Наместо демократијата, Иванов „го јакнел православието“ | Македонија | DW | 26.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Наместо демократијата, Иванов „го јакнел православието“

Зад религиската награда што ја добил Иванов во Москва, аналитичарите препознаваат обид на Кремљ за редизајнирање на геополитичките односи и добивање посредничко столче во македонската криза

Зачуденост и редица прашања предизвика соопштението дека претседателот Ѓорге Иванов е одликуван со наградата „Неговата Светост Патријарх Московски и на цела Русија Алексеј Втори“ за 2016 година. На свечена церемонија што ќе се одржи на 23 мај во москвиот храм „Христос Спасител“, наградата на Иванов ќе му ја врачи Патријархот на Руската православна црква, г.г. Кирил. Како што е објавено на официјалната веб-страница на претседателот, наградата му ја доделува Фондацијата за единство на православните народи, „за извонредна дејност во зацврстување на единството на православните народи и за утврдување и промовирање на христијанските вредности во животот и во општеството“.
„Престижната меѓународна награда која му се доделува на претседателот Иванов претставува признание на неговите заложби во зајакнување на меѓуправославните односи, улогата на религијата во општеството и воспоставување, односно јакнење на принципите на верска толеранција“, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на претседателот.

Религиска или политичка награда?

Иванов наградата ја добива во време кога и македонската и меѓународната јавност од него не очекуваат „јакнење на единството на православните народи“, туку враќање и јакнење на демократските процеси во земјата. Односно, очекуваат преиспитување на неговата противуставна одлука со која не го даде мандатот за влада на парламентарното мнозинство, потег - со кој ја втурна земјата во уште подлабока криза. Дотолку повеќе, што одлуката на Иванов предизвика непримерна реторика со потенцијал да ги загрози меѓуетничките односи, но и принципите на верска толеранија, за кои Иванов бил награден во Москва.

Kuba Russisch-orthodoxe Patriarch Kirill

Патријархот на Руската православна црква, г.г. Кирил

Цане Мојаноски, универзитетски професор и поранешен претседател на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи, вели дека оваа награда отвора многу прашања.

„Добивање на награда е почест за секој што ќе ја добие. Но, како граѓанин не сум упатен за тоа како и колку нашиот претседател дејствувавал на планот на 'зајакнување на меѓуправославните односи'. Можеби пооправдано и подоследно на православните принципи ќе беше таа награда да се најдеше во рацете на оние духовни творци од МПЦ кои на македонски јазик ги преведоа сите значајни свети книги и обезбедија да ги продлабочиме нашите знаења. Или во рацете на некој православен деец, на носител на свештенослужителска положба, некој од монашкиот ред или градител на црква. Не сум сигурен дека една ваква награда за политичар, шеф на држава, ќе биде во функција на меѓуверскиот дијалог. Да не заборавиме - ние сме мултирелигиска и мултиконфесионална земја, во која има повеќе религии и вероисповеди“, вели Мојаноски.

Со оглед на ваквите забелешки, има впечаток дека мотивите излегуваат од рамките на религискиот контекст.

„Тие што ги доделуваат наградите, ако добро не ги измериле заслугите, тогаш се губи сјајот и нивната суштина. Тоа ќе се доживее како чист политички чин и камче во обидите да се редизајнираат геополитичките и геостратегиските односи. Ако се има предвид македонскиот контекст и 'коментарите' на руските државни органи за состојбите во Македонија, како и пласирањето на тезите за нашата неизвесна судбина, тогаш, има ли доделувањето на наградата политички контекст и порака? Таа ќе ја јакне или ќе ја слабее Македонија? Како ќе се однесуваме ако други религиски асоцијации доделуваат награди за зајакнување на религиските односи? Има и други бројни прашања, кои се одраз на сложеноста, затегнатоста и специфичноста на македонското општество и состојбите во него. А тие состојби бараат трезвеност и од нас, и од нашите пријатели“, потенцира Мојаноски.

Само руски интереси

Покрај претседателот Иванов, добитници на наградата за 2016 година се и поглаварот на Коптската црква - патријархот Тавардос Втори, и градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин.

„Ако треба да се бара рационално објаснување за наградата која му се доделува на Иванов „за особен придонес во заштитата и афирмацијата на православните вредности во општеството и семејството“, секако дека нема да се најде“, вели новинарот Зоран Бојаровски, познавач на црковните прашања и проблеми.

„Тој ништо не направи за решавањето на расколот во кој се наоѓа МПЦ. Напротив неговата пасивност во однос на тоа прашање, само го усложнува и го одложува решавањето на тој проблем. Русите, тука мислам и на Руската православна црква (РПЦ) и на Кремљ, тоа многу добро го знаат. Свесни дека не можат ништо суштински да направат на црковен план со ситуацијата со МПЦ, ќе се обидат со политички игри, и РПЦ и Кремљ да бидат видливи, секогаш овде, во овие процеси“, оценува Бојаровски.

Според него, тоа е само дел од поширокиот мастер-план на Кремљ, кој смета дека треба да биде фактор во некои проблематични, невралгични точки во делови на светот, каде што има свои историски и стратегиски интереси.

„Балканот е една од тие точки. Македонија и кризата во неа, и тоа како се добредојдени за да се реализира оваа намера. Оттаму, оваа награда е само продолжение на непринципиелната игранка на Кремљ да заземе столче на неизоставен посредник во политичката криза. Тоа столче нема да го добијат ако се прашуваат стратегиските партнери на Македонија. Затоа тие играат со нашите 'вегетации' од политичари. Помпата што ќе се создаде со церемонијалноста на доделувањето на наградата, само ќе ги засили илузиите за поддршката на Москва. Таа награда има за цел да им испрати порака на Брисел и Вашингтон дека Москва има сојузници во Македонија. Тоа се само руски интереси. Тие пет пари не даваат за интересите на Македонија“, оценува Бојаровски, и потсетува дека барем на хартија, интересите на Скопје и Москва се сосема спротивни.

„Путин многу добро знае дека е добро РПЦ да му биде сојузник, зашто црквата, покрај него и армијата, се трите институции во кои веруваат најголем број Руси. Затоа Путин и го врати имотот на РПЦ, а секоја година од буџетот за црквата се издвојуваат приближно 100 милиони рубли“, потенцира тој.

Фондацијата за единство на православните народи која е формирана со благослов на рускиот патријарх, оваа награда ја доделила и на други претседатели на држави, влади, парламенти, поглавари на православни цркви, лидери на меѓународни организации, јавни личности и претставници на бизнис-заедницата. Но, анализата на тој список покажува дека меѓу наградените има голем број личности кои многу повеќе имале врски со руската политика, отколку со православието.

DW.COM

Реклама