои умеење кое е доведено до совршенство, тогаш тоа е способноста за формулирање компромиси, со кои секој може да се чувствува како победник. Конкретно во овој случај, тоа ќе значи Германија да се обврзе да издвојува нешто повеќе пари за воени трошоци. Но, целосна илузија е да се верува дека Берлин ќе го направи тоа или дури и дека сака во догледно време значително да го зголеми својот воен буџет. Германските социјалдемократи, помалиот коалиционен партнер во владата, кратко и јасно одбиваат такви барања. Средбата на врвот во НАТО на тој начин ќе остане самит на големи гестови и силни симболи. 

Ќе ги гледаме снимките од отворањето на новото седиште на НАТО, но без да слушаме некакви долги заеднички заклучоци. Крајно, на сите учесници на оваа средба најважно им е демонстрирањето слога. Сакаат јасно да покажат вложување во иднината на Алијансата, без оглед на сите гласини околу неговата пропаст.

Во својата историја, НАТО од сопствените членки беше подеднакво критикуван колку и користен. Тоа е тајната на успехот на НАТО: сите замерки и дури и одбивања, доведоа до спремност за сочување со новите предизвици. Треба да се признае: НАТО е сѐ само не совршен. Тој е одговорен за многу пропусти и грешки. Но, на крајот, и најголемите критичари, а Трамп донеодамна беше еден од нив, мораат да признаат - без НАТО светот би бил помалку сигурно место за живеење, отколку со него. Затоа и средбата во Брисел ќе биде успех. 

 

DW.COM

Реклама