НАТО врши предавство на своите принципи | Свет | DW | 08.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

НАТО врши предавство на своите принципи

Режимот на Ердоган остро се пресметува со наводните заговорници не само во самата Турција, туку и во НАТО. Алијансата тоа не смее да го дозволи, смета Макс Хофман.

Високорангирани турски офицери во НАТО добија безусловен отказ, мораа да ги предадат своите пасоши и да се вратат во Анкара со специјални патни документи кои не предвидуваат нивно враќање во Брисел. Оваа информација меѓу новинарите во Брисел се прошири уште рано есеноска. Истражувањата на бриселското студио на Дојче веле покажуваат што всушност се случува со овие офицери и нивните семејства. Некои од оние кои по обидот за пуч во јули се најдоа во визирот на режимот, за Дојче веле ги раскажаа своите лични стории. Станува збор за потресни приказни за разделени семејства, за мајки кои одеднаш остануваат без никакви приходи за да ги издржуваат своите деца, постојано во грижи за своите мажи ставени во затвор. Луѓе зависни од медицинска помош, кои ненадејно остануваат без државјанство.

Во прашање е хуманитарната димензија на која не ѝ е дадено потребното значење, ако турски офицери, кои се наоѓале на функции во НАТО, се уапсени и можеби подложени на мачења, зашто можни се далекусежни воени последици. НАТО-службеници кои немаат турско државјанство предупредуваат дека дел од искусниот персонал на Алијансата одеднаш е исчезнат. Вознемирувачки е колку е долга раката на Ердоган и колкава е суровоста и безмилосноста на турскиот претседател.

Помалку таинственост

Но, да почнеме од почеток, во вистинска смисла на зборот. Во Преамбулата на Северноатлантскиот сојуз од 1949 година стои: „Страните во овој договор... се решени да ја гарантираат... слободата на нивните народи, која се темели на принципите на демократија, слобода на личноста и владеење на правото.“

Јасно е како ден - режимот на Ердоган не се придржува веќе на овие принципи. Напротив, се чини дека Анкара во моментов дури ги одбива. Дали е тоа доволна причина за исклучување на Турција од НАТО? Ако земјата го продолжи започнатиот пат, одговорот би морал да гласи: „да“. Но, во моментов би било добро кога барем функционерите на НАТО би биле малку поотворени, помалку таинствени во врска со настаните во сопствениот главен штаб. 

Hofmann Maximilian Kommentarbild App

Макс Хофман

Не е доволно што генералниот секретар на Алијансата ја „начнува“ темата во дијалог со турската влада. И покажува задоволство што функциите на оние кои станале жртви на „чистките“ ќе бидат пополнети со нови луѓе. НАТО сака да биде сојуз на слободниот свет, материјал од кој се исткаени кошмарите на еден Владимир Путин, организација која не се повлекува уплашено од јавна осуда за случувањата во Турција. А што може наместо ова деновиве да се слушне во Брисел? Стерилни флоскули кои никого не повредуваат. Зад затворени врати можеби постои нејасно ламентирање поради „страшната ситуација“.

НАТО мора да заземе став, не само кога на неговите надворешни граници се случуваат лоши работи, како во Украина или во Сирија, туку и кога станува збор за скандали во самата Алијанса. Тоа е дел од задачите на бранителот на слободниот свет, иако е понекогаш болно. Во спротивно, целосно се губи довербата. Истражувањата на Дојче веле ја покажуваат целосната разочараност на засегнатите ифицери. Преку ноќ човек останува на цедило, „без минато и за жал, и без иднина.“ Но, нашите интервјуа покажуваат и нешто друго, како загубата на довербата се вкоренува и во семејствата, круговите на пријателите и колегите.

Загубена доверба

Причината не е само тоа што НАТО со својот молк ги издава своите сопствени принципи, туку што воениот сојуз преку ова може и воено да ослаби. Стотици турски службеници во институциите на НАТО во цела Европа и Северна Америка мораа да ги напуштат своите функции. Овие искусни, добро обучени војници, во најголем дел приврзени кон западните вредности, не можат да бидат заменети толку едноставно. Дотолку повеќе што компетентноста одамна не е одлучувачки критериум за Анкара, туку во преден план стои лојалноста кон режимот. Режим кој станува сѐ поопасен, а чија политика е сѐ понепредвидлива. 

Разбирлива е претпазливоста на НАТО. Со оглед на својата големина и стратешка положба, Турција е една од најважните членки на Алијансата. Таа располага со втора по големина армија во НАТО, веднаш по САД, но ако Алијансата сака да биде веродостојна и да ја задржи довербата на оние кои треба да ги штити, тогаш мора да престане да го вперува прстот само во други. Мора да ги види и гредите во своето око. Ако долгата рака на режимот на Ердоган стигнува дури до штабот на НАТО, партнерите во Алијансата мора тоа да го решат отворено и решително. Онака како што НАТО тоа го прави и со другите опасности. 

 

DW.COM

Реклама